Добредојдовте во Австрија

25.04.2018 00:59
Добредојдовте во Австрија

Мотото на новата австриска влада е „Австрија на прво место!“. Австриската економија пред сè е извозно ориентирана, што значи дека трамповските трговски војни не ѝ се на располагање, но розовиот национализам е нешто сосема друго. Додека Слободарската партија (FPÖ), на чие чело е заменикот на премиерот Ханс-Кристијан Штрахе, со сета сила се труди да го одржи имиџот претставник на „обичните луѓе“ – Народната партија (ÖVP) под водство на премиерот Себастијан Курц глуми спокојна разумност и конзервативна сериозност.

Двете партии сè потешко ги одржуваат воспоставените идентитети на своите политички брендови. Слободарската партија е сè поотворено и понепријателски настроена спрема неутралните институции како што е јавниот сервис (ORF) на што Народната партија молчи без коментари. Од друга страна, неолибералната економска политика на Народната партија ја доведува Слободарската партија во незгодна ситуација. Во текот на последните две децении оваа партија се претставуваше како застапник на националната држава на благосостојбата и врз основа на тоа на минатогодишните избори успеа да добие повеќе од 60 проценти од гласовите на работничката партија. Нејзините гласачи очекуваа подобар живот и власт која сериозно ќе се позанимава со нивните проблеми.

Здружената националистичка десница треба да го реши следниот парадокс: како да се задржат гласачите додека истовремено активно работите против нивните интереси. И решението е пронајдено во стариот националистички мамец: Heimat (татковина). Солидарноста во смисла на редистрибуција на богатството, општествената одговорност и праведната распределба на ризикот е заменета со народното чувство на припадност.

Оваа коалиција без колебање ги намали социјалните давачки за сиромашните и даноците за богатите. Првото нешто што го направи владата по преземањето на власта беше укинување на паричната поддршка за постарите невработени. Економскиот напредок наводно ги обесмислил таквите давачки. Но, постарите невработени се особено изложени на системска дискриминација на пазарот на трудот, без оглед на генералната состојба во економијата и оваа дискриминација често води кон долгорочна невработеност. Владата планира и намалување на буџетот за јавната служба за вработувања за дури 30 проценти. Затоа системот за социјална заштита ќе претрпи огромна штета.

Коалицијата на критиките одговори со најава за укинување на таканаречената итна социјална помош. Оваа мерка служи за да се премости јазот помеѓу помошта за невработени и основната социјална помош и им овозможува на луѓето да ги пребродат непредвидените случаи на финансиска нужда без отстапување на својот имот на државата. Укинувањето на итна социјална помош би било еднакво на воведувањето на системот Харк 4 – германски казнен систем за долгорочно невработени – со една важна разлика: прагот под кој властите можат да го конфискуваат имотот на клиентот би бил значително понизок.

Најпосле, владата планира да го зголеми законскиот број работни часови од 8 на 12. Ова ќе ги намали бонусите за прекувремена работа и со тоа знајачно ќе се намалат платите. Во март, министерот за економија кој доаѓа од Народната партија рече дека невработените ќе мораат да прифаќаат и работи до кои се патува и до два и пол часа, зашто, како што објасни, социјалниот живот и личните односи денес и онака се одвиваат преку интернет. Овие мерки пред сè ќе ги погодат мажите кои се постари од 50 години – односно типичните гласачи на Народната партија.

***

За да спречи социјален бунт, екстремната десница сè повеќе се потпира на носталгичниот концепт на татковината, Heimat. Впрочем, таа веќе го користи со децении. Heimat вообичаено се дефинира во однос на „странците“ или во однос на „она што е туѓо“ – Блискиот исток, исламот, урбаната модерност. Така, Heimat станува основно чувство на заедница кое им се нуди на луѓето од дното на социо-економската скала како идеолошка компензација за сето она што им е ускратено.

Партискиот манифест на Слободарската партија сегашниот момент го опишува како „доба на негирање на идентитетот и отуѓување на луѓето од своите корени“, и повикува на „јакнење на културалниот идентитет“ преку зачувување на регионалните обичаи. Во таа смисла екстремната десница се труди да постави што повеќе членови на студентските здруженија (инаку расадник за кадри на Слободарската партија) на јавни функции. Од вкупно 51 претставник, 17 им припаѓаат на студентските братства и сестринства. Слична е ситуацијата и во министерствата кои се под контрола на Слободарската партија.

Многу од овие братства неодамна се најдоа под лупата на јавноста. Едно од нив „Germania“ се соочува со обвинувања за оживување на нацизмот, неволно покренати од министерството за внатрешни работи кое ѝ припаѓа на Слободарската партија, откако во јавноста исплива податокот дека ова братство користело нацистички песнарки. Една од песните го содржела стихот: „Пуштете го гасот, древни Германи, да го довршиме и седмиот милион“.

Тоа го означи преминувањето на црвената линија за повеќето членови на Народната партија. Кога изби скандалот, Слободарската партија реагираше поддржувајќи го својот кандидат за регионалните избори во Долна Австрија – инаку потпретседател на братството „Germania“. Дури после притисокот од страна на претседателот и истакнатите лица на Народната партија, Слободарската партија неволно прифати да се дистанцира од овој кандидат.

***

И Народната партија го користи концептот Heimat и неговите културални одредници. Соработката помеѓу двете партии особено се рефлектира на културната политика на оваа коалиција, која демонстрира хармонија помеѓу десниот центар и екстремната десница.

