Изложба и разговор за наградата ДЕНЕС

23.04.2018 14:53
Изложба и разговор за наградата ДЕНЕС

Завршната изложба и разговор по повод доделувањето на наградата ДЕНЕС за млад(а) визуелен(а) уметник(чка) до 35 години во Македонија ќе се одржат на 25 април (среда), со почеток од 19 часот во галеријата на Младинскиот културен центар од Скопје.

Програма:

- 19ч/ галерија на МКЦ/ јавен настан
Разговор со членовите на жирито: Лора Рајковиќ, писателка и уметничка работничка, до неодамна директорка на Квинс Музејот во Њујорк и една од најзначајните политички уметнички работници во светот, Валентина Коча, основачка и директорка на ЗЕТА Галеријата за современа визуелна уметност во Тирана, Маја Чанкуловска - Михајловска, критичарка, истражувачка и кураторка во Националната галерија на Македонија, Зорица Зафировска, визуелна уметничка и добитничка на награда ДЕНЕС и Славица Јанешлиева, професорка при Факултетот за ликовни уметности, Скопје и финалистките Анастасија Пандиловска и Верица Ковачевска, како дел од дискурзивно – едукативната програма „Совршениот уметник“, курирана од Ивана Васева, во рамки на наградата ДЕНЕС.

- 21ч/ галерија на МКЦ/ изложба и прогласување на победничка
Отворање на изложбата на четрите финалистки за наградата ДЕНЕС -
Верица Ковачевска, Наташа Неделкова, Анастасија Пандиловска, Ивана Сиџимовска - и прогласување на добитничката на наградата која подразбира двомесечен престој во Њујорк во Residency Unlimited.

Биографии на уметничките:

Верица Ковачевска (1982, Скопје) дипломирала на одделот за визуелна уметност со театар и перформанс на Универзитетот во Плимут во 2004 год. и магистрирала на уметност, култура и образование на Универзитетот во Кембриџ во 2007 год.
Досега има учествувано на голем број меѓународни иэложби и фестивали меѓу кои Манифеста 11, Кабарет Волтер (Цирих); Ре.акт.феминизам #2 - Перформативна Архива, Фондација Антонио Тапиес (Барселона) / Музеј на современа уметност (Роскилде) / Академија за уметност (Берлин); 4то Биенале на современи уметности (Москва); 255 804 км2, ХилгерБрот Кунстхале (Виена); Видео.ит, Фондација Мерц (Торино); Белград: Неместа, Музејот за современата уметност (Белград). Во нејзините самостојни изложби се вбројува Секојдневна уметност, Уметноста на секојдневието, Музеј на современа уметност (Скопје).
Ковачевска има добиено уметнички резиденции и грантови за работа во Фондација Антонио Рати (Комо); Крајст Колеџ - универэитет „Кембриџ“ (Кембриџ); Касино Луксембург - Институт за современи уметности (Луксембург); [BLOK] - локална база за освежување на културата (Загреб); Ротационо ателје, ОГ9 (Цирих). Во 2017 год. добитник е и на наградата „работна стипендија на градот Цирих“.


Наташа Неделкова (1993, Скопје) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство, а потоа поминува една година студирајќи современа уметност на Високата школа за уметност и медиуми во Каен/ Шербур во Франција (2013/2014). Моментално живее и работи во Лион, каде што таа е студент на програмата на мастер Теорија на кинематографија (истражување) на престижната школа Ecole Normale Superieure (ЕНС Лион) во Франција.
Таа студира уметност и ден денес, надополнувајќи го својот интерес со еден друг медиум- филмот. Секогаш слики, често дискурси, нејзините дела го истражуваат ритамот и структурата на гласот во аудиовизуелни дела, реферирајќи на истражувањата од страна на уметниците Хито Штајерл, Керен Ситер, Рајан Трекартан и други.
Во периодот 2014-2016 год., таа е еден од основачите на независниот центар за култура „Кула“, каде се оддржаа значителен број на изложби, концерти и различни културни настани. Годишниот мултимедијалниот фестивал „Подземја полесно се дише" е тековен проект од 2013 год. Фестивалот продолжува да биде платформа за развој на сцената која е посветена на младите уметници.
Неделкова често работи колаборативни аудио-визуелни проекти кои се достапни на интернет. Видеата кои ги изработува се често репетитивни и мелодични, каде што нарацијата е пренесена преку звукот. Функцијата на гласот доминира во нејзиното аудио-визуелното истражување, каде се поставува прашањето за потребата, важноста и позицијата на сликата.

Анастасија Пандиловска (1991, Скопје) во моментов живее и работи во Амстердам, Холандија каде во 2015 год. дипломираше на Gerrit Rietveld Academie. Паралелно со нејзините студии, Пандиловска беше дел од Honours programme ART and RESEARCH. Во 2018 год., Пандиловска започна истражување со Lectorate Art & Public Space (LAPS) во кое се фокусира на важноста на културата како commons во справување со јавни простори погодени од политички режими и сложени истории.
Има учествувано на повеќе изложби меѓy кои: Биенале на млади уметници (2018, Македонија) “ A Decorated Room with Invaded Ideas” Фаза I, II и III 2017/2018 (Софија, Скопје, Виена) “Poetics of Space” (2018, Холандија) “Совршениот Уметник” ( 2017, Македонија), “Time, Space and Architecture” (2017,Холандија), “Space Invaders IV” ( 2016, Финска), “Girls own the Void” (2016, Холандија), “ Mémoires d’images récurrentes” за време на the Art on Paper - EECMAN награда за современ цртеж (2016, Белгија) “Biocentric readings” (2016, Холандија). Истовремено, нејзините дела се презентирани на симпозиумот Emptiness and the Infinite Space #nr01 (2017,Холандија) организиран од Filosofie Oost-West и Фестивалот за филозофија Wijsgerig Festival DRIFT (2016, Холандија).

