Филм кој разоткрива важни политички фигури

01.09.2010 09:51
Филм кој разоткрива важни политички фигури

Во завршницата на филмот „Писател од сенка“, екранизација на романот „Дух“ од Роберт Харис, на приемот по повод излегување од печат на автобиографијата на поранешниот британски премиер, едно хартиено ливче кое содржи виитална информација за расплет на драмата оди од рака во рака сè додека не стигне до говорникот. Ама ние никогаш нема да дознаеме што точно пишувало на него.

За разлика од книгата на Харис, каде читателот ја дознава содржината на ливчето, режисерот Роман Полански се решил за елузивност. Дали тоа е нов тренд во кинематографијата, каде гледачот се води до крајот и потоа се остава во магла, како што беше случај и со филмот „Белата лента“ на Михаел Ханеке? Не баш.

Паралели со животот

Додека кај Ханеке можете да испишувате цели тетратки со толкувања на крајот, кај Полански сè е многу поедноставно: постои само една можност, и тој веројатно сметал дека не мора да ја покаже. Меѓу другото, Полански е режисер од стариот ков, барем според денешните мерила. Дури и кога прави метафорички филмови („Станар“), тој во толкава мера го стеснува просторот за интерпретација што гледачот не мора претерано да се мачи за да сфати за што станува збор во филмот.

„Писател од сенка“ имаше премиера на берлинскиот филмски фестивал, каде освои награда за режија. Паралелите меѓу филмот и животот сами се наметнаа. Полански ја одбрал приказната за политичарот кој се решил за престој во САД, бидејќи го обвинуваат за воени злосторства, а најмоќната земја во светот е една од ретките кои не ги испорачуваат обвинетите на Хашкиот трибунал.

И самиот режисер најде прибежиште во Франција бидејќи таму не може да се најде на удар на американскиот суд кој речиси четири и пол децении го бара поради силување малолетничка. Бидејќи политичарот воопшто не е симпатична личност, тешко е дека режисерот се одлучил на ваков проект поради таа сличност. Исто така, се истакнуваше дека Полански го привлекла контроверзната тема со која се занимава романот: имено, Харис своевремено го поддржувал Тони Блер, сè додека овој не почна да се залага за ангажман на британските воени сили во Авганистан. Своето разочарување од овој политичар го изразил преку портретирањето на ликот Адам Ланг, шминкер и бонвиван, кој започнува подем во кариерата благодарение на сопругата и врските со ЦИА.

Дали тоа бил мотив за филмот на Полански? Тешко. Него политиката – се чини – никогаш и не го интересирала толку многу, а со писателот Харис се запознал бидејќи сакал да го екранизира неговиот авантуристички роман „Помпеи“, ама никогаш не успеале да најдат финансиери, па романот „Дух“ се покажа како наредната најдобра опција. Зошто? Би рекол, најпрвин поради приказната во која има само пет-шест важни ликови од кои некои некогаш ја треселе, а други и сега ја тресат политичката сцена. Најинтригантен лик е жената која сопругата ја конципирала како свој личен проект за потоа да биде шутната на страна, бидејќи нему повеќе му се допаѓа згодната секретарка.

Притоа, вистинскиот јунак не е политичарот туку писателот кој е ангажиран „за услуга“ анонимно да ја напише неговата автобиографија, циник кој нема почит кон никого, а притоа не е задоволен ни со себе, бидејќи на кориците на таа книга авторот никогаш нема да го види своето име. Настаните во филмот асоцираат на евтините трилери во кои важните случувања се вршат преку анонимците: судбината ги вплеткува во нешто што не можат да го контролираат, иако на прв поглед изгледа дека се во состојба за такво нешто, а казната за таа дрскост е прилично висока. Е, тоа е веќе нешто што сигурно можело да го заинтересира Полански!

Измамена жена

Впрочем, споредбите со „Кинеска четврт“, па и „Розмариното бебе“ се поважни од разглобувањата за Тони Блер и прастариот случај со силување.

Кога Полански ја доби наградата за режија на берлинскиот фестивал, многумина помислија дека жири-комисијата се солидализирала со режисерот кој тогаш се наоѓаше во швајцарски притвор. Можеби тоа малку и било пресудно, меѓутоа, неоспорно е дека филмот е виртуозно режиран со вештина која денес ретко се среќава во современата кинематографија.

За нереалниот амбиент придонесува и фактот дека американските локации всушност се инсценирани на северот на Европа, а куќата во која се одвива главното дејствие всушност е студио, со сугестивен поглед низ прозорецот кој е создаден со помош на компјутер. Протагонистот, кој воопшто нема име, совршено се вклопува во галеријата јунаци-губитници на режисерот: иако Харис го осмислил, Полански го профилирал додавајќи му го својот конечен зачин – еврејското чувство за фатализам.

Извор: jutarnjilist.hr