Македонското прашање

21.04.2018 00:24
Македонското прашање

Спорот за името помеѓу Македонија и Грција може да им се чини тривијален на надворешните набљудувачи, но токму тој спор ја разгорува десницата во двете земји.

Што впрочем се крие зад името? Македонија претставува назив за северната грчка покраина, а воедно е и место на раѓање на Александар Велики, заради што има големо историско значење. Исто така, тоа е и името на Република Македонија, и регион во Бугарија. Милиони етнички Грци се нарекуваат Македонци и токму нивната тенденција за признавање на овој назив го разгоруваше грчкиот национализам. Од друга страна, во Република Македонија, сè повеќе се развиваше антигрчкиот став. Звучи помалку ситничаво, но конфликтот помеѓу Грција и Македонија во последните три децении често се игнорираше заради нестабилноста на Балканот. Македонија долго време во рамки на Југославија беше речиси скриена. Затоа целиот проблем изби на површина дури кога дојде до распад на федерацијата, односно кога Македонија прогласи независност.

Распадот на социјализмот во Југославија и соседните балкански земји, кои речиси сите граничат со Грција, влијаеше на сè поголемиот прилив на мигранти од тие земји. Наведеното влијаеше на општествено-политичкиот контекст во Грција, што доведе до брутална трансформација во нејзини рамки, со што таа стана исклучително чувствително подрачје. Заради стравот условен од балканското минато доаѓаме до сржта на проблемот во овој конфликт околу името, кој доби ново значење.

Националистичкиот бран

Пред името „Македонија“ да се однесува на земјата, тоа беше област што претставуваше место на огорчена борба на земјите кои се создадени по распадот на Османското царство. После Балканските војни (1912-1913) оваа област прво била поделена помеѓу Грција, Бугарија и подоцна Кралството СХС. Подоцна, во 1944 година се создаде посебна република во рамки на Демократска Федеративна Југославија, за во 1963 година да се преименува во Социјалистичка Република Македонија.

Републиката на референдумот во 1991 година стекна независност, иако го задржа правото за легално учество во идни заедници на поранешните југословенски земји. Тоа е знак за постоење пројугословенски чувства, кои треба да се посматраат во рамки на новосоздадените етнички подебли, кои владееја во федерацијата. Како и да е, во контекст на согледувањата на одредени историчари и иредентисти, Грција веднаш се спротивстави на употребата на името Македонија. Една од причините за спротивставувањето беше и тоа што жителите на северна Грција исто така се дефинираат како Македонци. Грција се спротивстави и заради фактот дека македонскиот народ го смета за најголема етничка група заедно со нивниот јазик. Откако стекна независност, Македонија постојано е изложена на напади од грчките медиуми и политичкиот естаблишмент за одржување иредентистичка политика која вклучува територијални претензии на соседните земји, и за присвојување на античките симболи, кои Грците пак ги сметаат за дел од својата историја, како ѕвездата од Вергина (симбол на древната македонска династија) и Александар Велики.

Овој грчки став не е променет и покрај тоа што во македонскиот устав е интегрирана одредбата според која е одредено дека државата нема да има никакви територијални претензии кон друга земја и дека нема да се меша во внатрешните прилики на соседните земји. Од друга страна, агресивната националистичка реторика на десната партија ВМРО-ДПМНЕ, која беше на власт речиси во последните дваесет години, во голем дел придонесе за ескалација на конфликтот помеѓу двете земји.

Создавањето тензии во Грција, после распадот на Југославија и неодамнешните војни на Балканот, системски го потпомогна грчката православна црква која незадоволството на грчкото јавно мислење дополнително го генерираше во националистичка кампања, која директно ја насочи против Република Македонија. За таа цел во 1992 година организираа масовни протести во Солун и Атина, на кои дополнително се истакнуваше дека Грците имаат исклучиво право на употребата на името „Македонија“. Значајна улога во овие движења, кои собираа стотици илјади поддржувачи, имаа националистичката десница и Црквата и различни десничарски групи.

И навистина, главните политички партии во Грција на 13 април 1992 година се сложија да не го прифаќаат називот „Македонија“ во името на новата држава. Со цел покажување на националното единство, на националистичките собири учествуваат и партиите од левицата, како Синаспимос. Инаку, исклучок беше Комунистичката партија заедно со останатите партии од радикалната левица.

И покрај тоа, ситуацијата се промени. Имено, Синапсимос почна да се движи сè повеќе кон лево, а со самото тоа и да се дистанцира од наведената политика. Во согласност со тоа, партијата во 1996 година одби понатаму да биде дел од националистичкиот блок кого го предводеа мејнстрим партиите. Оттогаш партијата ја брани оваа позиција, која ја креираше врз основа на компромисот со комунистите, а која ја вклучува тезата дека се работи за „сложено име“ (Македонија како географска ознака и Македонија како ознака за историскиот период.) Ова воедно беше и официјалниот став на Сириза, уште од нејзиното основање во 2004 година, а токму коалицијата со Синапсимос ја сочинуваше главната компонента на коалицијата, иако некои нејзини делови (како огранокот на младите и ДЕА и Меѓународната работничка левица) го бранеа правото на Република Македонија да го задржи своето уставно име.