Владината програма за култура прави разлика помеѓу високата и популарната култура, толкувајќи ја првата преку термините на туризмот, баловите со музика од Моцарт и фестивалот во Салзбург, а втората преку термините на локалните обичаи како извор на десната идентитетска политика. Оваа коалиција особено ја нагласува „продуктивната интеракција“ помеѓу овие два сектори. Министерството за култура, кое е под контрола на Народната партија, воведе таканаречена „австриска квота“ за финансирање на уметноста, заедно со зголемена поддршка на регионалната култура – очигледен знак за притисокот од Слободарската партија.

Влијанието на Народната партија јасно се препознава во пасусот на владината програма во која се тврди дека уметноста не треба да биде цел самата по себе. Широката распределба на средства во иднина ќе биде заменета со „јасна ориентација кон резултати“. Финансиската поддршка од страна на државата ќе биде „отскочна даска за финансиска независност“. Ќе опстанат само успешните на пазарот. Уметничката слобода ќе биде заснована на побарувачката. Оваа зависност од комерцијалниот мејнстрим најмногу ќе ги погоди токму проектите кои се критички ориентирани кон власта.

Политичката стратегија зад овие мерки е формулирана со посебна јаснотија од страна на високорангираниот кандидат на Слободарската партија за Тирол: „Идеолошката уметност како феминистичката или квир уметноста би требало да престанат да добиваат средства и наместо тоа би морале да опстанат на слободниот пазар. Од друга страна, негувањето на традицијата и Heimat-от, како и народните културни вредности и уметностите од сите видови, би требало да добиваат повеќе средства“.

Феминистичката уметничка сцена е мошне критичка кон актуелната ситуација во Австрија. Сестринството „Hysteria“ толку ги притискаше организаторите на Академскиот бал од Слободарската партија што оваа година мораа да воведат софтвер за препознавање лица, за да можат да им го забранат влезот на непожелните гости. Имено, минатата година феминистките се претопија во десничарската публика, а потоа развија голем транспарент со слоганот „Друштво за заштита на мажи“ стигнувајќи до насловните страни на сите весници.

Во 2017 година опозицијата се обедини во Долна Австрија кога владејачката коалиција на Народната и Слободарската партија најави дека за една третина ќе го намали буџетот за независни културни иницијативи. Понуденото образложение гласеше дека актуелниот економски напредок ќе го олесни преминувањето на независната уметничка сцена на отворен пазар. Конзервативците не ги кријат своите фантазии за дефицит од нула проценти: ниската потрошувачка е приоритет дури и кога економијата е здрава. Силната држава не се плаши од пазарот. Од ригорозните мерки за штедење беа поштедени само регионалните музеи и музичките училишта. Следеше остар одговор на културниот сектор. Широката коалиција на уметничкиот и цивилниот сектор успеа да привлече медиумско внимание на различни протестни акции и петицијата за која беа собрани над 17 000 потписи. Под овој притисок регионалната влада ги намали буџетските заштеди на 10 проценти.

***

„Координираната“ стратегија за финансирање на уметноста од страна на новата влада е типичен пример за нејзиниот обид да ја искомбинира економски профитабилната трговија со политички профитабилната национална култура. Владејачките партии го препознаа совршениот спој на неолиберализмот и национализмот. Јавната демонстрација на слога помеѓу двете владејачки партии го прикрива радикалното отстапување од моделот на државата на благосостојба, кој го воспостави социјалдемократскиот премиер Бруно Крајски во периодот од 1970 до 1983 година.

Сепак, не е сè изгубено. Двата коалициски партнери се соочуваат со огромни предизвици. Курц треба да им ја наметне својата волја на регионалните гувернери и да ја надмине широко распространетата одбивност на конзервативното гласачко тело во однос на нацистичките испади на Слободарската партија. Штрахе исто така ги одбива своите гласачи. Од една страна, тој ги обединува вистинските десничарски екстремисти кои одбиваат да се откажат од нацистичката идеологија. Од друга, луѓето од дното на општествената скала почнуваат да сфаќаат дека Слободарската партија работи против нивните интереси. Според една неодамнешна анкета, две третини од граѓаните не очекуваат подобар живот после доаѓањето на новата влада.

Додека уметничкиот сектор ги има потребните ресурси за мобилизација на јавното мислење и затоа добро е подготвен за одбрана од политички напади, традиционалниот гласноговорник на сиромашните граѓани на Австрија е изложен на сè поголем притисок. Тоа е работничката комора, тело кое ги застапува работниците и вработените, кое од неодамна е омилена мета на десницата. Но, со веќе рутинските вербални напади, оваа комора сега е изложена и на закани со финансиски рестрикции. Одговарајќи на тоа, таа гласно ги критикуваше плановите за намалување на социјалните давачки и во моментов заедно со унијата на синдикатите подготвува голема акција. И група огорчени христијански социјалисти под водство на Михаел Ландау, челникот на здружението Каритас, отворено го критикува тоа што владата „ги заборава најсиромашните“.

Растечкиот бунт дава причини за надеж дека германско-националистичката носталгија на Народната и Социјалистичката партија нема уште долго да им го пренасочува вниманието на гласачите со драстични мерки за штедење кои ги спроведува оваа коалиција. Но, условот за успешен отпор е јакнење на солидарноста во опозицијата – парламентарната и онаа надвор од парламентот – и ширење солидарност кај оние кои биле заслепени од десничарската идентитетска политика. Тие треба да согледаат дека митовите за крвта и земјата не можат да бидат замена за политиката на солидарност меѓу луѓето.

Извор: https://www.eurozine.com

ОкоБоли главаВицФото