Гласот на сенката (4) (есеј за македонската жена)

13.04.2018 17:42
Гласот на сенката (4) (есеј за македонската жена)

ПРИПАЃАЊЕТО КАКО СОЛИДАРНОСТ

Припаѓањето означува, недвосмислено, индивидуален ентитет. Тоа е својство инхерентно на една личност, која може себеси да се артикулира во однос на другите нешта или особености, но во суштината постои независно од нив. Во природата на групата е да ѝ се спротивставува на независноста, да ја уништи секоја автономија, да ги отфрла својствата на индивидуалната снага.
Копнежот по припаѓање дава сила. Во еден политички перформатив треба да се третира како енергија што се ослободува со физички или социјални движења.
Жената има тенденција да биде алегорија – ТАА не е она што го покажува, туку ТАА е она што произлегува од означителските комбинаторики и од структурата на околностите во заедницата. Новото значење не е само брош, налепница туку произлегува од значенската отвореност на поривот да се биде потпора, да се биде солидарен и на тој начин да се припаѓа. Нејзиното тело е скршено, распарчено, не од непријателот, туку од заедницата.
Затоа ТАА, со својата одлука да припаѓа станува и цитат, преносник, премостувач и преместувач на едно значење во контекст, онаму каде што тоа добива други значења. ТАА знае дека само така може да се остави трага од наслоените искуства.


Мисијата на припаѓањето е како фантазмот – јазол во кој се спојуваат желбата и нагонот, желбата и нејзиниот имагинарен објект. Фантазмот е местото каде што се воспоставува релација помеѓу субјектот и неговиот недостиг. Фантазмот е структура што го конституира субјектот. Така, и припаѓањето – тоа е низа настани што се одвиваат длабоко во онтолошките процеси на личноста.
Припаѓањето е структура што го конституира нејзиниот говор. Околу жената е потопло. ТАА е дом. Чувствувањето и сочувствувањето добиваат длабочина. Секакви топли ветришта дуваат околу нејзиниот дух, околу нејзината историја. Духот на жената зачудено седи мирно – каде ли бев досега, се прашува. Со ширум отворени очи тој гледа кон своето талкање, кон својата цврстина, кон самоотуѓувањето и отуѓувањето од историската заедница. Тоа е дух кој има лет на птица, далековидост на јастреб кој го пресекува ладното небо, лебдејќи носен од ветрот. Покровот над главата е само привид на нејзиното пребивалиште. Тој покров секогаш го поместувала, без никој да забележи. ТАА, таму, сместена во домот, го отворала покровот кон небото за да може да ги прими низ своето тело сите струења. ТАА е самиот покров, без крај. И токму заради таквиот однос на самоспознајноста, што немала потреба да ја промовира низ гласноста на јазикот, ТАА е нешто што постојано изненадува. ТАА го изненадува настанот, оној историскиот и вонисторискиот. Како реконвалесцент постојано рануван од концептот за заедницата, ТАА неретко мирно страда (и тоа не ѝ се допаѓа, но стамено го прифаќа), сепак нејзиното страдање е всушност ткаење на трпението со кое победува во најголемите битки. Не се плаши да умре. Да умре од љубов, да умре од посветеност, да умре за промената и исчекорувањето надвор од историјата.
Мудроста се изнедрува од болката. Низ трпението, низ трагите од раните и од безгласноста, се артикулираат сопствените „за“ и „против“. Се учат начелата на перспективата за секое вреднување и самовреднување. Со сопствени очи мора да се согледа хиерархијата. Мора да се сфати нужната неправедност во секое „за“ и „против“, неправедноста што е неделива од животот. Неправедноста што го условува животот, што е негов двигател. А неправдата секогаш е најголема онаму каде што животот е најштур, најскуден.


Во такви услови, ТАА поставува чудесни коридори помеѓу домот и светот, помеѓу себе и заедницата. Постои богатство на разни културни трансформации. Во рамките на тие можности, сепак се трасира одреден терен, се градат специфични концептуални арматури на политичкото, на јавното и на интимното. Тоа ѝ дава на една одредена група заокруженост и цврстина. Но, жената овде е отворен простор. ТАА не е хероина, ТАА е тело кое се разликува, кое сака своите разлики да ги втисне во сегашноста... ТАА не сака да биде концепт – ТАА едноставно Е. ТАА не дозволува рамка и заокруженост. ТАА е пунктум, миг на постојано исчекорување, изненадување. ТАА не сака да биде омеѓено поле и статична нарација. ТАА го деконструира сопствениот авторитет и со тоа има право да ја деконструира историјата на авторитетите.
Наклонета е кон автореференцијалност. Презира декларативност. Дејствува. Мисли. Создава. Низ нејзиниот идентитет на припаѓање се прекршуваат сите концепти на културата, се откриваат субјективните доживувања на културата и специфичните јазици и значења на многуте поткултури. Токму затоа идентитетот е фрагментиран, раскршен, испресечен по разни основи. Идентитетите – класен, родов, вредносен, верски – се проникнуваат, се преплетуваат. Како под лесна свилена наметка танцуваат љубовта, смртта, стравот, храброста, тагата, радоста. Идентитетот е нестабилен и променлив во однос на времето и на просторот. Хибридниот идентитет, каков што е нејзиниот, е резултат на промените во општеството, во микро- и макро-заедниците, што влијае на неможноста да се фиксира или да се затвори во културни обрасци.
Во контекстот што е хомоген, центриран, самодоволен, ТАА создава нoви текстови на културата. Во неа се крие потенцијата на еден разновиден, отворен, деконструиран свет, кој нуди поинаков наратив, отворен и интерактивен. Тоа е просторно-временски текст поставен самостојно, со силен интегритет, но и во еднакво силен сооднос со другите текстови на културата.
Припаѓањето некогаш се трансформира и во гест на жртвување – во речиси митски гест на посветеност на просторот, телото и чинот. Настанува своевиден контратрансфер – набљудувачот презема улога на перформер. Но, во тој перформанс не се очекува гест на пораката, туку се конструира егзистенцијата. Всушност, тоа е исчекор во друга биднина, каде што ТАА не е набљудувач, туку учесник. Така се воспоставува размена на афектите во која припаѓањето не е жртвена позиција, туку занесна можност и животна радост.


