Спектрите на кусиот расказ во едицијата - Друга приказна

16.04.2018 01:21
Спектрите на кусиот расказ во едицијата - Друга приказна

1. Во воведната студија кон Антологијата на кратката прозна форма во француската литература, насловена како Шуми под море според краткиот расказ на големиот патник, поет и романсиер Жан Оризе, Влада Урошевиќ ја скицира појавата и сушноста на кусиот расказ на следниот начин: „Од сите книжевни облици обликот на кратката прозна форма е секако најмлад. Него ќе го роди духовната клима од почетокот на XIX век, целиот оној бран на незадоволство со веќе постојното што ќе го бои европскиот романтизам, побуната против строгата поделба помеѓу книжевните родови што ја имаат наталожена класицистичката поетика, општото отфрлање на конвенциите и страсното барање на новото. Краткиот прозен облик ќе настане во Франција. Но во подготвувањето на почвата за неговото појавување ќе влијаат дела дојдени од другаде…“ (Урошевиќ, 1994: 7).

Определувајќи ја кусата прозна форма како израз на една топла валентност и специфична потреба на француската литература и култура, Урошевиќ ќе го изнесе мнението дека во ниедна друга национална книжевност оваа прозна форма не земала таков замав и не дала такви резултати, но и тоа дека таа одамна ги надминала рамките на францускиот јазичен израз и станала еден општ јазичен феномен. „Тоа го докажува“, вели тој, „и денес нејзиниот сè поголем расцут во светски размери“ (Урошевиќ, 1994: 20).

Една од првите теориски презентации на поетичките начела на краткиот расказ кај нас што ја охрабруваат транспозицијата на кусата приказна до книжевната критика, а со тоа и до публиката, се случува кон средината на осумдесеттите години од минатиот век со текстот Фрагментот како уметничко дело. Во него, Елизабета Шелева го согледува ова специфично книжевно ткиво како „енергетски поим што стои во тесна врска со прозниот ритам и книжевната постапка.

„Во зависност од величината на конструкцијата“, вели таа, „секој елемент на структурата добива различна функција, моќ и оптоварување во однос на прозната целост, па така – помалиот книжевен облик има поголема енергетска моќ и поинтензивен прозен ритам. Сето ова е значајно за да се сфати дека краткиот расказ не е ниту хендикепиран (поради отсуството на целовитата епска структура), ниту концизна верзија на ‘обичниот’ расказ туку нова, специфична појава чија структура се остварува со синтеза на текстовните и вонтекстовните значења“ (Шелева, 1986: 53).

Во поновите промислувања на оваа тема теоретичарите му приоѓаат на краткиот расказ како на една од најпопуларните форми на прозно творештво во светот денес, а како нему карактеристични книжевни постапки и модалитети ги издвојуваат елиптичноста, фрагментарноста, лудистичноста, значенската недовршеност, отсутноста на временски и просторни детерминанти, хибридизацијата и доминацијата на граничните облици на раскажување (расказ – есеј, расказ – роман, расказ – песна, расказ – писмо, расказ – запис, расказ – енигма), инклинирањето кон жанровската ентропичност, ефектите на дисконтинуираната стварност итн. (Ќулавкова, 2007: 448).

На иста линија со споменатите теориски согледби стои и определувањето за природата на расказот што го искажува Александар Прокопиев по повод прозното остварување Три дена во Париз на Емил Крстевски. Иако согледбите во овој случај го разгледуваат расказот во однос на романот, искажаните поставки сосема успешно можат да се применат и во промислувањето на поетските начела на кусиот расказ во однос на „конвенционалниот – обичен“ расказ. „Жанрот расказ,“ вели тој, „на многу помал број страници од романот, се инспирира од истите универзални теми – љубов, ерос, смрт, разделба… – но токму поради збиениот, интимен простор, доаѓа до израз мајсторството на раскажувачот во кратки кадри да го исполни со интензивно доживување што ќе му го пренесе на читателот“ (Прокопиев, 2017).

Изведувањето на разликите што произлегуваат од долгото, екстензивно раскажување со кусото, збиено раскажување, ја потенцираат специфичната природа на збиениот простор во кој авторот ја пренесува својата мисла и смисла. Ова своевидно оддалечување од „романоцентричната“ визура во која ужива книжевноста денес, како централен сегмент го посочува специфичниот момент на креативно напојување кое авторите на кусиот книжевен исказ го артикулираат рефлексивно во своето писмо. Токму во таа смисла на мигновно создавање смисла, кусиот расказ го потврдува светот, вели Михајло Пантиќ во своите теориски опсервации на оваа тема: „Надвор од расказот“, вели тој „светот одвај да постои, и тоа во некоја немушта, невообличена состојба. Ergo, светот се вообличува преку расказот. Расказот е антрополошка константа. Во него се складира човечкото знаење, искуство, имагинација, свест дека постоиме. Расказот е посебен вид на мемориска ‘црна кутија’: се што е битно се наоѓа во неа…“ (Пантиќ, 2001: 5).