Привремениот компромис направен 1993 година под покровителство на Обединетите нации, во рамки на кој Македонија беше примена во меѓународните организации со името БЈРМ – Бивша Југословенска Република Македонија. Сепак, не требаше долго да се чека повеќето земји да ја признаат под нејзиното уставно име (во моментов е признаена од 130 земји, од вкупно 190 членки на ОН). Од 2008 година, грчките политички елити полека почнаа да го прифаќаат „компромисното име“, но сепак без јасно и отворено покажување на промените на преговарачките позиции. Преговорите помеѓу двете земји проаѓаа низ различни фази, во кои се менуваа моменти за усогласување на ставовите и моменти на тензии, кои дополнително го разгоруваа национализмот во двете земји.

Една од најинтересните манифестации, беше злоупотребата на античките симболи, односно размножувањето на фигурата на Александар Велики и ѕвездата од Вергина во двете земји. Имено, во 1992 година аеродромот во Кавала беше преименуван во аеродром Александар Велики, по што малку подоцна истата година, Солун беше преименуван во Македонија, што беше проследено со хиперинфлација на ликот на Александар Велики на грчките плоштади и авении. И аеродромот во Скопје во 2006 година исто така беше преименуван во аеродром Александар Велики. Во рамки на тоа следеше брендирање на целиот град, никнуваа огромни статуи и згради со цел обновување на славната античка Македонија. Целиот проект наречен „Скопје 2014“ стана симбол на кич и корупција и воедно играше главна улога во скандалите кои ги зафатија македонските политички и бизнис елити во последните години.

Улогата на Соединетите Држави

Преговорите помеѓу двете земји продолжија кон крајот на 2017 година под покровителство на дипломатот Метју Нимиц, кој со ова прашање се занимава уште од деведесеттите години, а кој се перципира како претставник на американските интереси. Моменталната фаза е обележана со волјата на двете влади да се прифати компромисно решение, за да се олесни она што стана американски императив на Балканот: влегување во НАТО, со конечна цел вклучување на Србија во овој сојуз.

Процесот започна со црногорското приклучување во НАТО во мај 2017 година и покрај фактот дека Црна Гора има популација од вкупно 620 000 жители и занемарлив дел војска од 30 000 војници. Ова приклучување пред сè имаше стратешка важност. Со тоа беше завршена интеграцијата на земјите по должина на Јадранското море во НАТО, со Италија, Словенија, Хрватска и Албанија кои веќе се членки. Тоа, исто така, го намали влијанието на Русија во оваа земја, а со самото тоа дојде и до спротивставување на политичките елити кај еден дел од јавноста, кој не се сложува со ваквата политика. Американскиот сенатор Џон Мекејн, при посетата на Црна Гора во април 2017 година ја нагласи важноста на Црна Гора за НАТО во смисла на создавање антируски појас на Балканот.

Примањето на Македонија во овој сојуз ја следеше истата логика, приближувајќи ги САД сè поблиску до нивната објективна цел: надминување на српската формална неутралност и елиминирање на Русија од влијателната позиција на Балканот. Оваа цел ја помагаат и овие две влади кои моментално се наоѓаат во дискусиите околу името.

Во Македонија националистичкото десничарско крило ја изгуби политичката моќ по избивањето на скандалот поврзан со прислушувањето. Во 2015 година беа откриени транскрипти кои покажуваат големи размери на корупција во која се вмешани политички и бизнис елити како и системот на разузнавачката заедница. Тоа поттикна бран протести кои доведоа до предвремени избори во 2016 година, на кои победи коалицијата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (Сдсм), кој впрочем е наследник на владејачките структури од времето на Југославија, и партиите кои го претставуваат албанското национално малцинство. Моменталната македонска влада има желба да ја докажува својата лојалност на САД и ЕУ, па е подготвена да направи сè за да ја поттикне интеграцијата во НАТО до летово и да ги забрза преговорите за пристапување кон Европската унија. Во тој контекст треба да се посматра и прифаќањето „компромисно име“ (називот Македонија како географска ознака) како и преименувањето на аеродромот во Скопје кој во 2006 година беше именуван како Александар Велики). Сето тоа е дел од политиката која има за цел да ја приближи земјата до САД и ЕУ, а која како што се чини има поддршка од поголемиот дел од населението, кое сака меѓународно признавање и „европеизација“.

