Книжевните вештерки: во слава на магичните жени писателки

25.04.2018 14:32
Книжевните вештерки: во слава на магичните жени писателки

„Отсуството на вештерка не ја поништува магијата“, напиша Емили Дикинсон. Тоа значи дека големите писатели нè маѓепсуваат со своите дела долго по нивното заминување од овој свет.

Тоа трајно маѓесништво на триесет титанки и иноваторки на пишаниот збор, меѓу кои е и самата Дикинсон, е она што авторката Тасја Китајскаја (Taisia Kitaiskaia) и уметницата Кејти Хоран (Katy Horan) го чествуваат во книгата Книжевни вештерки: во слава на магичните жени писателки (Literary Witches: A Celebration of Magical Women Writers) – прекрасен компендиум на импресионистички скици, спој на биографски факти со инвокативна имагинација во чест на литературните волшебнички како Силвија Плат, Вирџинија Вулф, Октавиа Батлер, Сафо, Одри Лорд, Анаис Нин, Гертруда Штајн, Фланери О'Конор, Ана Ахматова, Тони Морисон и Емили Бронте – жени родени „пред да ги измислат жените“, како што рече Урсула К. Ле Гвин, говорејќи за литературата без родови.

Магичните белешки на Китајскаја за секоја од овие чудесни писателки, реминисценција на портретот со зборови на Гертруда Штајн за љубовта на нејзиниот живот, се придружени со портретите на Хоран – сликарка специјализирана за фолклор, бајки и митолошка уметност. Во книгата е поместен и краток список со препорачана литература за иницијација во светот на овие авторки. Во книгата се истакнува најневообичаениот спомен на талентот и жив доказ за мудроста на Тони Морисон од нејзиниот спектакуларен говор кога ја прими Нобеловата награда: „Умираме. Тоа е можеби значењето на животот. Но, ние го обликуваме јазикот. Тоа може да биде мерка за нашите животи."

Анаис Нин

Анаис заспива во својот потонат, стаклен брод. Како што сонува, многу нејзини себства се издигаат од нејзиното тело. Тие имаат темна, разбушавена коса, а очите полека трепкаат насекаде по нивните лица, гради и раце. Некои собираат школки, други го менуваат движењето на сонцето.
Некои ја чуваат куќата, прават чипка, бараат љубовници. Други работат на печатарска преса. Пред зори, себствата се собираат околу заспаната Анаис, меѓусебно си ги бакнуваат очните капаци и усните, и се нурнуваат назад во телото како да се сирени.

Вирџинија Вулф

Преминувајќи ја улицата во дождлив ден, Вирџинија лесно прескокнува од еден базен на свеста до друг. Таа ги сака овие локви, суштества што се завиткуваат околу глуждовите. Но, пред да може да стигне до следната улица, Вирџинија го гледа својот сопствен базен: поплавен од дождот, се крева повисоко, станува длабока, турбулентна река. Таа нема да ја преживее.

Носено во нејзината река, телото на Вирџинија станува светилник – кула на перцепција со едно големо око, осветлувајќи го сето она што го гледа со богата, маслена визија, преобразувајќи ги рибите што се хранат на дното и разните остатоци во објекти на убавина и значење.
Пред Вирџинија да се повлече засекогаш, едно волче скока од окото на светилникот, како Атина од челото на Зевс. Ова е единственото дете на Вирџинија. Ќерката–волчица се бори да стигне до брегот на реката. Таа преживува.

Емили Бронте

Кога го четка тепихот, Емили замислува дека го измазнува за совршените стапала на Хитклиф. Тој ќе дојде – сонува Емили, како ветровите на кои таа им се спротивставува – мускулести налети, стиснати раце ‘ржат под нејзините капути.

Што ѝ шепотат мравките на Емили додека се искачуваат по руинираните дрвја? Таа го става увото на кората и слуша. Ќе им се придружи во нивната палата... Таа ќе биде нивна мравка кралица... Ќе ги води во борба против другите мравји кралства... Таа ќе ја гледа нивната игра на љубов и војна.

Емили прави телескоп од мраз и коноп. Низ тунелот, таа гледа во сопственото око додека не ја види галаксијата, и низ галаксијата сè додека не види око на странец.



