Бришење на границите

17.04.2018 18:00
Бришење на границите

 Од изложбата на Игор Тошевски „Бришани простори“, 17 април 2018. Уметничка галерија „Ателје Дадо“, Цетиње, 

 

„Во овој момент, без оглед на тоа каде се наоѓате, опкружени сме со политички превирања кои стрмоглаво не водат кон либерален авторитаризам, фашизам и гранична состојба на еуфорија во која хуманистичките вредности сериозно се загрозени. Затоа е исклучително важно да се идентификува сè што нè поврзува и врз тоа да го градиме нашето дејствување“.
- Катрин Кенинг во текстот „Novi građani“ (izložba Organ vida, Zagreb, 2017.)


Во време на себичен индивидуализам (1) кога општеството на глобализацијата „западна во глобализација на рамнодушноста" (2) е насочено исклучиво кон задоволување на лични интереси, пет минути лажна слава и виртуелна популарност, идеите за колективно добро имаат сè помало влијание врз формирањето на доминантната општествена парадигма. Постмодернистичката релативизација на вредностите, спуштена на ниво на примарниот политички/идеолошки инстинкт на масите, нешто до неодамна незамисливо, доведе до реафирмација на идеите и идеологиите кои (оптимистички? наивоно?) ги сметавме за победени. Со нашето политичко и општествено секојдневие владеат авторитаризмот, верскиот фанатизам и ксенофобијата (често суптилно преоблечени во лесно сварлива приказна за идентитетот на нацијата), теории на заговор и општа недоверба, дури и во фундаменталните општествени вредности. „Народот што не може повеќе во ништо да верува не може да се одлучи. Нему не му е одземен само капацитетот за каква било акција, туку и капацитетот да размислува и просудува. И со таков народ, тогаш можете да правите што сакате“ (3). Јасно е дека нашата цивилизација почива на нееднаквости и дека, како што нагласува Фуко (во книгата „Раѓање на биополитиката“), неолибералниот концепт на човечкиот капитал има утописка димензија - дека всушност хоризонтот на современиот капитализам е утописки и индивидуалното човечко битие престанува да се гледа само како член на рабтната сила која се продава на пазарот“ (4). Ангажираното дејствување претставува еден од последните видови на спротивставување на праксата сè, па и луѓето, да се третира како стока (asset).

Во услови на „политички капитализам“ активизмот во сите сегменти на животот игра повеќе од важна улога, можеби дури и претставува една од последните сили во општеството, способна да му се спротивстави. Тој значително се разликува од она што значеше активизмот некогаш, бидејќи посредно новото време бара и нов тип на ангажман. Врз основа на тоа треба да се разгледува и позицијата на современата ангажирана уметност (уметничкиот активизам), како (повторно) важен простор за општествено/политичко дејствување. Оваа уметност станува средство за постигнување на различни цели надвор од тесното поле на уметноста, што повторно отвора низа стари прашања, меѓу кои, секако, едно од најважните е и општествената одговорност на уметникот.
„За многу уметници и куратори од левицата, Деборовата критика (на општеството на спектаклот, заб. авт), погодува во сржта зошто партиципацијата е важна како проект: таа го рехуманизира општеството кое е лишено од емпатија и е фрагментирано од репресивниот инструментализам на капиталистичкото производство. Со оглед на вкупниот движење на репертоарот на сликите, уметничката практика повеќе не може да се врти околу конструкција на предмети кои ќе бидат конзумирани од пасивниот минувач (bystander). Наместо тоа, мора да постои уметност во акција, што е соочена со реалноста и презема чекори - колку и да се мали - за да се поправат општествените врски“. (5)

Оттука, „задачата на уметничкиот активизам не е едноставна. Го поставува прашањето за потенцијалот на уметноста за општествена промена, а во исто време мора да ја задржи политичноста и поетиката во рамки на сопствениот медиум. Мора да функционира и во полето на уметноста и како општествен ангажман. Праксата на уметничкиот активизам не подразбира илустрација на проблемот и нагласување на постоечката состојба. таа треба да дејствува кон промена на затекнатата ситуација, да донесе исчекор. истовремено, уметничкото дело што е прогресивно и критички и кон самиот медиум и уметничкиот систем не смее да остане читлив само за професионалната уметничка публика.“ (6)


