407 милиграми театар

18.04.2018 01:02
407 милиграми театар

Изградбата на катедралата Нотр-Дам во Париз траела околу еден век. Сто години се градела и Линколнската катедрала. Убедливо најдолго е градена катедралата во Келн, за чија изградба биле потребни повеќе од 600 години. Ниеден архитект, градител, мајстор никогаш во животот не работел на две различни катедрали. Секогаш почнувале едно дело и на него работеле вредно и посветено цел живот.

Денес веќе не се градат катедрали. Барем не често и не со животна посветеност од оние кои ги ѕидаат. За право на вистината, денес толку малку вистински се гради. Згради никнуваат како печурки. Исто и мостови. Ама денес луѓето градат, без разлика дали куќи или врски, од материјали како гипс картон и ветувања кои не планираат да ги одржат.

Па како да се продолжи животот кога нечија „животна“ катедрала станува рушевина? Да се отворат болката и урнатините за блицовите на туристите или да се нурне во себе? Да се стане невидлив за едни, а навредлив за други; затоа што сите имаат подобар план за тоа како ти треба да го живееш животот, а ти сè што сакаш е да те остават намира.

И додека некои од младите поради едни или други причини остануваат тука, каков живот имаат оние кои си заминуваат со надежи за нешто подобро? Колку обезбедувањето на материјална сигурност, може да згрее нашинец во Англија, Германија, Норвешка?

Кои прашања треба да ги поставува современиот театар во Македонија кога за да ја напуштат државава, во моментов германски јазик учат околу 63.500 луѓе? Податоците од Светска банка покажуваат дека од осамостојувањето до 2010 година се иселиле повеќе од 600.000 граѓани. Од 2010 година до денес статистиките на иселени варираат меѓу 10 и 20.000 граѓани секоја година.

Денес во Македонија кога младите си одат, а државата на оние што остануваат им нуди мјузикли по цена од 600 до 1200 денари за билет, не останува многу простор за култура.
И додека некои од театрите си дозволуваат спектакли, некакви журка, журка, журка претстави полни недоречености, предвидливи и далеку од секаква естетика, токму оние кои работат во најскромни услови се Театрите кои ни ги даваат најзначајните дела.

Кога си ја дозволуваме себе дрскоста да кажеме дека публиката ни е необразована, тоа значи дека ние не сме ја образувале. Дека не сме ѝ нуделе. Значи дека сме ја потценувале, претпоставувајќи дека е способна за малку, или мислејќи дека за многу не е способна.“

Претставата и екипата за која пишувам во овој текст (заедно со актерката Хана Селимовиќ чии зборови за одговорноста кон публиката ги споделив погоре) ѝ припаѓаат на старата школа која не ја потценува публиката во ниеден момент, а она што и го нуди е мајсторство произлезено од посветена работа, наоѓање/актуелизирање на важни текстови, режисерско кредо (дури и во колективна режија) кое плени со едноставност и чистинa; и игра која е плод од талент, вложен труд и огромна љубов кон театарот.

„Хадерсфилд“ е претстава работена по текст на Угљеша Шајтинац. Интересно е што „Хадерсфилд“ е првиот српски драмски текст, кој своето прво поставување го има во странство, поточно во театарот „West Yorkshire Playhouse“ во Лидс, Англија.

Авторот Угљеша Шајтинац за драмата „Хадерсфилд“ во 2005 година ја доби Стеријната награда за најдобар современ драмски текст. Потоа следуваа уште многу награди и изведби, а снимен е и истоимен филм. Драматургот Шајтинац прв пат го посетил Хадерсфилд, градче во Англија во 2000 година. После успехот во Англија, во 2005 година претставата се поставува на сцена во домашниот ЈДП ( Југословенско Драмско Позориште), повторно во режија на режисерката и книжевна менаџерка на „West Yorkshire Playhouse“, Алекс Чишолм.

Дејството на претстава е сместено во мал град во Војводина. Но, кога ќе седнете да ја проследите претставата (или го читате текстот), гратчето од Војводина го препознавате како Македонска Каменица, како Кичево или можеби Валандово. Сепак, кога ќе се сетите дека никој од овие градови нема ниту свое радио, ниту весник, а камоли телевизија, тогаш за референтни градови ќе ги земете Штип, Охрид, Велес…

Младинскиот Алтернативен Театар - МАТ од Скопје во декември минатата година, за прв пат ја постави претставата „Хадерсфилд“ во Македонија. Екипата на овој Млад Алтернативен Театар и самата го преведе текстот од српски на македонски, а воедно и ја адаптираа драматизацијата.