Октавија Батлер

Октавија се одмара од пишувањето за да ги навади своите растенија. Саксиите во облик на глави, од различни раси и хуманоидни видови, се тетерават на дебелите стебла и ги брануваат лисјата додека таа влегува во стаклената градина. Таа ги храни од нејзиниот бокал.
Купувајќи намирници, Октавија гледа кон луѓето што ги ставаат зелките и јаболките во нивните коли, и го гледа она што еден ден ќе ја замени невината сцена: заедниците се пренаселени, мутираат со насилна потреба за храна, моќ и секс.

Враќајќи се од продавница, Октавија тајно го фрла семето, што секогаш е во нејзините џебови, во дворовите на соседите. Семиња што нема да нè спасат, туку бараат: можеме подобро.

Ана Ахматова

Откако Сталин му се закани на нејзиното семејство, Ана го пали котелот: внатре ги фрла искинатите страници на забранетите ракописи. Натопените листови стануваат завои за ранетите. Горчлива супа – зборовите се избледени за никогаш да не се заборават.

Смртта на народот на Ана е вткаена во нејзиниот шал. Кога е гладна, таа ги џвака сребрените нишки за да остане жива.
Ана чека во ред за порција компир, зелка и млеко. Кога доаѓа на ред, еден човек ѝ додава на Ана чуден предмет. „Мора да ја кажеш нашата приказна", вели тој. Ана погледнува надолу и гледа златно јајце. Може да го слушне дивото срце на нејзината нација што чука внатре.

Сафо

Сафо е интензивно зелен инсект што влетува во секоја расправија, од љубомора што зуи помеѓу тебе и твојот љубовник, ги електризира јоните, ти ја каса кожата, ти ја зоврива крвта, од неа мачка ќе се накостреши.

Сафо е убавата жена со која ти се среќава погледот во друштво. Таа има венец и милозвучен глас, и без разлика колку пати се обидувате да ѝ се доближите, таа ви бега. Најпосле, таа се приближува, само да ви тутне парче папирус во раце и да излезе низ вратата. Сè што можете да разберете е „ти гориш“ во совршен ракопис. Останатите зборови се неразбирливи.

Сафо е пар крилја – кои се прелеваат од гулабесто сино, во мрачно смарагдно до златно бело – што тлеат во скриена пештера. Крилјата повремено исчезнуваат и повторно се појавуваат во плакарите на млади девојки. Колку сериозно секоја девојка ги става овие крилја на себе пред огледалото подготвувајќи се за болката и задоволството од љубовта.

Гертруда Штајн

Гертруда е пајак, ткае мрежа од огледала за забава. Мувите се фаќаат во замка загледани во своите чудни рефлексии, што се повторува, повторува, повторува.

За Гертруда, секој збор е еж во метален кафез. Гертруда со стап треска врз кафезите; бучавата е заглушувачка. На ежовите им растат пердуви, се претвораат во црви, се намалуваат во вилино коњче – сè, само да излезат. Само тогаш Гертруда е задоволна.

Сè уште можеш да го фатиш погледот на Гертруда во минијатура, како живее во сликите, на ѕидовите на нејзиниот салон. Таму е, држејќи се за раце со Алис Б, тешко се движи во сенката од јаболките на Сезан. Се спушта низ заоблениот колк на актот од Матис, силно викајќи од радост.

Тони Морисон

Кралицата Тони гледа – одвојувајќи од кожата на секоја личност – детето кое биле, нивните родители, прадедовците, сè до првиот човек. Таа може да ја види оригиналната рана, која се носи во генерациите како расцеп во слезината.

Со нејзиниот ум Тони ги пренесува немирните духови на нејзиниот народ низ непријателските реки, делка мазни, мали сини чамци за нив, да може да патуваат. Гради засолништа во кои нежно ги лулка да се одморат пред големата миграција.

Тони е кадифено несериозна на нејзиниот престол. Нејзините поданици се подготвуваат да ги покажат подароците: рубини, печена патка, диви цвеќиња. Но, еден се приближува со празни раце: тој, наместо подарок, на Тони ѝ кажува шега. Сите го задржуваат здивот. Конечно, Тони се смее со голема, длабока смеа и радоста е насекаде низ палатата.

Слики: Katy Horan
Извор: Brainpickings