Игор Тошевски со неговото дело „Порта“, октомври 2016 (фотографија: Сашо Димоски)


Игор Тошевски повеќе децении е активен на современата уметничка сцена во Македонија, а присутен е и на важни меѓународни манифестации, не само на полето на уметноста, туку и на филм - како дизајнер на продукција и арт директор. Преку независни проекти, во соработка со други уметници и уметнички колективи, Тошевски истражувајќи ги различните аспекти на ангажирананиот ликовен јазик создаде препознатлив ракопис заснован на остра критика на општествените прилика, заради што неретко бил и жрта на цензура, главно во средината од која доаѓа. Денес Македонија го отсликува стереотипот за целиот балкански регион (кој отсекогаш е перципиран од страна за Западот како дел од Ориентот, односно „другоста“) каде што владеат несредени општествени прилик, корупција, непотизам, криминал генериран од транзициските процеси кои никако да завршат. Иако земјата воглавно е економски многу ниско позиционирана, самата помисла на тоа дека во услови на општа криза уметноста може да влијае и на кој било начин да ги промени општата летаргија и малодушноста е речиси утописка. Меѓутоа, проектите кои Тошевски ги реализирал во соработка со уметничката група Зеро одиграа важна улога во развојот на алтернативната сцена на осумдесеттите години на минатиот век, за во подоцнежните години дејствувањето да го насочи кон комплексните општествено-политички прилики.

Со основањето на колективот Кооперација, „радикална“ уметничка група чија главна стратегија на реализација на програмата - изложба на уметнички дела, јавни дебати и уметнички акции надвор од институционалната рамка, за која често пишувал текстови, дополнително ја зајакна независната уметничка продукција. Иако тоа може да изгледа така, оваа асоцијација не е априори против институциите како такви, но е против институционалната контрола која ја спроведуваат владејачките структури, кои во екот на ултранационални стремежи го иницираа грандиозниот градителски проект Скопје 2014. Градското јадро е претворено во кулиси ки треба да ја симулираат повеќевековната историја на нацијата измислувајќи наследство што никогаш не постоело во градот, со цел да се негираат (неговите) ориентални и модернистички слоеви.(7)

 


Од серијата Реколекција:
Територија изведена на 5-тото Цетињско биенале, 2004, Његошев парк


Популистичката реторика, отворениот национализам, узурпацијата на јавниот простор - нарушувањето и неконтролирана урбанизација на градовите се преиспитува во неговото можеби најпрепознатливо дело Територии (8) покренувајќи ја расправата за територијалното одредување на границите во формална и вистинса смисла, односно за преиспитувањето на идеолошките конструкти во име на пронаоѓање и реконструирање на еден нов вид на колективност, како и прашањата на сопственоста над јавните/приватните простори (9).

Порано прокламираната отвореност за земјите кон укинување укинување на границите врз кој почиваше концептот на унијата на европските земји, поголема пропустност на териториите под влијание на брановите бегалци се претвори во својата спротивност - ксенофобичен страв од дојденците, другиот, непознатиот, потенцијално опасен и се пренасочи во потреба за потенцирање на заштитата на сопствениот идентитет како супериорен, манифестиран преку се поизразени аспирации на поедини области (и земји) кон отцепување ... Сето тоа индиректно може да се прочита преку перформативниот чин на маркирање на површината со жолта боја - или како интервенција на отворено или во галериски простор, секој пат во нов контекст. Во последната верзија, фотографиите од овие места, цртежи, документи и предмети собирани со години, стануваат една заокружена целина во делото со наслов Реколекција (10).
Линиите што означуваат одреден простор исчезнуваат, лесно се преместуваат и повторно се воспоставуваат како и границите на нашата слобода - на движење, на творење, на мислење. Можеби токму ова дело го сублимира животот на современиот човек во потрага по себе - идентитет спакуван во куфер, променлив, непостојан. Неважен. Повикувајќи се на Малевич и Родченко индиректно ги преиспитува значењето и улогата на уметничкиот ангажман и можноста уметноста да влијае на промените во општеството. „Според Адорно уметноста е секогаш и внатре и надвор од општеството, а нејзиниот статус и автономија зависат од степенот на слобода на одредено општество“ (11).
Во какво опкружување Тошевски го преиспитува проблемот околу позицијата на уметникот - номад во општеството во однос на институциите, како и прашањето за личната слобода на поединецот (самиот тој) и индивидуалната позиција во однос на сложените прилики во кои (Македонија, но и целиот овој регион) се наоѓаме премногу долго?


