Со мала помош од пријателите...

20.04.2018 01:40
Со мала помош од пријателите...

Пријателите ги почитуваме и сакаме, но пријателството, како и љубовта, ретко оди мазно. Може да се чувствуваме љубоморни на достигнувањата на пријателите кога се присилуваме да бидеме среќни заради нивниот успех. Понекогаш е тешко да им дадеме објективен совет на пријателите, кој не е поврзан со тоа каква личност сакаме да бидат. Може да одбиваме да си дозволиме промена; понекогаш пријателствата доживуваат неуспех кој предизвикува болка кај сите што се вклучени.

Сепак, пријателствата се од витално значење; имаат централно место во нашето уживање во животот.
Поконкретно, пријателствата се од суштинско значење за нашето чувство за тоа кои сме. Невролозите укажуваат дека нашиот мозок не ни го открива светот каков што е, туку како можни толкувања на она што се случува околу нас, извлечено од нашето минато искуство. А бидејќи двајца луѓе никогаш немаат исто искуство, работите секогаш ги гледаме на различен начин.

Повеќето од конструкциите на нашиот мозок се несвесни. На почетокот од нашиот живот, нашиот тек на свесни и несвесни конструкции создава еден вид вртлог кој брзо станува наша најскапоцена сопственост, односно тоа е нашето чувство за сопствената личност, она што го нарекуваме „јас". Како и вртлогот што не може да постои без реката што го создала, така и нашето чувство да се биде личност не може да постои одвоено од текот што го создал.

А бидејќи реалноста не можеме да ја видиме директно, сите наши идеи се претпоставки за она што се случува. Така нашето чувство да се биде личност е составено од овие претпоставки. Цело време создаваме идеи за тоа кои сме, што се случува сега, што се случило во нашиот свет, и каква ќе биде нашата иднина. Кога овие идеи, прикажани од настаните, ќе бидат разумно точни, односно кога се потврдени нашите идеи, се чувствуваме сигурни во самите себе, но кога тие ќе се покажат погрешни, чувствуваме дека се распаѓаме.

Пријателите се централни за ова важно чувство на валидација. Кога некој пријател ни потврдува дека светот е таков каков што го гледаме, се чувствуваме побезбедно, посамоуверено. Од друга страна, кога велиме: „Јас сум скршен", или „ ситуацијата ми се лизга од раце", можеби не ја користиме реченицата како клише, за да опишеме лош ден, туку зборуваме за нешто што го доживуваме како застрашувачко: дека се соочуваме со предизвикот на чувството на несигурност и запрашаност за тоа кои сме. Ова искуство е толку застрашувачко што развиваме многу различни тактики насочени кон зачувување, поништувањеи одбрана на самите себе за да не бидеме поништени како личност.

Емоционална поддршка

Постојано проценуваме колку е безбедно нашето чувство за сопствената личност. Нашите проценки се оние толкувања што ги нарекуваме емоции. Сите наши емоции се однесуваат на степенот на сигурност или опасност што го доживуваме како личност. Овие интерпретации се толку важни за нашиот опстанок што не треба да ги формулираме во зборови, иако, се разбира, можеме. Нашите позитивни емоции се интерпретации поврзани со безбедноста, додека мноштвото негативни емоции го дефинираат конкретниот вид опасност и степенот на таа опасност. Радоста е: „Сè е онака како што сакам да биде"; љубомората е: „Како се осмелува таа личност да има нешто што е мое".

Може да бидеме оштетени или повредени од настани како што е банкрот на фирмата во која работиме, но најчесто најмногу се чувствуваме понижени од страна на други луѓе.

Една пријателка ми кажа дека нејзиниот сопруг ги искористил лозинката и пин кодот за да ги потроши сите пари од нејзината сметка и да ја финансира својата тајна навика за коцкање. Загубата на нејзинита заштеда беше ужасен удар, но многу полоша беше загубената доверба во личноста што ја гледаше како најдобар пријател.

Кога таа кажуваше дека се распаѓа, јас ја уверував дека она што се распаѓа се нејзините идеи. Сè што требаше да направи е да издржи еден период на неизвесност додека да изгради идеи кои подобро ја одразуваат нејзината ситуација.

Пријателството може да биде животна награда, но исто како и сите врски, може да биде ризично. Другите луѓе можат да нè изневерат или навредат, што нè води кон тоа да се чувствуваме понижени или загрозени. Сепак, другите луѓе ни се потребни за да ни укажат дека некогаш имаме погрешни претпоставки и кога ќе ги сфатиме работите, да ни помогнат да направиме попрецизни проценки. Живејте целосно сами и вашите претпоставки ќе стануваат сè поодалечени од реалноста.

