1000 ПЕСНИ ВО „СЕКОЈ ДЕН ПЕСНА“! (1)

16.04.2018 14:05
1000 ПЕСНИ ВО „СЕКОЈ ДЕН ПЕСНА“! (1)

Влада Урошевиќ

ПОЕТИ

По малку смешни
по малку храбри
прекрасно нецелосни
не донесувајќи го одговорот
на сите прашања
заради неколку збора
што не можат да ги најдат
допирајќи на минување
згради што не постојат
продолженија на инаетот
кој некогаш се вика
сон некогаш љубов некогаш поезија
ги берат ретките цветови
таму каде што утре ќе бидат
заедничките неделни паркови.


Лилјана Дирјан

РАБОВИ

Облече сосема нов фустан
застана пред огледалото
и таму ја гледаше таа
која не ја познава
сета кадифена модра ноќ
таа под фустанот
скриената
мека и осамена
ослепена
се наведна да го скине конецот од поставата
сакаше со тапите заби да го пресече
и свилата конец
се испара
и го снема телото
останаа само темницата
и огледалото.


Предраг Луциќ

ФИЛТЕР ЈУГОСЛАВИЈА

На црвената кутија Филтер Југославија
На Тутунскиот комбинат Прилеп
Со исти букви ново име стои
Наместо Југославија
Ориентал

Како сега да им објасниш на браќата
Кои ги острат глоговите колци
И до Поткорен до Гевгелија
Ѝ ги забиваат во мртвата ѝ почва

Дека веќе не можеш да дојдеш пред трафика
Да побараш Југославија и кибрит
Дека веќе никаде
Ама баш никаде
Не пали тој прастар штос

Па да се манат од пепелот нејзин
Зашто Југославија веќе
Не може никаде да отиде
Не може никаде
Не може нигде
Не може дури ни во чад

Превод: Игор Исаковски


Шунтаро Таникава

ПАРТАЛИ

Поезијата
дојде
пред зори

облечена
во гнасни зборови.

Немам ништо
да ѝ дадам.
Ми се нуди

нејзината гола снага
што се проѕира
низ крпите.

Уште еднаш
ѝ ги крпам
парталите.

Превод: Зоран Анчевски


Маргарет Етвуд

ПЕЈАЧОТ НА УТКИТЕ

Пејачот на утките одлута во темнината.
Го одмина уште една награда.
Таков беше и на училиште.
Претпочиташе темни ќошиња, се камуфлираше
со коса и уши на другите,
размислуваше за долги вокали, за глад,
за горчината на длабокиот снег.
Ваквите расположенија не привлекуваат сјај.

Зошто сум таков? Ги запраша сенките.
Овој пат тоа беа сенки на дрвја.
Зошто си го запустив животот?
Се отворив за твоите тишини.
Дозволив да ме поседуваат
бездушноста и перјето.
Голтав глувци.
Сега, кога сум на крајот, испразнет
од зборови и без здив,
ти не ми помогна.

Чекај, му рече утката безгласно.
Не постојат разлики меѓу нас.
Ти пееше од потреба,
како што пеам и јас. Пееше за мене,
за мојот честак, месечина, езеро.
Нашата песна е ноќна песна.
Малкумина се будни.

Превод: Зоран Анчевски


Збигњев Херберт

ЈАЗОЛ

Кога Господинот Когито мирно ќе остари, нема да колекционира поштенски марки, антички пари, а ни ретки книги. Ќе ја основа првата колекција на јазли во светот. Ќе се труди другите да ги убеди во волшепствата на тајните на јазлите.

Луѓето никогаш не ги ценеле јазлите. Ниту научиле да се восхитуваат пред нивната сложена убавина. Јазлите ги пресечувале со меч, како македонскион дибек или едноставно ги расплетувале, горди што сега имаат најобичен коноп, со кој може да се врзе прасе за дрво или да му се стави на ближниот околу врат.

Превод: П. В.

Рејмонд Карвер

КРВ

Бевме петмина крај масата
за коцкање, не сметајќи ги крупието
и неговиот помошник. Човекот
крај мене ги држеше коцките
во стегнатата дланка.
Дувна во прстите, рече:
Одиме, малечка! И се наведна
врз масата да ги фрли.
Во тој момент светла крв му потече
од носот и ја испрска
зелената чоја. Ги испушти
коцките. Се повлече вџашен.
И потоа ужаснат од крвта
што му течеше низ кошулата. „Боже
што ми се случува?“
извика. Ме фати за рака.
Ја слушнав машинеријата на смртта како се придвижува.
Но тогаш бев млад,
и пијан, и желен да играм.
Не морав да слушам.
Па си заминав. Не се свртев, никогаш,
ниту се бев сетил на тоа, сè до денес.

