Фрагменти на љубовниот говор (6)

17.04.2018 17:30
Фрагменти на љубовниот говор (6)

CONTINGENCES / СЛУЧАЈНОСТИ
Овој инцидент е безначаен (секогаш е безначаен), но кон себе ќе го привлече целиот мој јазик. Веднаш го претворам во битен настан, мислам како нешто што личи на судбина. Тоа е коприната што паѓа врз мене, обвива сè. Неброени ситни околности така го ткаат црниот вел на Maya, таписеријата на илузиите, смислите, зборовите. Почнувам да го класификувам она што ми се случува. Инцидентот сега ќе создаде набор, како зрно грашок под дваесет душеци на кои принцезата спие; како некаква дневна мисла што се рои во сонот, ќе биде претприемач на љубовниот дискурс, кој ќе се оплоди благодарение на капиталот на Имагинарното.


Понекогаш моето сопствено тело, хистерично, предизвикува инцидент: вечерта која желно сум ја чекал, свечената објава чиишто учинок, сум очекувал, ќе биде мошне благотворен ‒ ги оневозможувам со стомачна болка, грип: со секоја можна замена за хистеричната безгласност (l'aphonie).

DECLARATION / ИЗЈАВА
Да се обидеш да ја пишуваш љубовта значи да се соочиш со јазична збрка: со она подрачје на хистеријата во кое јазикот е и премногу и премалку, претеран (поради безграничното ширење на јас, поради преплавеноста со чувства) и осиромашен (поради кодовите на кои љубовта го сведува и израмнува).


Јазикот е кожа: го тријам својот јазик од другиот. Тоа е како да имам зборови наместо прсти, или прсти на крајот од своите зборови. Јазикот ми потреперува од желба. Возбудата доаѓа од двојниот контакт: од една страна, целата активност го открива дискретното, посредното, единствено означеното „те посакувам“, и го ослободува, го храни, разгранува, го доведува до експлозија (јазикот ужива самиот себе да се допира); од друга страна, во своите зборови го замотувам другиот, го одржувам тој допир, се трошам за да се продолжи толкувањето кому му ја потчинувам врската.


Да зборуваш заљубено, значи да се трошиш без крај, без криза; тоа значи да практикуваш однос без оргазам. Можеби постои книжевна форма на тој coitus reservatus: ја нарекуваме marivaudage (китен стил).

DEMONS / ДЕМОНИ
Повремено на заљубениот субјект му се причинува дека е запоседнат од некаков јазичен демон кој го наведува на самоповредување и ‒ како што вели Гете ‒ самоизгон од рајот, што за него е, во други моменти, самиот љубовен однос.


Некоја посебна сила го влече мојот јазик кон злото што би можел да си го нанесам себеси: моторниот режим на мојот дискурс е како вртење во празно: јазикот се наголемува како снежна топка, без каква било тактичка мисла за стварноста. Настојувам себе да се повредам, самиот од рајот се изгонувам, посветено будејќи ги во себе сликите (на љубомората, напуштањето, понижувањето) кои можат да ме повредат; и не давам на раната да зацели, ја хранам со други слики, додека некоја друга рана не се отвори и не ми го одвлече вниманието.


Слики: Alberto Gálvez
Избор и превод: П. В.
Barthes Roland, Fragments d'un discours amoureux, 1977.


 

ОкоБоли главаВицФото