2.
Општо познато е дека краткиот расказ ја има својата предисторија во усната народна приказна, а ја конституира својата историја како пишана книжевна традиција. Оваа книжевна форма, за која се вели дека „се развива во дослух со цивилизациските, културните и идеолошките констелации и поредоци“ (Ќулавкова, 2007), ја обезбедува својата жанровска посебност според примената на хронолошко – историските и стилско – формациските принципи на проучување на книжевноста.

Во таа смисла, последниве десетина години и во македонската книжевно – културна средина постојат мислења кои ги согледуваат тековите и резултатите на краткиот расказ како дел од традицијата и континуитетот на современата македонска литература (Тоциновски, 2015: 219). Како сосема свежа потврда на изнесените мислења можат да послужат објавите на збирките со куси раскази од едицијата Друга приказна, која произлезе како резултат на истоимениот скопски книжевен фестивал посветен на малите фикции. Фестивалската хроника го бележи одржувањето на првото издание на Друга приказна во паркот на франкофонијата во Скопје во 2016 год., кога преку темата Книжевноста и активизмот во фокусот на вниманието беше поставено прашањето за начините на кои кусиот расказ се среќава со музиката, ликовноста и со новите медиуми.

Второто фестивалско издание од 2017 год. Се одржа според ориентирот Слобода Сон Љубов воведувајќи ја со тоа поетиката на надреализмот како централна фестивалска тема во отворените разговори, книжевни читања и работилници пред градската панорама од Музејот на современата уметност на скопското кале.

3.
Кога во 2016 год. Беа објавени малите приказни Стар сум во Скопје од Давид Албахари, лауреатот на првото издание на фестивалот Друга приказна, ретко кој имаше сосема јасна претстава дека со тоа беше означен почетокот на една мошне интересна и специфична литературна авантура. Она што започна со објавата на овие шеснаесет мали концептуални приказни за староста, продолжи со објавите на кусите авторски прози што како поздрав до Албахари ги упатија Оливера Ќорвезироска и Владимир Мартиновски. Надоврзувајќи се кон објавите на споменатите автори свои други приказни во периодот помеѓу двата фестивала раскажаа уште и Иван Шопов, Пандалф Вулкански, Румена Бужаровска, Владимир Лукаш, Ирена Ристиќ, а заедно со нив беа објавени уште и куси раскази од современата американска писателка Лидија Дејвис и од српскиот автор Бојан Бабиќ. Со одржувањето на второто по ред издание на фестивалот на малите фикции, свое место во едицијата најдоа и кратките прози од тројца македонски автори: Влада Урошевиќ, Огнен Чемерски и Лидија Димковска.

Она што може да се каже за овие тринаесет книжиња спакувани во симпатичниот и непретенциозен формат на тенок џебен бележник, кој ретко кога надминува повеќе од триесеттина и кусур странички, е дека претставуваат синтеза на специфичниот креативен рефлекс што се јавува како одговор на комуниколошкиот критериум на умешно пренесена порака. Значенските координати врз кои почива едицијата се мошне богати и разновидни и тие можат да се согледуваат од аспектот на учесниците во книжевниот проект.

За уредниците, целите на едицијата Друга приказна се совпаѓаат со целите на фестивалот, па во таа смисла нејзиното значење се објаснува како обид за поширока популаризација на книжевноста; како своевидно преиспитување на улогата што ја има книжевноста во општеството, но и како низа книжевни преиспитувања и преосмислувања што се однесуваат на жанровските граници во книжевноста, на релациите на книжевноста со „популарното“ и „елитното“, „високото“ и „ниското“, ангажираното и ескапистичкото; на улогата што ја има писателот во новите локални и глобални контексти, како и на осмислувањето и практикувањето на нови стратегии за културни поврзувања на локално, регионално, глобално ниво.

Освен овие глобални конјунктури, едицијата Друга приказна во себе носи и една друга страна која ги сензибилизира лошите состојби во кои опстојува издаваштвото кај нас и се однесува на начините на реализација на книжевниот производ според мерките што се преземени во поглед на редуцирање на издавачките трошоци. Такви се ограничената дистрибуција на изданијата, отсуството на називот/лого на издавачката куќа, како и отсуството на каталошкиот опис во публикација (CIP, Cataloguing in publication) како стандардизирана и меѓународно препознатлива ознака на секоја книга.