Превод: П. В.


Сесар Ваљехо

А АКО ПОСЛЕ ТОЛКУ ЗБОРОВИ...

А ако после толку зборови,
зборот не преживее!
Ако после крилата на птиците
птицата што во воздух стои не преживее!
Навистина подобро би било
да изедат сè и да завршиме со тоа!
Да са раѓа за да се живее од нашата смрт!
Издигање на небото кон земјата
поради нејзините несреќи
и да се демне на моментот кога со нејзината сенка
треба да се изгаси помрчината нејзина!
Навистина подобро би било
да изедат сè па што тогаш...!
А ако после толку историја потклекнеме,
не веќе од вечноста,
туку од едноставните работи, како што е тоа
да се биде дома и да се размислува!
А ако после откриеме,
ни пет ни шест, дека сме живееле,
ако се суди според висината на ѕвездите,
според чешелот и флеките на марамчето!
Навистина подобро би било
без одлагање да изедат сè!
Ќе речат дека во едното од очите
влечеме многу тага,
впрочем како и во другото, многу тага
и во обете ока, кога гледаат, многу тага...
Тогаш... Се разбира!... Тогаш... ни збор!

Превод: П. В.


Гане Тодоровски

НА ОВОЈ МАЛ И СТУДЕН ВЕК
(Рондо за Христо Полјански)

На овој мал (и студен) век
Му бевме загрејувачи -
Го топлевме со благорек
Му бевме одгледувачи…

На овој мал (и матен) век
Му бевме разбиструвачи -
Развлечени низ бујат тек
Му станавме толкувачи…

На овој мал (и колнат) век
Му бевме добри псувачи -
Нè мунѕоса со горкорек:
Му бевме побарувачи…

На овој мал (и сопнат) век
Му бевме разврзувачи -
Со ѕвек и сек, со непендек,
Сонувачи! Милувачи!…

На овој мал (и клекнат) век
Му бевме поткренувачи -
Му најдовме за простум лек:
Му бевме наздравувачи…

На овој мал (и клоцнат) век
Му бевме обновувачи -
Му бевме потсетник за штрек:
Спасувачи! Дарувачи!…


Јехуда Амихај

ТЕЛОТО Е ПРИЧИНА ЗА ЉУБОВ

Телото е причина за љубов,
а подоцна - тврдина што ја чува,
а подоцна - ќелија за неа.
Но кога телото ќе умре, љубовта излегува слободна
и во изобилство,
како апаратот за игри на среќа со скршен отвор
кој наеднаш ги истура
со бучен ѕвекот сите парички
на среќните генерации.

Превод: Никола Маџиров


Добриша Цесариќ

СОПАТНИК

Од маглава, денес толку густа,
Секоја улица изгледа пуста.
Па сепак, зад таа завеса сива
Чекорат луѓе,
А улицата е жива.

И близу до тебе можеби некој оди
Баш по истиот пат.
Но со маглата е слиен
Сосема за тебе скриен.

Превод: П. В.


Дениса Дуран

СО ПОСТЕЛА СРЕДЕ СОБАТА

Спијам
во една соба,
во една куќа,
кај што сите ме игнорираат.
Саноќ
вратите се отвораат и затвораат
крај мене,
катаден ги поднесувам
чкрипењето на вратите
и тупотот на чекорите.
Заглавена сум на оваа раскрсница
со постела среде собата,
небаре е зебра.
Погледите на минувачите
што ги впива мојот заспан лик,
мојот лик валкан од сни,
насмеан (насоне) или накострешен...

Превод: Лидија Димковска


Симона Попеску

ВИЗБА

Да не пишував,
би сакала барем да пеам гласно, најгласно на светот
на некое место кајшто никој нема да ме чуе.
Ако подобро размислам пишувањето е како тогаш
кога имав 8 години и си потпевнував,
си пеев пресреќна во визбата на баба ми и дедо ми.

Не, herr Goethe,
пишувањето не е „остаток од говорот“,

пишувањето е остаток

од твојата неартикулирана музика.

Превод: Лидија Димковска

 

СРОДНИ ПРИЛОЗИ

500 песни во „Секој ден песна“ - 10 женски песни

Една година „Секој ден песна“

Триста песни во рубриката „Секој ден песна“!

„Секој ден песна“ - Избор, 2016

Слики: John Broadley

ОкоБоли главаВицФото