Светот е чудовиште на кое му треба нежност

25.04.2018 02:29
Светот е чудовиште на кое му треба нежност

Светот е чудовиште што скока низ обрачи во пламен и ние безволно го препуштивме на дресерите во кафезот, на управата во циркусот што наплатува влезници и на публиката што вреска кога ќе види како чудовиштето изведува нов трик.

Светот има грдо и страшно лице.

Светот е опасен ѕвер. Но, треба да ја ставите дланката врз неговиот грб без страв. Да го почувствувате треперењето на неговите мускули под кожата и биењето на неговото срце. Тогаш ќе ви го покаже своето мило лице. И ќе ве погледне нежно.

Уметникот не смее да го сврти погледот од грдото лице на светот. Тој не треба да се плаши од темнината. Светот има илјада лица. Илјада погледи не се доволни за да се види вистинското лице на светот. Светот не е само разбеснет ѕвер, чудовиште што ѕирка од темнината. Светот може да биде убав.

Чарлс Реј (Charles Ray) создал скулптура која ги обединува спротивностите на светот. Скулптурата „Дете со жаба“ е нежна скулптура направена од обоен челик. Поставена наспроти небото и морето во Венеција таа стана симбол на обединување меѓу светот и уметноста, необичното и секојдневното, грдото и убавото, грубото и нежното...

Уметниците кои сè уште не се откажале од овој свет, тие кои не ги засега метафизиката, а тоа значи најголем дел од уметниците денес, тие уметници ја земале на себе одговорноста да ја кажуваат вистината за светот. Да. Светот е главно ужасно место, освен ако не верувате во телевизиската економско пропагандна програма и рекламираниот земен рај. Но Чарлс Реј решил да ви открие подлабока вистина за нашиов свет обединувајќи ги неговите противречности во скулптура, зашто светот не е само неговата чудовишност.

Зошто така лесно се откажавме од убавината, чувствителноста и нежноста? Кога денес говориме за убавина, нежност и чувствителност во уметноста многумина веднаш мислат на лага, измама и кич. Убавината на светов ја претворивме во реклама за евтини производи, ја сместивме на капакот од бонбониера и ја спакувавме во украсна хартија за да ја продаваме подобро. Нежноста и чувствителноста служат за потсмев.

Уметноста стана неподносливо банална, а светот празен спектакл. Дали веќе не сме во состојба да ги препознаеме искреноста и невиноста на едно уметничко дело?

Уметничкото дело „Дете со жаба“ на Чарлс Реј е заменето со улична светилка на аголот од Пунта дела Догана (Punta della Dogana) во Венеција. На граѓаните им недостигала претходно поставената светилка.

Слики: Charles Ray; Boy with frog 

ОкоБоли главаВицФото