Степенот на ризик кој го гледаме од нашите пријатели директно зависи степенот на самодоверба. Кога сме уверени во себе чувствуваме дека можеме да се справиме со тоа да бидеме повредени; кога немаме самодоверба, често гледаме опасност и кога таа не постои. На пример, да ја погледнеме љубомората. Чувствувајќи самодоверба, можеме да се радуваме на успехот на нашиот пријател кога ќе добие нова работа; ако се чувствуваме инфериорно, гледаме опасност и се обидуваме да се браниме со: „Тоа не е фер". Тогаш не можеме да видиме дека нашето пријателство треба да ни биде поважно од повредената гордост.

Степенот на самодоверба исто така се однесува на тоа колку сме подготвени да прифатиме промени и колку сме способни да им дозволиме на нашите пријатели да се сменат. За да се чувствуваме сигурни во самите себе, треба да можеме да ги предвидиме настаните разумно прецизно. Мислиме дека добро ги познаваме нашите пријатели и може да предвидиме што ќе сторат. Создаваме ментална слика на нашите пријатели и сакаме да ги задржиме во рамките на таа слика.

Потребата да го направиме ова може да ја замени нашата способност да ги видиме нашите пријатели на начинот на кој тие самите се гледаат. Ние не сакаме тие да се променат, бидејќи тогаш ќе треба да ја промениме сликата за нив. Промената создава неизвесност, а неизвесноста може да биде застрашувачка.

Паѓање

Сепак, неможноста да се дозволи промена може да доведе до крај на пријателството. Неуспехот со некој пријател ни покажува дека нашата слика за него од која ги добиваме нашите претпоставки за тој пријател е погрешна; и ако тоа е така, ќе почувствуваме дека нашата личност е загрозена.

Ако сме изгубиле пријател, мора да го смениме начинот на кој се гледаме себеси и својот живот. Секој од нас живее во сопствен индивидуален свет на значења. Треба да најдеме пријатели чии индивидуални светови, на некој начин, се слични со нашите за да може да комуницираме еден со друг.

Луѓето кои најдобро можат да нè потврдат, се оние кои ги гледаме како еднакви и со кои може да има взаемна наклонетост, доверба, лојалност и прифаќање. Таквите луѓе ни даваат валидација која гради трајна самодоверба и покрај тешкотиите со кои се соочуваме.

Тие се нашите вистински пријатели.

Кога сакаме да разбереме друга личност, може да го сториме тоа само преку дискусија во која не ѝ судиме, туку бараме појасни описи за тоа како се гледа себеси и својот свет.

Психолозите се експерти само кога ја користат теоријата како рамка за поставување на такви прашања. Истражувања имаат цел да откријат која од сите терапии најефикасно ќе покаже дека најважното нешто не е конкретната теорија што терапевтот ја користи, туку природата на односот помеѓу клиентот и терапевтот. Добра терапевтска врска е еден вид пријателство во кое постојат граници кои не постојат во обичните пријателства, но, како и во пријателства, довербата, лојалноста, прифаќањето и наклонетоста се важни. Ова е причината зошто пријателот може да биде нашиот најдобар терапевт.

Треба да користиме две клучни прашања. На пример, ако вашиот пријател вели: „Мајка ми умре кога имав пет години", прашајте: „Што чувствуваше?" Одговорот може да биде: „Бев вознемирен, бидејќи мислев дека умрела зашто бев непослушен". Од ваквиот одговор може да разбереме зошто оваа личност секогаш се труди да биде особено добра.

Ако вашиот пријател ви каже: „На семејството и на пријателите секогаш им праќам роденденски честитки", прашајте: „Зошто ти е важно да пратиш роденденски картички?" Секогаш вклучете го зборот „за тебе". На тој начин одговорот ќе ги изрази принципите според кои личноста го живее својот живот.

Одговорите на луѓето за кои мислиме дека најдобро ги знаеме, често може да нѐ изненадат колку сме грешеле. Откритието дека оној за кого мислиме дека добро го знаеме, поинаку гледа на работите, може да ни предизвика чувство на осаменост.

Сепак, дали разликите во нашите перцепции не се оние што, на крајот, го прават животот интересен? И не ли е уметноста на пријателство базирана на познавањето и прифаќањето на нашите разлики?

Слики: Wendell Gladstone

Извор: The Guardian

 

Слични содржини

Книжевност / Психологија / Живот
Психологија / Живот
Психологија / Наука / Живот
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Книжевност / Психологија / Живот / Култура

ОкоБоли главаВицФото