За авторите, впуштањето во литературната авантура на Друга приказна пред сѐ претставува можност за најразновидни композициски, тематски и стилски експериментирања. Предизвикот да се опфати „светот во мало“ според способноста да се набие смисла во стегнатиот простор што го нуди кусиот книжевен израз за поголемиот дел од македонските автори што се застапени во едицијата претставува прв обид да се твори според критериумите на кусата проза, иако многумина од нив веќе се препознатливи раскажувачки имиња, потврдени пред читателите со своите прози. За читателите, пак, овие фрагменти, минијатури, микроцелини, куси или флеш раскази претставуваат своевидни естетски провокации кои на поинаков начин ги мобилизираат навиките на читањето, ставајќи ги едновремено во погон рационалното и имагинативното мислење.

4.
Еден поглед кон зрното од кое произлезе литературната авантура на едицијата Друга приказна ја посочува објавата на збирката куси раскази Стар сум од Давид Албахари во Србија како резултат на мошне умешно замислени и организирани книжевни средби на авторот со ученици од неколку белградски гимназии (Огњановиќ, 2014). Имено, авторот дошол до идеја да направи печати со својот потпис и заедно со неколку различни изреки кои не се однесуваат само на пишувањето и на книжевноста, туку и на животот воопшто (како на пример: Од каде би знаел, што е што; Јас сум твоја книга; Кратка приказна – долга тишина; Оваа книга не е книга, ова е посебен свет; Писателот е печат итн.), и овие печати да ги користи како посвета при потпишувањето на книгите што ги добивале учениците.

Оттука изреката Писателот е печат поместена на внатрешната страна од корицата на македонското издание на Стар сум (Стар сум во Скопје) добива качество на книжевен манифест на кој се надоврзуваат објавите на кусите прози од Оливера Ќорвезироска и од Владимир Мартиновски како кратки поздрави упатени до него.

Сепак, повеќе од јасно е дека објавите во едицијата Друга приказна не се писанија во класичната смисла на епистоларната традиција, ниту проза што може да се подведе под определбата расказ – писмо, туку кратки фикции создадени во најразновидни поетики од богатиот спектар на прозните книжевни видови.

Поаѓајќи од кусите прозни остварувања на Оливера Ќорвезироска (Новелички без шеќер), Лидија Дејвис (Седам на сонце…), Иван Шопов (091 – Антиразгледници од Скопје), Бојан Бабиќ (Жирафи во катакомби) и Влада Урошевиќ (Барокна подморница), во едицијата Друга приказна следиме прози создадени во поетиките на хаибунот (Мачка во магла на Мартиновски), расказ испеан во рима (Текстилна поема од Пандалф Вулкански) и хипнографски записи (Спиј на Румена Бужаровска). Меѓу кусите прози се поместени писанија што ги препознаваме како фејсбук записи (Будно пратим од Ирена Ристиќ, Велалучка колиба, под Водно од Огнен Чемерски), дневнички записи (Отаде Л. Американски дневник (5.10. – 23.10. 2016)) од Лидија Димковска), но и специфични „четива“ осмислени во поинаков семиотички клуч како ритмички и мелодиски вежби (Радишански прелудиуми на Владимир Лукаш),.

Новелички без шеќер од Оливера Ќорвезироска понудува 20 куси раскази со кои авторката, влегувајќи во литературната авантура, сосема слободно вникнува во културната и идејната традиција поставена со кусите раскази од збирката Стар сум во Скопје. Заземајќи ја удобната позиција на книжевен антипод кој се насладува од можностите на интерпретацијата, Ќорвезироска создава мултиплицирана стварност, која можеби својот најголем израз го наоѓа во парчето насловено како Хајделберг (never mute – always too loud), каде трипартитната прозна структура на исписот е раководена според смената на книжевните постапки што се карактеристични за исповедта и патописот кои исцртуваат сосема специфична наративна рамка преку која приказната се внесува во дејството и добива статус на сведоштво.

За разлика од впечатокот на нагласено угледување на прозите на својот адресат што го презема Ќорвезироска, Мартиновски во неговите поздрави до Албахари останува доследен на поетиката што ја негува според начелата на хибридното книжевно ткиво на хаибунот.

