Дискусија за квир кинематографијата на Скопје филм фестивал

22.04.2018 15:01
Дискусија и промоција за квир кинематографијата на Скопје филм фестивал

Како дел од програмата на Скопје филм фестивал, на 23 април (понеделник) во кино Фросина, со почеток во 19 часот ќе се одржи дискусија на тема „Размислувања за квир кинематографијата“.

Жоао Флоренсио (Универзитет Екситер) и Станимир Панајотов (Централноевропски универзитет, Институт за општествени и хуманистички науки – Скопје) ќе ја водат публиката низ кусата, но моќна историја на квир филмот. Ќе ја запознаат публиката со делата на легендарните независни режисери и сценаристи, како Жене, Фасбиндер и Џарман преку Грег Араки и новата квир кинематографија, сè до Брус Лабрус, како поновите документарци за кризата со сида и историите на сеќавање, и улогата на порното во современиот квир филм. Заедно тие ќе ги разоткријат најважните теми и идеи што се движечка сила на квир филмовите до денес, на заедничко предавање, по што ќе следува отворена дискусија со публиката.

Во рамките на настанот, Левичарското движење „Солидарност“ ќе го промовира македонскиот превод на книгата „За засрамените геј мажи“ од Ендру Хоџс и Дејвид Хатер, кои на смел и бескомпромисен начин прават анализа за тоа како геј луѓето се самоугнетуваат и стануваат агенс во системот на културна опресија во општествата.

Напишан во 1974 година, овој памфлет цели кон истражување и објаснување за тоа како, преку самоопресирање, ѝ дозволуваме на хомосексуалната опресија да го одржи својот огромен успех. Започнува онаму каде што застанаа психијатријата и хомосексуалноста и не се обидува да ги открие причините за хомосексуалната опресија, туку средствата со кои таа се служи. Напишан е од хомосексуалци, за да биде читан од хомосексуалци, со избор на тема што значи дека во целост ќе заземе критички став.

Преводот е на Анастасија Петревска и Марио Стојаноски.

Промотор на настанот ќе биде Александар Ковачевски, селектор на фестивалската програма Квир Фокус, што почна годинава.

 

 

ОкоБоли главаВицФото