1020 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 05:59
Демократија - тоа е општествено уредување во
кое оние што те пљачкосуваат наместо
другар те викаат господин.
Ете, се случи во иста недела во медиумите и во јавноста паралелно да струјат две „важни“ вести: „стигнаа лавовите“ и „не стигнаа парите за антикорупциска“. Некој ќе помисли дека се работи за случајно поклопување и произволна релација помеѓу два настани блиски само по времето на случување. Но не, не се работи само за временска релација, туку и за нешто повеќе.
Имено, бидејќи парите наместо за антикорупциска ги дадовме за лавовите, сега очекувам од нив одговорност за борбата со корупцијата. Таа борба треба да ја водат митските креатури на нашите уметници, кои творат толку посветено што не знаат ни колку заработуваат, па мораат своите жени-икономки да ги ангажираат за тоа. Ми е мака, да ви кажам, да терам иронија со целава ситуација, бидејќи уште еднаш покажавме дека за работите од општ, јавен и национален интерес имаме племенска свест: наместо да го јакнеме системот кој ќе работи за подобро функционирање на правната држава, која на сите ќе ни ја донесе толку потребната ПРАВДА, ние ја јакнеме митологијата, која ете проценето е дека попрво ќе нè спаси од сè што не мачи. Сега кога ќе ве пецне или здоболи некоја неправда во општеството, мора да платите мито, ќе ве одбијат на конкурс каде сте поквалификуваи од примените, немојте ни да сте помислиле да барате одговорност од државата, власта, партиите, институциите; не, не, никако. Јасно ви е кажано кој треба да нè чува: лавовите. Сега ќе појдете до пунктовите во кои сите како општество сме вложиле и кои треба да нè чуваат од јадовите и неправдите на реалноста, та таму изјадајте се и барајте чаре. Фино лепо, сите маки на хартија и приложете претставка до лавовите на мостот Гоце Делчев и чекајте тие да ви се обратат со решенија. Би било убаво, ех, уште кога некој би се досетил, да стави поштенско сандаче на сите четири лава, па да имаме каде, како господа, да ги оставаме своите поплаки и претставки. Е, тоа веќе би бил вистински сервис за граѓаните!
Предлагам, за да останеме доследни на таа линија на „градење и јакнење на државата и институциите“, да почнеме да применуваме соодветни законски мерки и казнена политика како што се оние кои функционираат во некои африкански земји со богата историја и митологија. Еве, на пример, една од нив вели дека ако во една од африканските земји погрешно се паркирате, полицаецот е должен да ви ја скрши шофершајбната и со тоа инстантно да ве санкционира за сторениот прекршок. Извонредно ефикасен казнено-поправен систем! Тоа ни треба!
Но чекај, има еден проблем, како да го казниш вака граѓанинот, а во исто време да му измолкнеш и пари за направениот прекршок? Оти ако државата не се опари некако од граѓанинот, ништо не си направил, не си извлекол пари за буџетот, нели? Еве се досетив и на тоа: ќе му ја скршиш шофершајбната и ќе му оставиш контакт информации за овластен сервис (кој е избран на регуларен тендер) за тоа каде може да си ја поправи! Супер, ете чаре и за тоа. Сè се може кога се сака.
За жал, и на штета на сите нас, се работи за сериозни рабоќе: поткопување на институциите на државата, и тоа, замислете, од самата држава! Но зошто, како, кој, што? Глупости, невозможно, ќе рече некој. Како што беше из-егземплирано во еден од претходните текстови на овие веб страници, потценувањето на политичките тајфи е најпогрешното нешто што можете да направите ако сериозно се обидувате да ја разбиете матрицата која ја управува нашата реалност.
Имено, обидете се да анализирате вака: што ако, крајно хипотетички кажано, во целосно научно-фантастичен фазон, некој, таму си некој, не знам баш кој, плански ги уништува институциите за во создадениот хаос полесно да владее без каква било контрола? Хмммм, тешко веројатно, но интересно, нели? И јас да сум некој политички паша, би се помислил на ова: поколеничи сè тоа што треба да врши некоја контрола по државата, прибери ги под свое или уништи сè што „легално“ не можеш да ставиш под свое и накриви си ја капата. Парламентот треба да контролира? Направи циркус од него.
Антикорупциска сака нешто да воведе некаков ред? Што, не можеме да ги ставиме под свое? Аха, ок, не пуштај пари. Тоа е тоа: целта ги оправдува сите буџетски средства, а власта без каква било контрола е врвна цел за секоја политичка тајфанарија. И затоа добиваме „време на овој партиски поглавар“, „време на оној партиски поглавар“, време на оваа партија, на онаа партија“... А кога ќе дојде „времето на народот“, зарем народот во своја држава не може да има свое време? Кога ние ќе осетиме дека нешто решаваме во оваа држава, освен за тоа кој поглавар ќе ја толчи државата и ќе молзе капитал за своите олигархии? Ова народот би требало да биде архаизам, и да зборуваме за граѓани и граѓанско општество, но далеку сме ние од тој стадиум.
И така, драги мои, мислејќи на овие теми и шетајќи низ скопскиот ГТЦ ти го гледам Ќиро (како кој Ќиро, еден е Ќиро) со уште неколку господа до него. И се сетив, не знам само како и зошто, на концептот на „еквидистанца“. И си викам, е мој Ќиро, колку само не те исплукаа кој стигнеше, а уште ти ја користат доктрината на еквидистанца. Да, да, Ќиро, многу ефикасно се користи само што сега е малку изменето кон што сме на дистанца: политика на еквидистанца од ЕУ и Русија, од НАТО и Иран, од Чавез и САД, со сите нив сме ние на еквидистанца, така и треба, оти сериозна светска велесила како нас и треба да заземе таква маркантна стратешка позиција. И ми текна исто, не знам како и зошто, на неговиот параф, заедно со оној на рахметли Изетбеговиќ, на платформата за формирање на т.н. скратена Југославија, за „лабавата“ асиметрична федерација на Србија (со Косово), Бих, Македонија и Црна Гора. Иако оваа творба никогаш не се ни разгледа сериозно, а камоли да се спроведе, по толку години интересно е да се види како по некоја игра на историјата, или можеби, ако љубите малку повеќе мистерија, по некој тајновит план, сите овие земји (делумно минус Црна Гора која си го најде излезот од ваквото федерирање), пак се во ист котел.
Добро, можеби не се нарекува федерација, или каква и да е Југославија, можеби се нарекува западен Балкан, што и да е, но дека се во ист котел, навистина се: Србија во борба со своите духови на минатото и слабите инситуции, БиХ разјадена од внатрешниот триумфират, Косово изблокирано од Србија и Русија во секој обид за исчекор на меѓународен план и ние, тука, во боречки костец во грчко-македонски стил со „нашиот јужен сосед“. И по сиве овие години скратената Југославија на Ќиро и Алија дише заедно, а како тргнале работиве, заедно и ќе се иструполи во Европа и НАТО, онака во пакет, со политичка одлука, оти стандардите за таму (од економски до правни) се чини никогаш нема да ги достигнеме, најмногу затоа што нашите „елити“ не наоѓаат свој интерес во тоа.