Клучни забелешки од извештајот на ЕУ за Македонија

18.04.2018 11:13
Клучни забелешки од извештајот на ЕУ за Македонија

Земјата се соочува со фундаментални промени во инклузивна и отворена политичка атмосфера. Локалните избори во октомври 2017 година ја потврдија поддршката на граѓаните за политиките на владината коалиција ориентирани кон ЕУ, стои во најновиот извештај на ЕУ за Македонија. 

Македонија конечно излезе од долгата и остра политичка криза, констатира ЕК додавајќи дека «тешкиот процес на формирање влада ја достигна критичната точка на 27 април со нападот во Собранието, постапка што беше најстрого осудена од меѓународната заедница, потсетува ЕК во извештајот.

За Комисијата, новата македонска влада е „реформска“ и презема чекори за да се реши проблемот на заробената држава, да се зајакне демократијата и правната држава.

„Земјата е влезена во фундаментални промени во отворена и инклузивна атмосфера“, додава извештајот давајќи и поддршка на владата во отпочнатите реформи и охрабрувајќи ја да ги отвори и најтешките фази во овој процес. Комисијата потсетува дека граѓаните и ја дале нивната целосна поддршка на владата на локалните избори во октомври 2017 година.

Македонија добива и голем плус за добрососедските односи, договорот со Бугарија, но проблемот со името, вели ЕК, мора итно да се реши.

„Разговорите за “прашањето за името” се интензивираа под покровителство на Обединетите нации. Конструктивните разговори на ниво на премиери и министри за надворешни работи позитивно влијаат на напредокот во спроведувањето на мерките за градење доверба. Заедничкото соопштение на премиерите на Грција и на поранешната југословенска Република Македонија во јануари 2018 година, кое вклучуваше преименување на аеродромот во Скопје и автопатот и постапувањето со одложени иницијативи на ЕУ, беа конкретни знаци за зајакнување на меѓусебната доверба“, вели Брисел.

Комисијата му препорачува на Собранието „да ги зајакне своите законодавни и надзорни функции вклучувајќи го и ограничувањето на широката употреба на скратените постапки“.

Брисел заклучува, како и повеќе пати во последните години, дека меѓуетничките односи се кревки и покрај тоа што ситуацијата во земјата е мирна. Но, Охридскиот договор треба да продолжи да се применува на транспарентен и инклузивен начин. За ЕК е добро што владата покажува цврста определба за „зајакнување на довербата помеѓу заедниците“.

Но, во Македонија не е сè за пофалба. Реформите во јавната администрација се скромни. Усвоена на стратегија за реформа на оваа област и се работи на зајакнување на транспарентноста и одговорноста во администрацијата, но ЕК констатира дека Министерството за информатичко општество и администрација го нема потребниот капацитет за водење и координација на рефромата на јавната администрација.

„Силна политичка определба е клучна за да се гарантира професионализам во јавната администрација, особено во назначувањата на повисоките позиции, и почитување на принципи на транспарентност, заслуга и еднаква застапеност во духот и словото на законот“, советува Брисел.

Нешто подобра оценка добива судството кое, според ЕК, има постигнато „одреден степен на подготвеност и направен е добар напредок“.

„Назадувањето од последните години тргна во вистинска насока преку одлучни чекори преземени во последните месеци, особено преку обновувањето на независноста на судството“, заклучува Комисијата. И додава:

„Земјата усвои веродостојна нова стратегија за судски реформи што ја поставува основата за понатамошни реформи во оваа област, а клучните закони се изменети во согласност со препораките на Венецијанската комисија и „Приоритетите за ургентни реформи”.

Канцеларијата на Специјалниот обвинител се соочува со помалку опструкции во судовите, овозможувајќи поефикасно работење, вели Комисијата и советува константен напор за да може судството во Македонија навистина на почне да функционира без политичко влијание.

Борбата против корупцијата во Македонија бара уште напори. Како и во речиси сите извештаи на ЕК, законската рамка е тука но судските пресуди за високата корупција ја нема: „Постои законска и институционална рамка, како и евиденција за превенција и гонење, но конечните судски одлуки за случаи на корупција на високо ниво и понатаму се ограничени“.

Добрата вест е и напредокот во фундаменталните права кои се повеќе се во согласност со стандардите на ЕУ и зајакнуваат борбата против секоја дискриминација, но „целосната примена бара постојани напори“.

Треба да се разгледа ситуацијата во затворите и психијатриските институции, мора да се следат случаите на криминал од омраза како и говорот на омраза, а институциите кои се вклучени во заштитата и унапредувањето на човековите права мора да се зајакнат. Потребни се повеќе напори за вклучување на Ромите, бележи Комисијата.

Слободата на изразувањето е подобрена но и тука има бројни предизвици како реформата на јавниот сервис која никако да почне.

Конечно, и економската ситуација во земјата има направено „одреден напредок“ и „добро ниво на подготовка за развој на фукнционална пазарна економија“.

Сепак, „клучните слабости на економијата остануваат. Тие вклучуваат недостатоци во деловното опкружување, како што се слабото спроведување на договорите и големата неформална економија. Структурните проблеми на пазарот на трудот се рефлектираат во ниската активност и високите стапки на невработеност. Макроекономското опкружување се влошило во првата половина од 2017 година“, вели ЕК. И ја критикува „доначоната политика насочена кон краткорочни мерки и без траен план за консолидација“.

Накусо, во оваа област, Македонија не е доволно подготвена да стане членка на ЕУ.

Граѓанското општество продолжи да игра конструктивна улога во поддржувањето на демократските процеси и обезбедувањето поголеми проверки и рамнотежи. Од втората половина на 2017 година, климата во која работат организациите на граѓанското општество е подобрена и владата покажа посветеност на дијалогот и инклузијата“,  се вели во извештајот на ЕУ за Македонија.