Спомените од Луна паркот продадени како старо железо

25.04.2018 13:11
Спомените од Луна паркот продадени како старо железо

Скопје е град на спомени, историја и сеќавања на сите негови жители, особено за времето пред да му се случи „Скопје 2014“, затоа и веста дека реквизитите од стариот скопски Луна парк се однесени во Прилеп за да се продадат како старо железо, силно одекна на социјалните мрежи.

„Реквизитите од скопскиот Луна парк се продадени на јавна лицитација на фирма која ќе ги искористи како старо железо, вели Ардијан Муча, директор на ЈП „Паркови и зеленило“.
Денеска вработени од ЈП „Паркови и зеленило“ ги товареа количките од автодромот, рингишпилот, авионите и другите стари реквизити во камион. Ни рекоа дека ќе ги носат во Прилеп оти од таму е фирмата која ги купила“, објави синоќа СДК.

Реквизитите од април 2017 година, кога беа отстранети од паркот, биле складирани во депото на „Паркови и зеленило“ и се продадени за 20 000 евра.
Како реакција на оваа вест, на фејсбук многу носталгични фотографии од детството, но и револт заради неповратното уништување на уште еден белег на градот.

„Да е ова негде во западна Европа ке биде реставрирано, обновено, ставено во функција и ке биде туристичка атракција од 70-тите години на минатиот век. Ама кај нас нема сенс, нема љубов, нема историја - ако нема профит. Баш ме интересира што ке кажат овие и оние (народни избраници) што многу го сакаат Скопје, ќе си седат во нивите фотелјчиња во Општина Центар и Општина Скопје и ќе си ќутат“ (Иван Бартлинг)

И другите коментари се дека се уништува уште еден спомен на многу генерации од изминатите четириесетина години и тоа за профит.
Луна паркот во Скопје бил изграден во 1973 година и оттогаш ниеднаш не бил реновиран, ниту реквизитите биле заменети со нови.

Луна паркот беше демонтиран минатата година во април кога тогашниот градоначалник Коце Трајановски најави изградба на нов забавен парк кој требаше да биде готов, според тогашните најави. до крајот на оваа година. Но, пред еден месец градоначалникот Петре Шилегов кажа дека постапката за изградба на Луна паркот која ја почна неговиот претходник е стопирана и дека ќе се бара приватен партнер.

„Размислуваме Луна паркот да го дадеме под концесија, односно приватен партнер да го изгради и во одреден рок да стопанисува со него. Проектот кој го наследив предвидува тој да чини околу 9 милиони евра. Сега ги разгледуваме сите преземени правни и финансиски обврски“, вели градоначалникот Шилегов.

ОкоБоли главаВицФото