Кратките прози од неговата книшка Мачка во магла го насочуваат вниманието кон искуствата поникнати во оние длапки од секојдневието каде восхитот од природата (испеан во хаику) се среќава со искуството од урбаното живеење (раскажано во проза). Силна упатеност кон аспектот на урбаното е присутна и во минијатурите на Иван Шопов, осмислени и обединети под насловот 091 – Антиразгледници од Скопје, во кои централно место е отстапено на движењето низ градскиот простор и неговото доживување преку играта и (пре)откривањето.

Свое место во едицијата наоѓа и американската писателка на куси раскази Лидија Дејвис, која во 2013 год. Ја добива Букеровата награда. Како наслов на изборот на куси раскази од оваа авторка е одбран расказот – фрагмент: „Седам на сонце со својата мала пријателка на скалите пред влезот: јас читам една книга од Бланшо, а таа си ја лиже својата нога“, кој можеби на најдобар начин го потврдува восприемањето на Дејвис од страна на книжевната критика како писателка за писатели, односно, автор чии што дела бараат искусен и посветен читател подготвен на жртва (Ђурић Пауновић, 2014).

Бојан Бабиќ со објавата Жирафи во катакомби е третиот странски автор објавен во едицијата Друга приказна. Неговите шеснаесет куси прози го насочуваат вниманието на читателот кон поединецот и неговото доживување на светот прикажано преку гласот на нараторот како своевидна анализа на најразновидни ситуации или идеи.

Со сосема поинаква книжевна постапка каква што е хипнографијата се служи Румена Бужаровска при обликувањето на кусите раскази поместени во нејзината збирка Спиј. Играјќи си со сонот како потенцијално читателско духовно искуство според координатите на меморираните доживувања, стекнатото искуство и содржините на индивидуалното и на колективното несвесно, овие прози ја оставаат отворена можноста да се испитува естетизацијата на сонот во сферата на книжевниот израз како и статусот на хипнографскиот книжевен испис во подрачјето на кусиот расказ.

Со уште поспецифичен пристап се одликува експерименталната објава на Владимир Лукаш. Неговите Радишански прелудиуми кои, како што самиот вели, не се раскажуваат на зборлив јазик, претставуваат нотни записи од девет композиции: Грбоболски валцер, Приспивна за Ели, Валцер за баба ми, Сонот на желката Фелдман, Музика за мрзливи звуци, Виц, Бесните глисти на црното маче, Мала дождовна прошетка, Прелудиум за сонливата дактилографка. Она со што овој концепт за книга го привлекува вниманието е трагањето по сплотеноста на литературата со музиката, а како теориска подлога во проучувањето на оваа релација може да послужи истражувањето на Софија Грандаковска во кое авторката ја истражува репрезентацијата на книжевната приказна како визуелен наратив (Грандаковска, 2007).

Изнесените постулати околу кои се согледува расказното со визуелното во случајот со објавата на Лукаш ја сугерираат можноста книжевниот феномен (во случајов кусиот расказ) да го промени медиумот на неговото претставување и со тоа да се објави постоењето на новото уметничко дело низ формите на другата уметност (музиката). Со тоа се отвора прашањето од областа на специјализираните семиотики каква што е семиотиката на музиката, кое храбро прашува дали кусиот расказ престанува да биде книжевна форма доколку стане музика, т.е. Расказ – музика, а од друга страна го наметнува прашањето дали и колку т.н. Расказ – музика ја повредува семантиката на категоријата расказ во неговиот познат и потврден книжевно – теориски контекст.

Во низата други приказни внимание привлекуваат и кусите прози поместени во збирките Будно пратим од Ирена Ристиќ и Велалучка колиба, под Водно од Огнен Чемерски. Иако овие писанија првично се објавени како фејсбук записи, нивното преземање и објавување во едицијата ја отвора можноста да се преиспитуваат реторичките конвенции на колоквијалниот и паракнижевниот дискурс толку својствен на совремието во кое живееме. При обидот да се легитимираат овие прози според степенот на артикулација на поетичкиот принцип што го содржат, тие го потврдуваат сфаќањето за кусиот расказ како книжевен дискурс со кој најслободно се искажува критичкиот однос спрема стварноста и центрите на моќ.

Во насока на оваа критички изострена линија може да се согледува и Текстилна поема од Пандалф Вулкански, но и патописните дневнички записи на Лидија Димковска насловени како Отаде Л. Овие прози кои настануваат во текот на книжевната турнеја на авторката низ Американскиот континент (од Њујорк, Балтимор и Вашингтон преку Ешвил, Ајова, Чикаго, Минеаполис, Сиетл, Окланд/Сан Фанциско сè до Лос Анџелес) ја согледуваат појавноста во нејзините најскриени нијанси и најситните факти што го сочинуваат секојдневието. Случајно или не, записите на Димковска како да се придржуваат до Сартровите упатства за водење дневник.