Ивана Сиџимовска е визуелна уметница и истражувачка на урбаниот простор. Нејзината уметничка пракса и истражување вклучува трансдициплинарна работа помеѓу уметност, архитектура и социологија на урбаното. Таа често е засегната со субјективни наративи и искуства од урбаното, кои критички рефлектираат идеи за идентитети, репрезентации, колективни мемории и имагинации како возможни аспекти на животот во градот. Сиџимовска има завршено додипломски студии (2006) на Факулетот за Ликовна Уметност, Педдагошки Оддел во Скопје и магистерски студии (2011) на Факулетот за Ликовна Уметност Берлин – Вајзенсее, оддел Просторни Стратегии. Во моментов таа ги завршува докторските студии на Баухаус Универзитетот Вајмар, Факултет за Дизајн и Медии.


Биографии на жири – комисијата:

Лoра Рајкович е писателка и уметничка работничка која живее и работи во Њујорк. До неодамна, таа беше директорка на Квинс Музејот, и во моментов е ко-кураторка (со Менон Слам) на проектот „Mel Chin: All Over the Place“, кој оваа пролет ќе се отвори на разни локации низ Њујорк. Неодамнешните книги на Раиковиќ вклучуваат, како автор, At the Lightning Field (Coffee House Press, 2017)и како ко-уредник, претпоставувајќи Assuming Boycott: Resistance, Agency, and Cultural Production (OR Books, 2017).

Валентина Коча е основачка и директорка на ЗЕТА Галеријата за современа визуелна уметност во Тирана. Дипломирала на Академијата за уметност (денес - Универзитет за уметност) во Тирана, со диплома по сликарство и сценографија. Откако дипломирала на универзитетот, неколку години работела како сликар во издавачка куќа. Од 1996 до 2006 год. таа работела во студиски простор, кој подоцна се претворил во галеријата. Во текот на последната деценија, од почетокот на ЗЕТА во 2007 година, таа соработувала со бројни протагонисти на локалниот и меѓународниот уметнички свет, меѓу кои и уметникот Еди Хила, кураторот Еди Мука и историчарот на уметноста Зеф Паци.
Во корист на реконструкцијата на современата уметничка сцена во нејзината земја, нејзината цел е да ја зајакне и промовира современа уметност и уметници од Албанија и да ја поттикне соработката и дијалогот меѓу уметниците, кураторите и публиката. Помеѓу 2008 и 2016 год. , ЗЕТА ја организираше наградата ARDHJE Наградата за млади албански уметници (заедно со TICA - Институтот за современа уметност во Тирана), пред да стане нејзин главен организатор во 2018 год. Од 2008 год, ЗЕТА одигра клучна улога во развојот на интернационалната уметничка резиденциска програма во Тирана. Во 2009 год. ЗЕТА го поддржа Биеналето на Тирана, најважниот културен настан во земјата. Од 2007 до 2017 год. Валентина Коча беше член на одборот на фондацијата ФАВА, за поддршка на локални уметници, независни организации и Националната галерија.

Маја Чанкуловска Михајловска е историчарка на уметност, со 20 годишно кураторско, критичко и истражувачко искуство во рамките на современата македонска уметност. Таа е вработена како кустос во Националната галерија на Македонија. Има објавено над 300 текстови во повеќе стручни списанија, публикации, зборници. Кураторка е на повеќе ретроспективни изложби во Националната галерија на Македонија, студиски и тематски групни изложби на македонски современи уметници, голем број (над 100) на самостојни изложби на македонски и странски уметници во Македонија и странство. Член на АИКА од 2006 година. Членка е на ИКОМ од 2005 година, а од 2016 година е актуелна претседателка на МНК ИКОМ.

Зорица Зафировска (1982, Скопје/ Абердеен) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Нејзините дела имаат широк спектар на мотиви од областите на социјално-општествени тематики. Таа работи со различни материјали и медиуми за реализација на дела што се резултат на долготрајни истражувачки проекти. Досега ги реализирала инсталациите: „99% Природно“, „Можеш ли да ја разликуваш вештачката?“ и перформансот „My love and my blood“. Таа е автор и на публикацијата Pocketpedia of the human trafficking in the 21st century во 2008 год., а краткото истражување за бегалците на Балканот беше тема на нејзината изложба во Border crossing галеријата Идио во Нујорк.

Славица Јанешлиева – Бачварска (1973) е мултимедијална и интермедијална уметница. Имала 27 самостојни изложби и над 250 групни изложби, меѓу кои во Македонија, Тајван, Азербејџан, Белгија, Грција, Бугарија, Шведска, Финска, Франција, Јапонија итн. Добитничка е на меѓународни и национални награди и признанија, а дел од нејзиното творештво збогатува значајни колекции во земјата и странство. Живее и работи во Скопје, како редовен професор на Студиската програма по графика на Факулетот за ликовни уметности (УКИМ).

Наградата ДЕНЕС за млад визуелен уметник до 35 години (именувана по македонската уметничка група која постоела од 1953-55 год.), започнува да се доделува во Македонија во 2002/2003 г. и е дел од мрежата на Young Visual Artists Award.
Таа во земјава е основана од Центарот за Современи уметности – Скопје, во соработка со Фондацијата за отворено општество во Њујорк, а од 2015 год., организацијата ФРУ – Факултет за работи што не се учат се вклучи како партнер – организатор на наградата.
Идејата на проектот е базирана на недостатокот на можности за уметниците во Македонија, и непостоењето на вакви награди, заедно со потребата да се изложи современата уметност во Македонија на пошироката публика во Македонија и во странство.