IKB за скопското небо

18.04.2018 02:22
IKB  за скопското небо

Денес небото над Скопје е како стара валкана крпа за бришење на под. Гледајќи го тоа тажно небо мислев на преубавото небо над Ница какво што го видов одамна, еден дамнешен сончев ден кога светот изгледаше како насмевка на млада девојка. И така мислејќи на тоа друго небо се сетив денес на Ив Клајн (Yves Klein), тоа чудесно момче од Ница. Тој лежел на грб во песокта на плажата и гледал во тоа исто небо над Ница, а небото било неподносливо сино. Лежејќи така со пријателите и мечтаејќи тие решиле да го поделат светот меѓу себе. Арман (Armand Fernandez) ја избрал земјата за свое царство, Клод (Claude Pascal) ги избрал зборовите, а Ив Клајн го избрал небото.

Ив Клајн не го сакал небото на научниците, ниту пак небото на свештениците, туку ова наше обично небо, недофатливото небо над нашите глави какво што е небото некој убав летен ден напладне а вие лежите во песокта на некоја плажа и мечтаете со отворени очи. Но, како е можно да се има небо?

Се разбира дека постојат практични проблеми кои е неопходно да се надминат кога некој сака да поседува небо. Така Ив Клајн започнал да работи на своето самоусовршување. Своето тело го развил до совршенство. Станал атлет и мајстор на благородната боречка вештина џудо. Почнал да ги проучува древните вештини на алхемијата и езотеричните науки. И конечно направил свое небо! Во лабораторијата на еден пријател тој создал најсовршен израз на сината боја, ја создал International Klein Blue (IKB).

Откако открил како да пресоздаде небо кое ќе биде само негово, тој посакал великодушно да го подели со нас. Почнал јавно да го покажува тоа свое небо. Ја изложил празнината на изложба. Три илјади луѓе чекале да влезат во празна галерија. Продавал празен простор и невидливи уметнички дела. Дозволил дождот да ги слика неговите слики. Сакал да создава слики во воздухот од сина светлина. Пуштал стотици сини балони кон небото. Сликал со фрлач на оган. Користел тела на девојки како четкички за да слика...

Сè друго потоа е само искачување кон врвот на славата. Од тој врв Ив Клајн се фрлил главечки во синилото и празнината на своето самосоздадено небо како што некој би скокнал од карпа во море. Умрел од срцев удар пред публиката во преполната кино сала на проекцијата на филмот каде самиот глумел. По него останаа само испокинати делчиња од неговото небо и малку синило доволно да ви го направи денес убав денот.

Понекогаш животот, уметноста и магијата се соединуваат и создаваат чуда.


 

ОкоБоли главаВицФото