Од серијата Топологии, 2018, колаж 40 х 30 см

„Одекот“ на дела од клучните уметници од руската авангарда се препознава и во делата од серијата Топологии, колажи создадени со спојување и преклопување на делови од различни географски карти и формирање на композиции кои имаат јасни референци на концептот на супрематистичките дела кои ја раздвојуваат секоја компонента на сликата - линија, форма, простор, боја, површина. Со ова дело се реконтекстуализираат актуелните политички противречности со користење на мапи кои реферираат на „спорните“ земји ширум светот каде што има аспирации за самостојност (Каталонија, Курдите, Шкотска, Босна, Јукатан итн).


Небиднина, 2018, инсталација /комбинирана техника

Сложениот и амбивалентен семантички конструкт (позицијата во односот кон другиот, кон самите себе, односот кон сопственото историско наследство, (не)научените лекции и можностите за промена во ограничени околности, итн) се наѕира во делото Небиднина, која е модифицирана верзија на делото „Љубовта неразбирлива“. Покрај палетата (кој технички се нарекува ЕУ палета поради пропишаните стандардни димензии) која ја „носи“ целата инсталација - црното знаме како симбол на анархизмот (12), забиено меѓу еден куп од куфери, и се виори со помош на вртењето на вентилатор, поставен е неонски знак кој ја нагласува моќта на целината со натпис Небиднина (ништавило, непостоење, неизвесност), преземен од истоимената песна на македонскиот поет и првоборец Ацо Шопов.

Патував долго, патував цела вечност
од мене до твојата небиднина.

...И сега сам,
пред овој рид од болка и човештина,
на патишта што не ги знам
(13)

Ироничната субверзија е потенцирана со самото поставување на два клучни елеманти на инсталацијата - знамето и вентилаторот нераскинливо (физички и симболички) поврзани со трупот на палетата: наспроти заедничкиот напор секое движење е невозможно (III Њутнов закон).



Од серијата Знамиња, 2018,
акрилик на платно (полиптих, х7) 117 х 80 см

Напред, кон минатото! е варијација на делото од 2011 година, кој е, исто така, коментар на апсурдноста и ретроградноста на концептот за „антиквизација“ на Македонија. И самиот наслов е очигледна иронична референца на (антимодерната) опсесија на македонската политичка елита, но и на глобалните трендови на фасцинација со „златните времиња“, идеализираното минато што ја обликуваат нашата иднина. Серијата слики со јунак на коњ претставен во контура кој во подигната рака наместо меч (како во оригиналната скулптура на Александар Велики во центарот на Скопје - најмонументалната, а воедно и најскапа од сите, која заради спорот со Грците за името на земјата, е преименувана во „Воин на коњ“) носи знаме - во различни бои, јасно алудирајќи на тоа дека бојата на тоа знаме и вредностите кои стојат зад него не се важни, сè додека коњаникот е толку величествен и се разбира „наш“. Ова е уште една прецизна дисекција на состојбата на политичката свест и општествените вредности во средината од која доаѓа Тошевски, но е сосема применливо и на блиското опкружување: политичките елити зборуваат на ист јазик и манипулираат со истите тактики (национализам), за и самите да бидат изманипулирани од своите политички патрони од повисоките центри на моќ.
По болното соочување со стварноста што укажува на цврсти врски со историските текови, јасно е дека едно општество кое во текот на својот цивилизациски развој тежнеело кон прогрес, денес покажува се поголемо присуство на регресија и потсвесна склоност кон самоуништување. „Главната карактеристика на кој било настан е тоа што не бил однапред познат. Не ја знаеме иднината, но сè што правиме, правиме за иднината. Никој не знае што го чека во иднина, бидејќи иднината настанува како „наше“ дејстување, а не „мое“ (14).

Можеби решението е токму оној (имагинарен?), „нов граѓанин“ од почетокот на приказната, кон што сите би требало да се стремиме, некој кој поттикнува прогресивна трансформација во себе и општеството, некој кој мисли глобално и дејствува глобално.


Референци:

(1) Alain Badju, Kapitalizam je bolest čovečanstva, razgovor vodila Neda Valčić Lazović, Politika 2014. http://www.politika.rs/sr/clanak/311564/Kapitalizam-je-bolest-čovečanstva.
(2) Од говорот на папата Франсис на Ламдедуза во 2013 година: „Во овој свет на глобализација, западнавме во глобализација на рамнодушноста. Навикнавме на страдањата на другите, не ни е грижа, не нè засега нас…“, Corriere della Sera, No a globalizzazi-one dell'indifferenza, http://www.corriere.it/cronache/13_luglio_08/papa-ampedusa_451dd034-e7bd...
(3) Hannah Arendt, O totalitarizmu, lažima ... https://pescanik.net/o-totalitarizmu-lazima/
(4) Boris Groys, In the flow, Verso, London-NY, 2016. 57-58
(5) Claire Bishop, Artificial Hells, participatory arts and politics of spectatorship, Verso, London, NY, 2012.11
(6) http://www.maz.hr/2016/09/25/kako-promisljati-umjetnicki-aktivizam/
(7) Elena Marchevska, Solidarity and self-organization as generators of change: The role of self-organized art initiatives in Macedonia, 2015, http://openengagement.info/dr-elena-marchevska/
(8) Првите Територии се реализирани во 2004 година во Скопје, а потоа и во многу други градови и земји се до 2011 година, со нагласок на променливоста на нивното значење, во зависност од средината во која се направени, а некои како територијата исцртана во Скопје на градскиот плоштад, на местото каде што требаше да „никне“ црква брутално се отстранети, но тоа што е многу поважно е тоа што идејата за делото преживеа“ (И.Т.).
(9) Една од Териториите е реализирана во рамки на 5-тото Цетињско биенале, Love it or leave it, во 2005 година, чии куратори беа Рене Блок (Rene Block) и Наташа Илиќ (Nataša Ilić).
(10) Делото неодамна за првпат е претставено во Единбург на изложбата Captured state; Jon Blackwood – Captured state text https://jonblackwood.net/2017/09/27/captured-state-new-art-from-macedonia/
(11) Suzana Milevska, Primary Documents: A Sourcebook for Eastern and Central European Art Since 1950. New York: Museum of Modern Art, 2002.186
(12) Црното знаме е симбол на анархизмот од 1880-тите. Често имало „А“ или „О“ како рефернца на Прудоновиот цитат „Анархијата е поредок без моќ“. https://en.wikipedia.org/wiki/List_of_black_flags
(13) http://ilike.mk/diary/nebidnina/
(14) Hannah Arendt, O totalitarizmu, lažima... https://pescanik.net/o-totalitarizmu-lazima

(Текст за изложбата „Бришани простори“ на Игор Тошевски во Уметничката галерија „Ателје Дадо“ во Цетиње, со која се одбележува почетокот на новата сезона на Народниот музеј на Црна Гора.)

Отворање: вторник, 17 април, во 19 ч.
Презентација и разговор со уметникот: среда, 18 април во 12 ч.

Превод: Владимир Јанчевски

Извор: https://ateljedado.wordpress.com

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото