Вистински американски јунак

17.04.2018 00:52
Вистински американски јунак

Сообраќајна несреќа. Возачот е мртов пијан. И мртов. Неговото крваво тело лежи на десетина метри од возилото, а мозокот му тече од гранките на едно дрво во близината. Од смачканата ламарина на автомобилот вреска сопатничката со коса полна парченца скршено стакло, а до неа е нејзината мртва пријателка.

По вознемирувачките вести на телевизијата и фотографиите од настанот во весниците – погреб. Америка испраќа уште еден својот јунак со почести. Како што се испраќаат големи филмски ѕвезди. Со солзи во очите и огромни букети и венци од разнобојно цвеќе врз отворените црни лакирани ковчези. Само овој пат ковчегот мора да биде затворен поради ужасната глетка на распарченото тело и неподносливата реа на алкохол. Името на човекот во ковчегот е Џексон Полок (Jackson Pollock).

Најголемиот американски уметник е мртов. Беше американски јунак. Пионер кој истражуваше нови светови како што наложува најдобрата американска традиција. Осамен јавач. Отпадник и бестрашен каубој кој доаѓа од некоја дупка во пустињата полна со змии, којоти и кактуси – од гратчето Коди во државата Вајоминг – и го освојува светот. Борец кој ги победи европските сликари во отворен дуел. Сега веќе го нема. Останаа само неговите слики да ги уриваат берзите за продажба на уметнички дела и околу нив да се грабаат колекционерите како лешинари.

Оваа неверојатна приказна започна 1949 година со шега. Магазинот Life објави провокативна репортажа насловена со трик прашање: Дали Џексон Полок е најголемиот жив сликар во Америка? Дотогаш непознатиот сликар преку ноќ стана славен. На Америка и требаа јунаци. И таа го најде својот јунак. Џексон Полок беше создаден за таа улога. Груба надворешност, мек и придушен глас; грд, но со животинска привлечност на ноќен ловец во џунгла; добро развиен маж во излитени фармерки и валкана маичка со запалена цигара што секогаш виси од крајот на долната усна. Полок стана жива легенда. Со имиџ на каубој и млад бунтовник без причина тој лесно ги освои срцата на Американците. Критиката ја славеше неговата дарба како вулканска ерупција (Џејмс Џонсон).

Во него има оган, тој е непредвидлив, тој е несовладив. Тој е гениj. На Америка и требаат такви диви млади сликари. Клемент Гринберг вели дека тоа е голема уметност, а кога тој така вели тоа е така. Уметниците како Мондријан и Дишан се убедени дека е најдобриот американски сликар. Станува лик поголем од животот. Доследен на својата медиумска слика за себе – на врвот од славата умира како холивудска ѕвезда. Гине со насмевка на крајот од филмот додека публиката ракоплеска.

Но, вистината за животот на Џексон Полок е сосем поинаква од легендата: несреќно детство, татко пијаница кој го напушта семејството, самохрана мајка, преселби, сиромаштија како неизлечива болест, растревожена младост, бес... Тој е создавач на невољи, насилник, лош ученик, неколку пати бркан од училиште, повлечен во себе, мрзлив, недружељубив, малку говори, нема што да каже, саможив, секогаш со подбивна насмевка на лицето... Живее на туѓа сметка, неталентиран уметник, не може да научи да црта, алкохоличар од својата седумнаесета година, пациент на клиниката за душевни болести во Њу Јорк...

Џексон Полок го мина поголемиот дел од животот сосем пијан. Груб и навредлив, никогаш не се вклопи во општеството. Повеќе од граќанските салони ги сакаше евтините ноќни барови полни со курви и со несреќници. Прост. Кавгаџија. Член на комунистичката партија. Не го поднесуваше капиталистичкото општество кое го слави. Не ги поднесуваше богатите. Не ја поднесуваше славата. Не ги поднесуваше луѓето освен кога е пијан. Го претставуваа како млад сликар но тој имаше триесет и седум години кога го открија. Се срамеше од себе. Неуреден и неизбричен. Ќелав. Беше необразован и му беше тешко да одговара на новинарски прашања.

Беше принуден да чита туѓи текстови и однапред напишани одговори како лош глумец. Не го поднесуваше таквото понижување. Не го разбираше модерното сликарство. Не знаеше што слика. Избега од градот. Сликаше во селски амбар. Немаше инспирација. Со часови се возеше пијан наоколу по селските патишта. Ја мразеше својата жена. Немаше деца. Имаше љубовница. Загина глупо и бесмислено како што живееше. Имаше само четириесет и четири години кога автомобилот излета од патот и тој си го истури мозокот. Смеејќи се како лудак.

Денес, од тој несреќен живот и од сета таа врева и од сиот тој бес останаа само сликите што ги создаде во транс на шаман. И тие слики се пред нас како да стоиме на работ од светот и гледаме во бескрајот на вселената.

А тоа чудо што се случува таму, во тие слики, е единствено важно. Се останато е само приказна без значење што може веднаш да ја заборавите.

 

 

ОкоБоли главаВицФото