1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 04:59
Ветување: Ќе ја реформираме Комисијата за заштита од дискриминација
[Извор: Изборна програма на СДСМ, (2016), „План за живот во Македонија“ (стр.35 и стр.233)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето на СДСМ дадено за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) дека во првите шест месеци од мандатот „ќе ја реформираат Комисијата за заштита од дискриминација “, досега (13.04.2018), не е исполнето.
Ова изборно ветување на социјалдемократите е посочено во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ , најнапред во поглавјето „Контрола над власта“, во делот „Човекови права“, каде на стр.35 е наведено дека воспоставувањето на систем на целосно отстранување на сите форми на дискриминација во Република Македонија ќе биде еден од приоритетите на новата Влада.
За таа цел, ќе ја реформираме Комисијата за заштита од дискриминација, која ќе прерасне во независно, стручно тело со зголемени надлежности, составено од лица кои се вистински посветени на заштитата на ова човеково право.
Ветувањето за реформирање на Комисијата за заштита од дискриминација го има и на стр.233 од изборната програма на СДСМ, во „ПЛАНОТ 180 – ИТНИ РЕФОРМСКИ ПРИОРИТЕТИ НА НОВАТА ВЛАДА ВО ПРВИТЕ 6 МЕСЕЦИ“, во делот „Правда, сигурност, контрола на власта“. Што значи според рокот за реализација наведен во програмата (првите шест месеци од мандатот) реформата на Комисијата за дискриминација требаше да биде направена најдоцна до крајот на ноември 2017 година (имајќи предвид дека новата Влада предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 г.). Сепак, наспроти ваквите планови досега (13.04.2018) , иако се поминати повеќе од десет месеци, тоа не се случи,
Организацијата на работата и надлежностите на Комисијата за заштита од дискриминација, како и изборот и разрешувањето на нејзините членови, се уредени со Законот за спречување и заштита од дискриминација, донесен во 2010 година. На овој закон во изминатиот период се направени неколку измени, а последен пат е менуван во јануари 2018 година (околу условот за познавање на англиски јазик).
Проверката на „Вистиномер“ покажа дека до моментот кога е пишуван овој текст (13.04.2018), не е донесено ново законско решение кое ќе овозможи да се реформира Комисијата за заштита од дискриминација.
Пред една недела (04.04.2018 г.) медиумите пренесоа известување од Мнистерството за труд и социјална политика (МТСП) дека е во подготовка новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација.
Со овој закон се уредуваат превенцијата и забраната од дискриминација, облиците и видовите на дискриминација, постапките за заштита од дискриминација, како и составот и работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. (МТСП)
Неодамна (20.03.2018), пак, медиумите информираа дека Венециската комисија ѝ препорачала на власта да ја зголеми независноста на Комисијата за заштита од дискриминација. Порталот „Сакам да кажам“ пренесе дека Венецијанската комисија забележува дека:
Во нацрт-законот нема доволно заштитни механизми со кои се обезбедува вистинска независност на Комисијата, особено за избор и разрешување на членовите на Комисијата. Комисијата бара да се преиспитаат одредбите за предвремено престанување на мандатот на членовите на Комисијата, бидејќи тие ја ограничувале независноста на Комисијата, како и да се тргне одредбата со која на Комисијата и се брише правото за поднесување жалба до Државниот управен инспекторат во случај Комисијата да не постапи во законскиот рок
Имајќи предвид дека рокот за исполнување на ветувањето (ноември 2017 г.) е поминат, а допрва се подготвува нов законски текст, ветувањето на СДСМ дека „ќе ја реформираат Комисијата за заштита од дискриминација “, го сметаме за неисполнето.
Инаку, Комисија за заштита од дискриминација брои седум члена кои ги избира Собранието на јавен оглас, со мандат од пет години, без право на реизбор. Оваа Комисија за првпат е формирана во јануари 2011 година, а на нејзината конститутивна седница за прв претседател беше избран Душко Миновски, во тоа време вработен во Министертството за труд и социјална политика. Освен Миновски, во овој состав на Комисијата за заштита од дискриминација беа и проф.д-р Ризван Сулејмани, проф.д-р Јован Ананиев, Агим Нухии, Ирена Ѓорѓиова, Ленче Коцевска и Даниела Паунова.
Актуелниот тим на Антидискриминациската комисија е избран во јануари 2016 година, а во него се: Тони Науновски, Александар Даштевски, Александар Спасеновски, Нена Неновска – Георгиевска, Јован Ананиев, Ирфан Дехари и Беким Кадриу.
ИЗВОРИ:
Изборна програма на СДСМ: План за живот во Македонија (стр.26 и стр.233) [Пристапено: 13.04.2018]
Тајм.мк (20.03.2018): Венециската комисија ѝ препорача на власта да ја зголеми независноста на Комисијата за заштита од дискриминација и да не ги менува предвреме членовите [Пристапено: 13.04.2018]
Сакам да кажам (20.03.2018): Венециската комисија ѝ препорача на власта да ја зголеми независноста на Комисијата за заштита од дискриминација и да не ги менува предвреме членовите [Пристапено: 13.04.2018]
Журнал (17.01.2018): Македонија доби комисија за антидискриминација [Пристапено: 13.04.2018]
Тајм.мк (12.01.2018):(ВИДЕО) Кои се новите членови на Комисијата за заштита од дискриминација [Пристапено: 13.04.2018]
МТСП – Закони од областа на социјалната заштита [Пристапено: 13.04.2018]
МТСП- Законот за спречување и заштита од дискриминација [Пристапено: 13.04.2018]
Македонски полициски синдикат – Закон за изменување и дополнување на Законот за спречување и заштита од дискриминација – прва измена 2018 [Пристапено: 13.04.2018]
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.
Извор: Вистиномер