ЗА КРАЈ

Постојат неколку симболички, речиси митски традиционални точки на допирање, на одбивање, на размена, на болка, тага, рана, но и на радост што го одредуваат женското вонисториско тело.
Точка 1: Матка – заштита, скривалиште, соборност на умот, телото и срцето.
Точка 2: Плодност – можност за размножување, расејување на мислењето, на чувствувањето, на солидарноста, на прифаќањето, на храброста.
Точка 3: Раѓање – капацитет да се издржи болката што светот ја има иманентно во себе, но и болката што светот ја нанесува на онаа што ја нарекува понежна. Привилегија да се сознае дека тагата е чекор кон радоста и дека радоста и љубовта треба постојано и постојано да се сознаваат во обременетост. Шанса да се донесе на светот поинаква перспектива од маскулинистичката.
Точка 4: Мајчинство – множество на посветени, подвижнички активности што вплодуваат со грижа, сочувство, поддршка и темелно спознавање на другиот.
Тоа се точки што всушност се вмрежуваат, се проникнуваат, создаваат едно тело, еден крик и така вмрежени во својата контрадикторност прават да се почне пловидбата без восок во ушите низ сите Сцили и Харибди. Оти жената нема потреба да стави восок. ТАА сака да се соочи со искушенијата и со стравотиите што Сцилите и Харибдите ги ставаат на сцената на животот. ТАА има храброст постојано и постојано да го раѓа сопственото постоење, но и постоењето на Другиот, низ битка, низ љубов, низ одбивање, низ прифаќање. ТАА е одбиена, неретко омаловажена и обвиена во политичката меланхолија. Сепак, во својата одбиеност, истрајува да ја однегува и да ја преобрази својата потреба за припаѓање.


Нејзиното тело, нејзините мислечки процеси сакаат, копнеат да припаѓаат. Но, да припаѓаат по сопствена волја, а не по декрет на некоја институција, што сака да ја дисциплинира жената според своја мера.
Мрежата што моето тело, моето политичко, јавно и интимно тело ја гради, е мрежа врз која Алиса се обидува да го пронајде својот сон во земјата на насилството. Тоа значи дека станува збор за сон чија реалност минува низ многу замки, лавиринти, прекршени огледала, опасни владетели... За на крајот од приказната, во јавето, мрежата да има шанси да стане поцврста, со појасна траекторија на пловидба низ морето, каде што се води вечната битка да не се биде уловен токму во истата мрежа, што ја ткаеме самите ние, но која содржи материјали и од „наредбата“, „декретот“ на заедницата. Тие материјали треба да се заобиколат во процесот на ткаење.
Жената ја бара Другоста. ТАА својот интегритет нема пречки да го оствари преку другоста, оти без другоста не може да се постои. Токму затоа, нејзиниот јазик е јазик на храброста и на нежноста. ТАА е борец со најтемните думани на животот во потрага по артикулацијата на она што значи вистинска заедница, а не псевдо- заедница. Во своето патување ТАА често е ставена во занданата на нормираната култура што сака да ѝ го одреди местото.
Секоја жена е една уникатна Алиса. Патешествието на Алиса низ сонот е, од една страна, борба со нормираниот идентитет, потреба да се победи битката на сите пранги што ги создава неугодното во културата, но воедно е патување што сака да ги скрши стереотипите за жената. Стереотипот за нејзината слабост, но и за нејзината митска моќ. Не, жената е и кршлива и нежна, но и храбра и истрајна. ТАА носи тајни што не се соодветни на законите на логиката. Алиса е трактат за жената која сака да ја покаже нужноста од спротивставување во однос на педагогијата на културата. Нејзиниот идентитет е тајна. Нејзината болка е восхитна тајна. Нејзината радост е филигранска тајна.
(крај)


Овој текст е резултат на истражувањето спроведено на територијата на Прилеп, Битола и Крушево, а со фокус на жената, нејзините идентитетски, општествени поставености, клучни внатрешни и надворешни идентитетски одредници и еманципаторски заложби во периодот од 1900 до 1945 година, односно крајот на 19 и првата половина од 20 век. Текстот се потпира на историски и архивски податоци, усни искази, но не претендира да биде историски запис, туку феноменолошка арматура за социо-културните поставености на жената во овој период. Во прибирањето на историската и архивската граѓа еднакво учество земаа Христина Иваноска, Виолета Качакова, Билјана Тануровска-Ќулавковски и Искра Гешоска.

Фотографии: Eva Rubinstein
Извор: Музеј на женски приказни - Локомотива, New initiative, 2016

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото