За солидарноста и самодовербата

19.04.2018 14:34
За солидарноста и самодовербата

Акутно чувство за одговорност

Поминаа педесет години од мајската студентска револуција во 1968 година. Што успеаа младите луѓе од тие генерации да унапредат изминатите пет децении? Кои штетни процеси ги спречија во развојот на цивилизацијата? Колку и да се големи достигнатите откритија во науката и технологијата, останува болниот факт дека како никогаш досега човекот е уплашен, смртно загрижен за својата иднина!

Денес на планетава живеат седум милијарди човечки суштества на кои им е неопходна храна, вода, воздух и простор за живот. Испитувања на компетентни научници докажуваат дека планетата се троши побргу отколку што се обновува. За 20-30 години, ако се продолжи со ова темпо на беспоштедна експлоатација, ќе се направат неповратни штети: повеќе нема да има услови и ресурси планетата да се самообновува за потребите на човештвото. Единствено нешто што му остана на совесниот човек е акутното чувство на одговорност (за спас на планетата), како ново големо движење, нова „религија“... Дали ќе се случи големо движење како пред педесет години?

Политиката ја колонизира културата

Но, нас, во Македонија, глобалните проблеми како да не нè засегнуваат (?). Па ние немаме пренаселеност, а еколошката свест е на доста високо ниво (!?) Храна насекаде во изобилство, чист воздух да не можеш да се изнадишиш и бистра вода извира од секое ридче. (!?) Кај нас, пак, од животно значење е „јазикот“. Пцуеме, плукаме, фрламе ѓубре насекаде, се давиме во диви депонии, духовна беда и сиромаштија невидена, но „јазикот“ не нè пушта, не ни дава здив да земеме за да се запрашаме до каде стигнавме со апсурдноста во нашето живеење. Сè е наопаку. Да ви кажам искрено, големата бучава околу „јазикот“ е само уште едно „обележување на територија“. И само политика, ништо друго. Израз на примитивна племенска свест. Исто како што обележување на територијата беа стотиците инсталирани бајраци низ земјава и новокомпонираните плоштади во центарот на Скопје – од оваа и другата страна на реката Вардар. Ништо не може да ме разубеди дека е така.

Јазикот е суптилно ниво на манифестирање на културата. Kултурата подразбира постојано да се развива и унапредува јазикот. Имаме замена на тезите: не да се негува и развива културата, значи љубовта кон јазиците, како духовно богатство, туку, демек, за да се има култура треба само да се задоволи некое сведување на јазикот во служба на администрацијата, на бирократијата. И, за обележување на територијата! (политиката ја колонизира културата)


Апсурдноста на човековите постапки

Не е помала апсурдноста на светот, надвор од границите на нашата земја. Ај што прават пари ползувајќи крајно нехумани начини, финансиските коорпорации кои управуваат со планетата денес и во трошењето на своите пари се крајно некреативни и глупави. Огромни пари ќе вложуваат не во екологијата туку во вселенскиот туризам, освојување на Марс, експлоатација на руди од метеори и слични проекти за иднината. Планетата Земја нека пропадне.

Патем, ќе населат некоја друга планета, пред да се уништи оваа. Токму како во филмот Интерстелер. Само они, бидејќи се „одбрани“, ќе влезат во четврта, петта димензија, таму вечно ќе живеат. На крајот на краиштата, секогаш ќе има некоја друга планета која ќе ја освојат со помош на своите пари, ако оваа пропадне. А тука, што да прават, не можат да се откажат од нафтата, од војните, тие длабоки инстинкти се посилни од нивниот разум. Иако научниците веќе открија многу поефтини и поефектни начини за произведување на енергија и, што е уште поважно, нештетни за животната средина. Но, богаташките коорпорации не попуштаат...

Солидарност

Како и да е, спасот и за нас во оваа мала земја и за целото човештво е во солидарноста. Еден мудар современ социолог со само една мисла успева да ја долови насушната потреба од суштинско, енергично дејствување на човекот денес. Тој вели дека за да се подобри состојбата на современиот човек е потребно онолку време колку да се замени една буква од solitary (осамен): „ т“ да се замени со „д“. Така се добива solidarity (солидарност). Но, за солидарност, заедништво, емпатија, сочувство е неопходна радикална промена во квалитетот на свеста. Не „обележување на територијата“ што е природна појава во животинскиот свет, туку чувство кое ќе води кон здружување против човековата бескрајна глупост и никогаш задоволена алчност. Да.

Самодоверба

Советот на млади и мудри луѓе (не на старците, аман!) кои се најголемите ентузијасти и кои секогаш ја покренуваат енергијата, треба да обзнани дека постои , сепак , и една предност од не(до)развиеноста на оваа македонска земја. Конечно, да имаме и некоја предност во својата не(до)развиеност! Тоа се однесува на поволноста (или во неповолната почва) да не се развијат големите зла кои ги следат најразвиените општества на нашата западна цивилизација: отуѓување, осаменост, разни фобии, атомизација и фрагментација па дури и згаснување на социјалните врски, неутешно чувство на несигурност.

Лошата страна на нашето општество на кое му недостасува инспирација и динамичност е бескрвноста, апатијата, мрзливоста. Излезот е во развивање избалансирана работна култура, не хиперактивност како една негативна крајност, ниту мрзливост како друга. Самодовербата е кохезивната сила која треба да го интегрира културното јадро и амбиентот за работа.

И за крај уште еден добар совет како да се постапи со вишокот на администрација: нека се дислоцираат во друга гранка која е дефицитарна, како што е земјоделието и сточарството, а не само да се префрлуваат од една во друга канцеларија! Тоа е реформа во вистинска смисла на зборот. А еколошката свест најсилно да се развива за младите луѓе да ја засакаат својата земја и да уживаат во работата на село. Не да бегаат во други земји каде што исто така постои невработеност и каде што не може да се добие добра работа туку само таа механичката и досадната и нечистата и најтешката која нивните луѓе не ја сакаат.

Значи, како и да се погледне, и на почетокот и на крајот е екологијата - грижата за зачувување на животната средина и љубовта кон земјата. Што значи дека реформите треба да бидат длабински и темелни промени, со вложен елан од сите луѓе ако вистински сакаме да се свртиме кон добра насока.