„Зборено е со Заев!“

23.04.2018 12:22
„Зборено е со Заев!“

Над Македонија кружи еден нов бауч – баучот на новата персонализирана власт, власта на Заев. Таа е како излезена од учебниците за стекнувањето, употребата и дистрибуцијата на моќта, бидејќи во општеството, а тоа значи и во политиката, најголемиот дел од работите се вртат токму околу влијанието и авторитетот на оние кои располагаат со некаква или со секаква моќ.

Би било губење на време и простор овдека да се повторуваат научно добро утврдените, преовладувачки автократски карактеристики на граѓаните на Македонија, особено на овој милион и половина што се останати во неа. Многумина, ако не и мнозинството од нас, преферираат „цврста рака“ на власт, сакаат ред, работа и дисциплина, радо би се откажале од некои лични и колективни слободи, за да не мораат да ја сносат одговорноста што доаѓа со нив; а ако „им се погоди“ лидерот, би биле најсреќни во него да препознаат „Татко на нацијата“, кој ќе ги штити, мази и пази, кој ќе им пали светло за да не спијат во темница, ќе им обезбеди работа во јавната администрација и ќе им го вработи таму и детето, ќе им ја реши продажбата на краставиците и зелката и ќе ги награди со субвенции за тутунот, а и ако може околу магистерската да помогне (па шо?!), уште подобро! (А после ќе си гласаме за него, де!)

Тоа е фазата на власт во која се наоѓа и со која се справува Зоран Заев. Тајната лозинка, која сите ја знаат, е: „Зборено е со Заев!“

Стекот на историските, политичките и општествените односи во Македонија во последните неколку години сакаше така, по распадот на семоќната, авторитарна и високо криминализирана власт на Груевски и неговите вертикални екстензии симболизирани низ функционирањето на Фамилијата, да си остане системот што тие го развија до шампионските височини на централизираното корпоративно владеење: власта, строго, се спроведуваше од горе-надолу, од собирањето рекет, до именувањето негувателки во градинка.

Структурата на партијата беше (и е) „Ајфеловата кула“ на социјалната, политичката и криминалната мобилност, насочена кон „облаците“ на врвот. Како „пенисот“ од онаа „комуникациска кула“ што ни остана во наследство, недоправена на Водно!

Заев го наследи тој систем. Во компликуваните околности на „тенката“ владина коалиција и „дебелата“, тромава, сопствена социјалдемократска партија, неговата лична интервенција во процесот стана неопходност за да може најголем дел од работите воопшто и да започнат, а не пак да се завршат.

Но, Заев заборава една важна работа: ефикасноста кај Фамилијата во ваквиот систем не се должеше само на микроменаџерската посветеност на лидерот на партијата и владата, Груевски; туку и на заканата што произлегуваше од системот за присмотра, закани, малтретирање и ширење дисциплина, раководен од Мијалков. Којзнае дали е точно дека во минатите десетина години се тепаа и министри низ владините гаражи – но прикаските секако звучеа доволно поучно за ширење општа лојалност, послушност и извршителност.

Заев како да е на крстопат на кој мора да одлучи на каде ќе тргне: ќе биде градоначалник на Македонија или нејзин премиер? Еден градоначалник можеби и може да си дозволи да одговори на сите СМС пораки што ги добива дневно; ако тоа го прави еден премиер, пак, којзнае колку важни работи остануваат незавршени.

Оти, погледајте ја таа амбивалентност и кај самиот Заев, на пример, во кусата честитка до СДСМ по повод 27-от роденден на таа партија: во еден момент Заев, во множина, ќе порача „ја добивме честа од граѓаните да ги претставуваме“, за веќе во следната реченица лојалноста за испораката на таа обврска сосема ќе ја персонализира со „да ве видам сакам сите одговорни и на висина на задачата“. Па, за да нема дилеми, роденденската порака до своите сопартијци „Таткото на партијата“ ќе ја заврши со: „Ова не е моја желба. Ова е обврска што си ја поставив себе си и ја очекувам од секој еден од вас.“

Значи, на членовите на неговата партија обврските кон општеството и демократскиот систем во државата одат „низ“ лидерот, низ самиот Заев, заради тоа што ТОЈ ја преземал таа задача пред јавноста, а не ТИЕ, оти ТИЕ, такви какви што се, најверојатно ќе си останеле во опозиција и наредната деценија, да не бил Заев да ги донесе на власт.

Но, ако мислите дека овој текст има намера да го критикува методот на персонализирано владеење и раководење на лидерот на агендата за промени во Македонија, да не се грижите: за неговото објавување зборено е со Заев!

Слики: Свирачиња

Извор: Civil media