1000 ПЕСНИ ВО „СЕКОЈ ДЕН ПЕСНА“! (2)

19.04.2018 17:45
1000 ПЕСНИ ВО „СЕКОЈ ДЕН ПЕСНА“! (2)

Гане Тодоровски

БИОГРАФИЈА

Се родив
Тоа е совршен факт
Живеам доста
Тоа е веќе непорекливо
Кому му требам
Секој е должен сам да знае
Пречам ли некому
Нека ме одмине
Премногу е непожелно
Да бидам одбран за враг
Вражја е живеачката
А јас сум рековме нејзин факт
Ќе умрам колку за доказ
Дека навистина сум живеел.


Семјуел Бекет

(ВО КУЈНАТА ВЛЕЗЕ ПЕС...)

Во кујната влезе пес
И корка леб грабна
Но црпалката го мавна
Со кутлачата - трес?
Мртов падна тој пес.
Сите џукели дотрчаа
Му го ископаа гробот

Над главата му напишаа
да видат другите пци:
Во кујната влезе пес
И корка леб грабна
Но готвачот го мавна
Со црпалката - трес!
Мртов падна тој пес.

Сите џукели дотрчаа
Му го ископаа гробот

(Извадок од драмата „Чекајќи го Годо")


Момчило Тешиќ

НАПРСТОК

Седи Цвета крај маса,
молкум шие и крои
фустани за куклите свои.

Со иглата во прст се боцнала.

А сатот запеал: тика‒ток!
Зошто не си земала
напрсток,
напрсток?

Превод: П. В.


Вуица Решин Туциќ

БЕЛОГЛАВИОТ СУП

Ми вели поетот Воислав Деспотов:
- Над Зрењанин се појавил
белоглав суп!
Имам видено белоглав суп
во зоолошка градина,
во Белград.
Целиот посран,
со ќелава глава,
чучеше на гнила гранка.

Превод: П. В.

Даниел Драгоевиќ

ВЕРА

Мојата вера е секогаш малку
во предметот кој паѓа,
во клучевите, да речеме,
во лулето, на пример.

Можеби се раѓа додека
предметот е во воздух? Можеби.
Или после падот кога
не знам што било,
што се случило после
темпиран сон? Или во
осаменоста на предметот
најден на подот?

Многу е тешко да се каже.
Се губат обликот, звукот,
дури и сенката за која
мислев дека е сигурна.

Превод: П. В.


Војо Шиндолиќ

МАТЕРИЈА
                                                   за Даниел Драгоевиќ

На самата граница меѓу Словенија и Италија
се наоѓа местото што се вика Материја. Бидејќи за
Трст сме врзани со животни и роднински врски, моите родители и јас, веќе со десетлетија, еднаш или двапати годишно скокаме во колата и се возиме по Јадранскиот пат од Дубровник сè до Ријека, а потоа и низ пошумените
угорници на Словенија.

Пред неколку години го забележав тоа местенце
- пред самата граница на Италија, на размеѓето Козина.

Оттогаш многу често размислувам за тоа како би било убаво да се живее во место што се вика Материја. Не само поради природата и околината, дисперзијата на светлината, благите брда со белогорични и црногорични шуми, уредно наредените стогови сено, обработените полиња, старите селски куќи со цвеќе во тенџериња - туку многу повеќе поради грамадната потенција што ја нуди името на местото.
Уште како дете, таткото физичар, ме научи на дефиницијата
за материја - „сè и секоја објективна реалност која постои
независно од човечката свест и која на разни начини
се одразува во нејзе“.

И со каква само радост, на прашањето „Откај сте вие?“,
ќе одговарав: „Знаете, јас сум од Материја“.

Превод: П. В.

Ева Липска

ПРЕД ПРОДАВНИЦА

Ве молиме смртта да ја оставите пред продавницата.
Врзана со ремче. Најдобро со корпа.
Сигурно е веќе вакцинирана против беснило.

Се извинуваме поради шиканирањето.

Стигна новата испорака на живот.
Купувачите се буткаат.

А таа понекогаш залајува.
Те дофаќа за ракавот.
Или во тебе смртно
се вљубува.