Тоа особено се однесува на умешното избегнување на опасностите при водењето на дневник што се притаени во претерувањето, во демнењето на самиот себе или во презасилувањето на вистинитоста (Сартр, 1966: 9).

Прегледот на кусите приказни од македонски автори застапени во едицијата Друга приказна го заокружуваме со триесеттината кратки раскази на Влада Урошевиќ објавени под насловот Барокна подмоница. Сфатени како своевиден гест на толкувачко разоткривање на стварноста, овие минијатури го наоѓаат обединувачкиот елемент во проникливото доведување на навидум неспоивите нешта од секојдневието во сосема хармонична меѓусебна врска.

Токму ваквото чувство на задоволство од изненадувањето на најдобар начин ја опишува енергијата на едицијата Друга приказна која продолжувајќи ја традицијата на кусиот расказ кај нас во сосема нови правци едновремено претставува и сериозен поттик за нови теориски промислувања на востановените книжевни и културни идентитети.

Литература:
Албахари, Давид. 2016. Стар сум во Скопје. Едиција Друга приказна. Скопје.
Бабиќ, Бојан. 2016. Жирафи во катакомби. Едиција Друга приказна. Скопје.
Бужаровска, Румена. 2016. Спиј. Едиција Друга приказна. Скопје.
Грандаковска, Софија. 2007. „Визуелната семиотика на расказот: расказ и расказ.“
Македонскиот расказ Зборник на трудови од научниот симпозиум одржан во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на 13 – 14 мај 2005 година. (ур. Александар Прокопиев и др.). Институт за македонска литература. Скопје.
Димковска, Лидија. 2017. Отаде Л. Американски дневник (5.10 – 23.10.2016). Едиција Друга приказна. Скопје.
Дејвис, Лидија. 2016. Седам на сонце со својата мала пријателка на скалите пред влезот: јас читам една книга од Бланшо, а таа си ја лиже својата нога. Едиција Друга приказна. Скопје.
Вулкански, Пандалф. 2016. Текстилна поема. Едиција Друга приказна. Скопје.
Лукаш, Владимир. Радишански прелудиуми. Едиција Друга приказна. Скопје.
Мартиновски, Владимир. 2016. Мачка во магла и други хаибуни за бубалки, птици и животни. Едиција Друга приказна. Скопје.
Прокопиев, Александар. 2017. „За неповторливата волшебност на животот.“ Нова Македонија.. Пристапено на 5.6.2017 год.
Огњановиќ, Мирјана. 2014. „Читај полека, мисли полека“. Окно.. Посетено на 20.5.2016
Пантиќ, Михајло. (приредил) 2001. Мала кутија 100 најкратки српски раскази на 20 век.
Македонски Пен Центар. Сигмапрес. Скопје.
Ристиќ, Ирена. 2016. Будно пратим. Едиција Друга приказна. Скопје.
Сартр, Жан-Пол. 1966. Тегобност. Култура. Скопје.
Тоциновски, Васил. 2015. „Современиот македонски расказ“, во: Лов на елени. Zajednica Makedonaca u Republici Hrvatskoj, Zagreb. MKD Ilinden Rijeka.
Ќорвезироска, Оливера. 2016. Новелички без шеќер. Едиција Друга приказна. Скопје.
Ќулавкова, Катица. 2007. „Светот на кусиот расказ“. Во: Македонскиот расказ Зборник на трудови од научен симпозиум. ИМЛ. Скопје. Стр. 63-66.
Ќулавкова Ката (приредила). 2007. Поимник на книжевната теорија. Македонска Aкадемија на науките и уметностите. Скопје.
Урошевиќ, Влада. 2017. Барокна подморница. Едиција Друга приказна. Скопје.
Урошевиќ, Влада. (составил и превел) 1994. Шуми под море. Антологија на кратката прозна форма во француската литература. Сигмапрес. Скопје.
Чемерски, Огнен. 2017. Велалучка колиба, под Водно. Едиција Друга приказна. Скопје.
Шелева, Елизабета. 1986. „Фрагментот како уметничко дело“. Современост. Бр. 1-2, стр.53-57.
Шопов, Иван. 2016. 091 – Антиразгледници од Скопје. Едиција Друга приказна. Скопје.
Ђурић Пауновић, Ивана. 2014. „Мање је много, много више: Кратке прозе Лидије Дејвис“.Летопис Матице Српске. Књига 494. Нови Сад. Стр. 862 – 868 Пристапено 14.10.2017 год.

 

Извор: Блесок

ОкоБоли главаВицФото