Другиот е друг, сè додека не го запознаеш

23.04.2018 00:16
Другиот е друг, сè додека не го запознаеш

Ако се заклучуваш во твојата средина и не излезеш од твојата зона на сигурност никогаш нема да бидеш побогат како човек. Нема да запознаеш нови луѓе, нема да имаш нови искуства, а најважно ќе бидеш полн со предрасуди за другиот, кој и да е другиот за тебе. Во Македонија во моментот помеѓу многу „други“, други се и бегалците и мигрантите. Во некој период стануваат поинтензивно други, во друг помалку, но сепак секогаш остануваат други.

Една од главните причини за стигматизација и предрасуди кон другиот е незнаењето. Но, кога некој ќе го полни јавниот простор со негативна медиумска пропаганда, незнаењето станува опасно за околината.

Истражувањето на проектот „Поттикнување на промена на стигматизирачки ставови“ спроведено од Институтот за демократија, како партнерска организација во Македонија покажува дека стравот и предрасудите кон луѓето од исламска вероисповест се најголем извор на стигматизација кон бегалците и мигрантите кај младите луѓе од осум европски земји, (четири од Западен Балкан меѓу кои и Македонија и четири земји-членки на ЕУ) кои одговорија на онлајн анкетата.

Фактот што просечното знаење за исламската религија е релативно ниско (на скала до 6 е 2.2), укажува дека негативните ставови кон исламот се засноваат на недостаток на знаење. Но, на пример, познавањето на пет основни факти за исламот, го намалува нивото на исламофобија за околу 6%, што укажува кон тоа дека знаењето води кон едно утре во кое луѓето би имале помалку предрасуди кон другите.

Од друга страна, младите луѓе од Западен Балкан се помалку исламофобични отколку нивните врсници од Европа. Нивото на исламофобија кај младите луѓе во Западен Балкан е 2.5, а за младите луѓе од европските земји 2.9. Но, тоа што е вознемирувачки е дека на скала од 1 до 5 степенот на стигма кон бегалците и мигрантите кај младите луѓе во Западен Балкан е 2.65, иако дури 67% од нив изјавиле дека не биле изложени на каков било контакт со имигрантите.

Иако исламофобијата е првенствено поврзана со прашањето на религијата, карактеристично за Балканот, истражувањата покажаа дека силата на националниот идентитет, а не на степенот на религиозност, игра поголема улога врз исламофобијата.

Сите овие фактори во комбинација создаваат општество кое не е отворено, а Македонија знае подобро од тоа да се затвори и да креира политики кои не ги прифаќат тие на кои помош им е најмногу потребно во моментов.

Тоа што најмногу помага во овие ситуации е контактот со бегалците и мигранитите. За жал, Македонија е само транзитна земја (не само за бегалците и мигрантите, и за младината на Македонија за жал), и мал број од беглаците и мигрантите одлучуваат да остануваат овде. Шансите за контакт со бегалци во нивините тесни кругови е многу мал, но секако, секогаш постои можноста на вклучување на младите, но и постарите во различни акции. Во Македонија има неколку организации кои работат со бегалци и мигранти, а според истражувањето, контактот го намалува нивото на исламофобија и стигма на младите кон бегалците и мигрантите. Затоа, сметам дека треба граѓаните да се поттикнат повеќе да волонтираат во бегалски кампови, иако реално треба да се поттикнат граѓаните да волонтираат и во другии акции и движења. Што поблиску и во што поголем контакт се со бегалците, но и со други загрозени категории ќе се зголеми и нивото на солидарност, но и проактивноста кон промена и кон подобри политики за различни маргинализирани групи.

Што конкретно може да се направи во вакви ситуации? Само учењето не секогаш помага. Се работи за цел систем на вредности кој е туѓ за Европа, но реално не е туѓ за Балканот, особено не за Македонија. Само треба да ги потсетиме граѓаните дека се работи за луѓе кои го имаат изгубено својот дом, и дека се во потрага за подобар живот за себе и своите семејства. А на крајот на денот, нели сите ние трагаме кон истото?

Посвесни граѓани за посовесна држава.

Влора Речица е помлад истражувач во Институт за демократија Социетас цивилис – Скопје

Слика: Eli Horn

Извор: Радио МОФ

 

 

Слични содржини

Општество / Европа / Став / Теорија
Општество / Европа / Став
Општество / Став / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото