Работилница за нискобуџетен филм на Скопје филм фестивал

19.04.2018 15:55
Работилница за нискобуџетен филм на Скопје филм фестивал

Во рамки на Скопје филм фестивал, утре (петок, 20 април), со почеток во 12 часот, во Кинотека на Македонија ќе се одржи работилница за тоа како да се сними нискобуџетен филм. Режисерот на филмот „Таксим Холдем“, кој е на програмата на фестивалот, Мајкл Ондер и продуцентот Јозеф Ерчевик Амадо ќе говорат за прашањата што ги интересираат сите млади филмски автори, бидејќи се опфатени сите фази од продукцијата на филмот.

„Пишувањето сценарио што може да го режирате како режисер дебитант (одбирање на вистинскиот проект, познавање на сопствените слабости, посветување време на сценариото).

Наоѓање пари, со или без финансии од државата. Меѓународни платформи и наоѓање луѓе. Колку е важно за вашата иднина да ги запознаете луѓето на меѓународни платформи, дури и да не добиете пари.

Кастинг (ако сакате големи имиња за вашиот прв филм, како да му пристапите на кастингот. Да дознаете како да го привлечете актерот за одреден лик, како ги бираат проектите каде што учествуваат. Како да одберете талентирани актери со добра работна етика). Снимање (правење избори и компромиси во однос на локацијата, опремата и екипата. Првични планови и проби). Фестивали и дистрибуција (ќе зборуваме за сите грешки што сме ги направиле)“, се некои од темите што ги најавува Ондер за работилницата во Скопје.