1012 hPa
78 %
20 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 13:59
Распространето е уверувањето дека во раната историја на човекот било вообичаено еден маж да биде со повеќе жени. Но, низ човечката историја и растечкиот мозок, станувало сè потешко да се одгледа потомство кое барало многу внимание, заштита и храна. Ако мажот е растегнат на многу страни, грижејќи се за повеќе жени и нивното заедничко потомство, шансите тоа потомство да опстане се значајно помали. И така моногамијата влегла во нашето општество: колку повеќе татковците му се посветувале на потомството, толку помалку жени имало во нивните животи.
Во животинскиот свет, речиси 5 проценти од цицачите се моногамни. Главно може да се согледа кај видовите кои, како и луѓето, вложуваат многу енергија во подигање потомството и таму каде исклучивото ангажирање на мајката не е доволно. Друг, значително поредок случај е кога територијалната оддалеченост помеѓу две женки е толку голема што мажјакот не може да „монополизира“ повеќе од една.
„Општествената моногамија“, кога двојката останува заедно иако можеби ќе се пари и со други, генерално земено, е мошне ретка кај цицачите, но најмногу ја има кај приматите, дури кај четвртина од видовите (вклучувајќи ги луѓето и разни мајмуни). Правејќи милиони компјутерски симулации во обид дури кај 230 видови примати да ја откријат причината за таквата моногамија, британскиот тим што го воделе Кит Опи и Сузан Шулц дошле до интересни откритија.
Меѓу поверојатните причини за моногамија, каков што е стравот од губење на потомството, потребата за татковска грижа и грижа за женките, само првиот бил доволно моќен. Имено, мажјаците (кои не се татковци) најчесто ги убивале младенчињата кои цицаат за нивната мајка, откако ќе остане без потомството, побрзо да биде подготвена за ново парење. Оттука, улогата на таткото, односно моногамниот мажјак е многу важна.
Психлогот Дејвид Бараш од Универзитетот Вашингтон во Сиетл тврди дека моногамијата „купила“ социјален мир: ако силните и доминантни мажи се откажат од својот харем и другите мажи ќе имаат можност за семејство. Подоцна и религијата одиграла важна улога, најпрвин затоа што во христијанството на вонбрачните деца не им било дозволено наследството, а полигамијата и вонбрачниот секс станале општествено неприфатливи, што во најголема мера опстанало до денес.
Сепак, за разлика од средниот век, во денешното општество луѓето главно се таканаречени „сериски моногамисти“ и, наместо еден партнер за цел живот, имаат повеќе моногамни врски. Иако, ваквото однесување е општествено прифатливо и „нормално“, истражувањата покажуваат дека, на пример во Велика Британија, до неверство доаѓа дури во третина од браковите.
Од друга страна, во САД, околу 20 проценти од самците рекле дека впрочем имаат отворено немоногамни односи, а понатамошните истражувања покажале дека не постои разлика во доживувањето општо задоволство во таквата врска во однос на „традиционалната“, моногамна. Дури, како што тврди Тери Конли, психолог од Универзитетот во Мичиген, во таквите врски постои повеќе доверба и помалку љубомора. „Овие односи не се толку подобри од моногамните за сите да треба така да се однесуваат, но сосема се океј“, вели Конли.
Ако не ви се допаѓаат ваквите тврдења, не грижете се, постои и друга верзија од приказната. Познатата научна двојка, споменатиот психолог Дејвид Бараш од Универзитетот Вашингтон и неговата сопруга Џудит Липтон заедно ја напишале книгата: „Необични партнери во кревет: Изненадувачката врска помеѓу сексот, еволуцијата и моногамијата“ (“Strange Bedfellows: The surprising connection between sex, evolution and monogamy”) токму во одбрана на љубовта од бајките. Тие во 2009 година дале интервју за „New Scientist“ во кое зборувале за своето истражување и личното искуство.
Нивната книга е објавена откако претходно Бараш самостојно објавил една друга која се вика „Митот за моногамијата“ и која зборува за тоа колку е ретка моногамијата меѓу животните. Меѓутоа, „Необичните партнери во кревет“ зборува нешто друго: „Интелектуалната искреност“, тврди Бараш, ги натерала да ја појаснат темата за моногамијата.
„Бевме свесни дека моногамијата, со сите свои тешкотии, сепак се случува. Се случува кај животните, се случува кај луѓето. Не сакавме да создадеме впечаток дека таа е невозможна“, објаснува Бараш, додека неговата сопруга додава: „Постоеја и научни и лични причини. Сметавме дека е важно да истакнеме дека, на пример, промискуитетното однесување кај патките кое го опишавме, не важи нужно и за луѓето. Дејвид и јас сме во брак и моногамни сме од 1977 година“.
Илустрации: Slug Signorino
Извор: http://naukakrozprice.rs