Целата драма се случува во едно деноноќие, во кое авторската умешност на Шајтинац, овојпат преку играта на актерите на МАТ успева да ја прикаже тегобноста што значи да имаш 30 години, да си заминеш, да останеш, да сакаш; да пораснеш пред времето, а сепак да им изгледаш мал на другите. Сето тоа сместено во градче/општество во кое транзицијата наместо да претставува патување од едно во друго време, всушност е воз кој се клати на патување кое трае цел живот.

Драмското дејство се концентрира околу животот на Раша и краткото враќање дома на еден од пријателите после цели единаесет години во странство.

Колку пријатели од детството има просечен македонец во странство? Во една реплика Игор (игран од Томислав Давидовски) вели: „Човече, нешто ако ми недостасуваше, тоа било друштвото.“ Давидовски кој иако е само трета година на студии, нуди толку кротка, а убедлива игра на некој кој заминал далеку од дома, кој успеал да најде работа, материјално се обезбедил и наскоро ќе прави свадба, но сепак му фали топлината на домот и едноставни нешта како обичен муабет и пиење пиво со другарите.

Еден човек кој те разбира, е доволен да ти влее надеж

За Раша, единствен човек кој го разбира е токму Иван, оној кој е отфрлен или затскриен од општеството. 407 милиграми е дозата на лекарства која Иван ја прима со години. „Човече, колку вакви има околу нас?!’ е она што со поразителност и загриженост ќе го запраша Дуле. Улогата на Дуле ја игра Мишо Димитријевски кој уверливо ја пренесува духовитоста, како и отвореноста и спремноста на пријателот кој ужива правејќи (мали) добри дела и услуги, но кој прв ќе стане од масата кога ќе се отворат сериозните теми кои ги преиспитуваат границите поставени од општеството.

Раша во една реплика вели: „Мајка му е луда, тој е невротичен.“ Но, токму Иван, неговата неизвалканост и човечност и покрај сите сопки, отфрлања и навреди кои ги добива низ животот успева да наоѓа одново и одново работи кои ги цени и на кои им се радува, како пријателството со Раша.

Улогите на Раша и Иван, ги толкуваат Хари Михајловски и Зоран Митровиќ. Сугестивни и наоѓајќи ја точната мера во изразот, нудат впечатлива глума и зрелост. Забележителна и значајна е улогата и на таткото, чичко Јоцо во која Чедомир Митевски гради лик кој (низ сета мака) ќе ја насмее публиката, но ќе ја пренесе и болката на живеењето живот во кој се што било добро се случило во минатото. Сара Анастасовска во улогата на средношколката Милица, внесува живост и игривост на сцената.

Никогаш не сум помислила дека претстава во која пет од вкупно шест актери се машки ќе ја сметам за феминистичка. Всушност кога велам феминистичка, мислам токму на отсуството на женски карактери од сцената, ама не и од приказната на драмата. Невидливите духови на пет девојки/мајки/жени и нивните одлуки со кои ги држат силно конците над секој еден од машките ликови. Дури и единствениот женски лик на сцена, средношколката Милица, иако на почетокот делува незаинтересирано и се што ја окупира се сопствените желби и пориви, на крај се еманципира себе си. Милица застанува и во заштита на Иван кон кого на почетокот на претставата е зајдлива и цинична.

И покрај сите пцовки, ова е нежна претстава. Во двете изведби кои ги проследив, не уживав само во претставата и мајсторството кое се случува на сцена, туку и во тишината и пристојноста на гледалиштето. „Хадерсфилд“ и МАТ точно знаат дека многумина во публиката може да се најдат во ликовите од претставата. Како оние на кои им недостасува пријател затоа што е во туѓина, оние со пропадната врска, тие со дом во кој недостасува топлина или родител и дека сите заедно живееме во општество во кое очајно треба повеќе сочувство и добрина...и затоа направиле претстава со професионалност, почит и плејлиста во која се пее zelim da sam tamo, gde je lako reci dobro je.

Следна изведба на претставата е во Кино Култура, четврток 19 април од 20 часот.