Пеперуга

18.04.2018 18:21

Татко ми, пред деведесет години,
на возраст - би рекла - од десет години,
одел цели три милји низ шума
за да стаса на училиште

вдолж шамакот од влажниот брег
на преполната со јагули, зарасната
кал-кафеава река,
оставајќи зад себе трага од нервозни муви,
неговите дланки, веќе широки и вешти,
на крајот од неговите разресени ракави.

По патот забележувал
сè: печурки и брбушки, диви билки,
полжави и перуники, мов, папрат и шишарки.

Мора сето тоа да било бесконечно
вдишување: помеѓу
желбата за знаење и потребата за восхит
што сè е сплотено во едно.

Еден ден видел дрочен трупец што
тешко плутал низводно,
и на него пеперуга, сина како око.
Тоа бил мигот (подоцна разбрав)
што го втурнал по неговата патека

во загадочниот свет
на микроскопи и бројки,
значки на реверот, коли и талкања,

далеку од десетте квадратни милји
земја со исечени дрвја
што никогаш не ја нарече сиромаштија,
и кафеавата кривулеста река
што на извесен начин постојано, но попусто,
го тераше да се врати назад.

Превод: Зоран Анчевски

 

ОкоБоли главаВицФото