Неандерталецот, првиот уметник

17.04.2018 01:11
Неандерталецот, првиот уметник

Фотографијата го прикажува панелот 78 од пештерата Ла Пасиега во Шпанија. Црвените хоризонтални и вертикални линии на обликот кој потсетува на скали пред 64 000 години ги насликале човечките роднини неандерталци.

Оваа слика привлече огромно внимание во медиумите откако списанието „Science“ објави шокантни резултати од истражувањето на археолозите кое го спроведе голем меѓународен тим под водство на Дирк Хофман од Институтот Макс Планк во Германија и Кристофер Штендиш од Универзитетот во Саутемптон во Англија. Нивниот тим прв применил нов начин на датирање на праисториските слики со помош на изотопи од ураниум и ториум на повеќе локации во пештери во Шпанија.

Имено, одредувањето на староста, или како што се нарекува стручно, датирање, во археологијата вообичаено се изведува на сочувани органски материи со метод за мерење присуство на радиоактивниот изотоп на јаглеродот, Ц12. Меѓутоа, кај пештерските слики нема доволно органски траги тоа да се изведе успешно, па досега староста на пештерските цртежи не можеше веродостојно да се утврди.

Методот што го применил овој тим се темели на анализа на тенкиот слој калцит, минерал што го има во варовникот. Слој калцит се формира и на насликаните ѕидови на пештерите низ кои повремено се слева вода. Оваа вода содржи траги од радиоактивен ураниум кој за илјадници години природно се распаѓа на ториум. Врз основа на односот во количината ураниум и ториум во калцитот, може да се одреди нeговата старост, па со тоа и минималната старост на пештерските слики.

Со овој метод кој бара многу, Хофман и Стендиш датирале пештерски слики ширум Италија, Португалија, Франција и Шпанија и речиси секогаш доаѓале до сознание дека нивната старост е помеѓу 40 000 и 45 000 години. Тоа укажува дека ги сликал Хомо Сапиенсот, што и било очекувано.

Меѓутоа, на три локации во Шпанија, Ла Пасиега, Малтравиесо и Ардалес, добиена е старост на цртежите поголема од 64 000 години, а во тој период во овој дел од Европа не постоел Хомо Сапиенсот. Го населувале исклучиво неандерталците, изумрените припадници на видот Хомо за кои се сметало дека биле недоволно интелектуално развиени за да ја практикуваат уметноста.

Ова истражување покажува дека неандерталците, на изненадување на многу палеонтолози и археолози, се првите европски уметници за кои сега веродостојно знаеме дека ги насликале барем овие три пештери во Шпанија.

Извор: http://naukakrozprice.rs

ОкоБоли главаВицФото