Ден на независните музички продавници во МКЦ

20.04.2018 16:21
Ден на независните музичките продавници во МКЦ

На 21 април (сабота), МКЦ и АП(о)ТЕКА, во периодот од 13 до 17 часот, ќе организираат дневно дружење на платото пред МКЦ, по повод International Record Store Day 2018 (Celebrating The Indie Record Store)

Овој интернационален „Ден на независните музички продавници“ во светски рамки се одржува од 2007, а во Македонија, се организира по втор пат.

Следејќи го генералниот концепт на прославата и Record Store Day Macedonia 2018 има свој амбасадор, промотер на овој настан. Оваа чест, во светски рамки секогаш е наменета за музичари, кои со своите објави покажале несомнена почит и љубов кон физичките изданија (пред сѐ винилите) како доминантни носачи на звук и несебично го поддржувале опстојувањето на малите музички продавници.

„Водејќи се од овие основни начела, честа да биде македонски Амабасадор на овогодишниот македонски „Record Store Day“, му ја доделуваме на најдобриот македонски, без многу размислување тврдиме и балкански а цврсто ќе ја браниме и тезата дека е во редот на најдобрите европски гитарист на сите времиња - Влатко Стефановски.

Признанието, му припадна најмногу заради фактот што токму тој во изминативе 50 години, колку што трае неговата музичка кариера (првиот документ каде се споменува состав каде тој членува - Јегуље, датира од 1968 година), со име и презиме ќе потпише најмногу винилни изданија во македонската дискографска историја“, најавуваат организаторите

Годинава, по вторпат во својата единаесетгодишна историја, на интернационално ниво се промовира уште една почест, Worldwide Record Store Legend, за страсно колекционерство и долгогодишна поддршка на физичките изданија како носачи на звук (пред сè на винилот) и континуирана поддршка на малите и независни музички продавници.

„Сметавме дека кај нас, честа да биде промовиран во втора македонска Worldwide Record Store Legend, треба да му припадне на Владимир Мандичевски-Манде, долгогодишен пасиониран колекционер на физички изданија, редовен посетител на ретките македонски независни музички продавници, но најмногу поради улогата која ја имаше неговата (прва во Р. Македонија) музичка продавница Bagi Shop на почетокот на 90тите години од минатиот век.

Во тие години на немирно живеење, Bagi Shop беше едно од ретките културни (музички) оази за младите луѓе, единствениот извор за квалитетна (некомерцијална) музика и место каде низ разните собиранки и дружења започнаа да се раѓаат (а подоцна и реализираат) безброј идеи кои за краток период ќе ја воздигнат македонската музичка сцена на едно поорганизирано и поквалитетно ниво. Во најмала рака, Манде и Bagi Shop, преку своите активности, ставија минимум едно камче во мозаикот, кој и ден денес го составувавме, а кој ни е основа во препознатливиот урбан македонски музички идентитет“ соопштуваат од МКЦ.

Покрај укажувањето почит кон споменатите личности, самиот Record Store Day 2018 ќе биде одбележан и со квалитетна, неколкучасовна, дневна, DJ забава и еден live act пред платото на МКЦ.

Забавата вклучува едночасовни сетови на најурбаниот скопски DJ Зоран Ристевски (Зоки Бејбе), култната скопска перформанс артистка и пејачка во неколку значајни бендови-проекти (Мизар, Vermilion Deviate, Nora) Нора Стојановиќ, и легендарниот басист во десетина скопски состави од 90’s и од новиот милениум (Süns, Fresh, Demek, Bernays Propaganda, ХаХаХа, Мизар...) Саша Павловиќ-Фреш. Со настап во живо и претставување на новиот материјал на Mammoth & Yashem, ќе го затвориме и годинешното чествување на интернационалниот Record Store Day 2018.