Ајнштајн и Сталин

19.04.2018 11:32
Ајнштајн и Сталин

Еве интересно прашање, кое денес претставува само една помалку интригантна и секако, поучна приказна, но во раната фаза на Студената војна тоа било првокласно политичко прашање – дали Алберт Ајнштајн е комунист?

Сомнеж секако постоел. Една година пред Ајнштајн да ја напушти Германија и да се упати во Америка, 1932 година Женската патриотска организација испраќа писмо на дури 16 страници до Стејт департментот во кое ги изложува причините против дозвола Ајнштајн да влезе во САД. „Дури ни Сталин лично не бил поврзан со толку многу анархо-комунистички групи“, наведуваат членките на оваа организација.

Ќе се покаже дека слични стравови споделувале и тајните американски служби. Во 1983 година професорот од Универзитетот во Мајами на Флорида, Ричард Шварц, открива дека за време на познатиот Џ. Едгар Хувер, Федералното истражно биро (ФБИ) водело опсежна истрага за Ајнштајн. Шварц објавува досие со 1427 страници за следењето на Ајнштајн. Судејќи според тие документи, ФБИ го следело и шпионирало Ајнштајн уште од 1933 година, па сè до неговата смрт во 1955 година.

Агентите ги прислушувале неговите телефонски разговори, го следеле и ги пребарувале неговите отпадоци. Во една прилика дури ја претресле куќата на секретарката на Ајнштајн. Во едно од досиејата кое ќе го состави тие години, останала и наредбата на Хувер во која се бара Бирото „да достави извештај за која било сомнителна, инкриминирачка информација која е содржана во кој било фајл што го има Бирото за оваа личност.“

Меѓутоа, на другата страна од светот нештата впрочем не биле подобри – во првите децении од 20 век Ајнштајн бил најнепожелниот научник во земјата на Советите. Сталин лично напишал дека теоријата која се нарекува релативистичка претставува апсурден производ на буржоаската мисла.

Ајнштајновата теорија на релативноста, и специјалната и општата, од самиот почеток била посматрана како махистичка, според филозофот по наука, Ернст Мах, што во традицијата на инаку сомнителната критика на Ленин на некои поставки на Мах значела нејзина смртна пресуда. “Денес се знае дека Сталин лично, преку професионални филозофи и научници кои се покориле на неговите барања и догми, бил иницијатор за побивање на теоријата на релативитет на Ајнштајн“, вели Милован Ѓилас на оваа тема во 1969 година, во книгата „Несовршено општество“.

Меѓутоа, ставот кон Ајнштајн ќе се менува со текот на времето. До тоа доаѓа природно, под принуда на надворешните прилики и очигледните докази дека теоријата на Ајнштајн не е неточна, па дури и патем да е „махистичка“.

Промената на односот спрема Ајнштајн може буквално да се следи преку различниte изданија практично на сите книги. Големата советска енциклопедија, како еден од најдобрите показатели на состојбата на духовите во 1933 година, вели „филозофската позиција на Ајнштајн не се одликува со доследност. Материјалистичките и дијалектичките погледи се испреплетуваат со махистички поставки кои доминираат во речиси сите филозофски истапувања на А. Ајнштајн“.

Но, иако претходно го критикува Ајнштајн за недоследност, дваесет години подоцна, во 1957 година, истиот извор за него вели: „Филозофските погледи на Ајнштајн имаат длабоко прогресивно научно значење независно од овие или оние изјави од таков вид.“

Во меѓувреме се јавува и идејата дека приказната за тоа дека Ајнштајн е социјалист, ако не и нешто повеќе од тоа, би претставувала победа каква Москва и нејзиниот мрачен господар можеле само да посакаат во првите години од Студената војна.

Во 1952 година, и покрај сè што напишал за него и неговите теории, и покрај физичарите и релативистите кои од дијалектички причини стигнале во гулазите, Јосиф Сталин лично го повикува Ајнштајн да дојде и да почне да живее во советска Русија. Ајнштајн ја одбива неговата понуда и продолжува да ги поминува своите последни мирни денови на Принстон, додека агентите на Хувер залудно копаат по неговото ѓубре.

Извор: http://naukakrozprice.rs

Слични содржини

Наука / Историја
Општество / Свет / Историја
Свет / Технологија / Историја
Општество / Свет / Историја
Европа / Свет / Историја

ОкоБоли главаВицФото