Превод: П. В.


Чарлс Симиќ

МЕСАРНИЦА

Понекогаш шетајќи доцна ноќе
Запирам пред некоја затворена месарница.
Внатре има само една ламба
Како ламбата на која робијашот копа тунел.

На куката виси престилка:
Крвта врз неа размачкала мапа
На големи континенти од крв,
На големи реки и океани од крв.

Има ножеви што светкаат како олтари
Во мрачна црква
Кај што ги носат недугавите и улогавите
За да се излечат.
Има и дрвен трупец врз кој се кршат коските,
Чисто изгребан: —река осушена до своето корито
Од којашто се хранам,
Од којашто во ноќта ќе слушнам глас.

превод: Богомил Ѓузел

Пат Боран

МАЛОГРАЃАНСКИ ЖИВОТ

Соседите спроведуваат
тело по улицата,
жена спакувана
во алишта - првиот и последниот
подарок од општеството. Венците
навестуваат врска
меѓу смртта и убавината,
додека куклите,
со очи отворени, сонуваат
во излозите на стоковната куќа,
носејќи ги алиштата за кои велиме би умреле,
и во кои, кај и да е,
може ќе нè закопаат.

Превод: Магдалена Хорват

Рејмонд Карвер

НАКОВАЛНА И КОСА

Во еден момент ги бев отворил прозорците
а сонцето веќе беше зајдено. Топол ветрец
проструи низ собата.
(Го спомнав тоа во писмото.)
Тогаш, додека набљудував, се смрачи.
Водата почна да се пени.
Сите рибарски чамци се враќаа
во пристаништето, како мала флота.
Испопаѓаа хартиените вртешки
на тремот. Се извиткаа врвовите на нашите дрвја.
Ќунците од печката чкрипеа и ѕвечкаа
на споевите.

Реков: „Наковална и коса“.
Така си зборувам со себе.
Ги изговарам имињата на работите -
вител, чекрек, иловица, табак, фурна.
Твоето лице, твојата уста, твоето рамо
сега ми се неодгатливи!
Каде исчезнаа? Како да ги
сонував. Камењата што ги донесовме
од плажа лежат на прозорската даска,
ладејќи се.
Дојди си дома. Слушаш ли?
Градите ми се гушат од чадот
на твојата отсутност.

Превод: П. В.


Весна Ацевска

СО ЧАЈ

Јас сум таа што зема,
јас сум таа што дава
чај и приказни за чајот
од билото на планината,
од стрмнината изорана
со копита, шепи и канџи,
од ползачи рамнета,
со густ полен полеана.

Јас сум таа што зема,
јас сум таа што дава
чај и трска за приказна
од дното на долината
кај што езеро заспало,
а ламја го чува в сонот,
среде сонот лотос пламти,
а огнот е ѕвезден кораб.

Јас сум таа што зема,
јас сум таа што дава
чај и приказни за чајот
дури коработ низ мракот
над езерото запира.

Ацо Шопов

НОЌЕН ИЗВОР

Загледан
во ноќен извор
како во урочен лик,
што најде
што откри,
какви огнови стопи,
па не чу
како паѓа птицата
од сопствен крик
или од темјан на вода
смртно што ја опи.

Загледан
во тоа огледало
срцето што ти го скова
во какви длабини слезе,
од која вода се напи,
дали те зароби звукот
на магија нова,
во мртво море
од камен луд ли стапи,

па сега
во ноќен извор
како во своја слика
го бараш
оној летач
сурово што ќе ти суди.

И нити гледаш нешто
ни слушаш
како те вика
славејот
во крвта твоја
пеколот што го буди.


Лилјана Дирјан

ТИЕ ТАЖНИ ФИЛМСКИ СЕКВЕНЦИ

Тесен процеп на прозорецот
сосема мал
клучалка за едно око
и сноп светлина
во слабо осветлена просторија
погледот летнува
запира на лицето на младичот
на усните
и таа уста вели: - Си одам
и тогаш погледот отиде карши
и таму застана, се сврте кон жената
таа беше потпрена на раб светлина
- Остани - шепна

Слики: John Broadley

ОкоБоли главаВицФото