Во Грција, Сириза после капитулирањето пред Тројката летото 2015 година и имплементирањето на мерките за штедење, дерегулација и приватизација, стана најагилниот поддржувач на НАТО и Израел на источниот Медитеран. Меѓу познавачите на грчката надворешна политика кружи тезата дека целта на политиката на Алексис Ципрас е од Грција да направи „Израел на Балканот“, односно главен столб на Западот на ова подрачје на кое расте нестабилноста, притоа создавајќи предност пред Турција, заради нејзиното свртување кон авторитаризам и јакнење на тензиите со САД. Обезбедувајќи позитивен исход од преговорите, зад кои стојат САД, со новата влада на Република Македонија, Ципрас со еден удар убива две муви: од една страна, се покажува како веродостоен во поглед на својата преговарачка позиција, додека од друга, го потврдува статусот на најверодостоен партнер на американските интереси во овој регион.

Моменталното јавно негодување

Сепак, неговата одлука предизвика немири ширум земјата. Првиот масовен собир се одржа на 21 јануари во Солун, а потоа и на 4 февруари во Атина. На овие собири се бараше враќање на ексклузивното право на името „Македонија“ и воедно се бараше одбивање какво било компромисно решение. Иако овие протести во квантитативна смисла беа помали (90 000 во Солун и 140 000 луѓе во Атина) од оние од 1992 година, тие имаат одредено значење, особено во смисла на политичката апатија која моментално постои во Грција. Протестите делумно беа поттикнати од истите оние сили кои ги иницираа протестите во деведесеттите. И покрај тоа тие исто така наидоа и на поддржувачи меѓу патриотската левица, која капитулацијата на Ципрас пред Тројката ја поврза со прашањето за името „Македонија“.

Така дојде до ситуација диригентот и симболот на грчката левица Микис Теодоракис, за време на протестите сцената да ја дели со говорници кои ѝ припаѓаат на ултранационалистичката десница. На нив им се придружи и поранешната претседателка на грчкиот парламент и основач на движењето Текот на слободата, Зои Константополу, која се обидува да го копира политичкиот стил на францускиот радикален левичар Жан-Лук Меланшон, односно неговата партија La France Insoumise.

Особено загрижувачки делува фактот дека очигледно мнозинството Грци (60 до 70 проценти) се против какво било компромисно решение, според кое името „Македонија“ во наведената смисла би претставувало решение. Ако националистичкиот бран од деведесеттите беше условен од геополитичките промени на Балканот, мотивацијата на овие протести се чини мошне покомплексна, во која е вклучена фиксацијата на „името“ заедно со раширеното незадоволство од политичките елити кои ѝ се предадоа на Тројката и со тоа Грција ја доведоа до раб на очај.

Во средиштето на траумата на грчкиот народ се наоѓа капитализацијата на владата на Сириза, и тоа само неколку денови по референдумот на кој со дури 62 проценти од гласовите беа одбиени мерките за штедење кои ги наметнуваше Европската унија. Чувството на предавство и длабоко понижување дополнително зајакна со имплементацијата на понатамошните мерки за штедење, константната економска стагнација, продажбата на преостанатиот државен имот и емиграцијата на стотици илјади високообразовани Грци. Во општество кое е длабоко зафатено од деморализирана и идеолошка конфузија, разликите помеѓу левицата и десницата за повеќето луѓе се губат. Во таа насока, протестите против имагинарната продажба на името Македонија, впрочем стануваат начин на кој грчкиот народ ја одбива вистинската продажба на основните барања на обичните Грци, а која ја извршија сите влади во изминатата деценија.

Ова е очигледно опасна ситуација, во која латентната, но мошне длабока политичка криза може да им користи на авторитарните и реакционерни сили, кои водат кон понатамошен раст на нестабилност во пограничната област. Моменталното поместување од мртва точка не е можно без признавање на правото на македонскиот народ на самоопределување и деноминација, односно самостојно да го одреди името на својата држава. „Комбинираното име“ се чини како прагматичен компромис, но исто така пружа можност за дополнителен развој на опозиција од двете страни на границата. Ова решение го прифатија политичките елити, кои се потполно подложни на неолибералните и западните интереси. Затоа тоа повеќе се чини како резултат на притисокот на надворешните сили, отколку како искрена желба да се живее мирно. На тој начин, останува отворена можноста за развој на понатамошен презир и чувство на недоверба и ривалство помеѓу двете земји.

Во овој конфликт, Грција очигледно е посилниот играч. За да го запре националистичкиот бран, потребно е да прекине со тактиката на тероризирање и понижување на својот сосед. Меѓутоа, политичката елита не е способна за таа задача. Затоа, повеќе од потребно е силите на грчката левица да ја надминат својата поделеност и импотенција, повлекувајќи искуства од минатото, за да понудат прогресивна алтернатива за незадоволниот народ. Неизбежен услов за тоа е да се одбие секаква националистичка регресија за одбрана на националната сувереност и пружање отпор на странските сили кои се одговорни за очајната состојба во државата.

Вистинските непријатели на грчкиот народ не се наоѓаат во Скопје, туку во Берлин, Франкфурт, Брисел или Париз и, секако, во самата Грција.

Извор: https://jacobinmag.com