Како феминистките во Кина ја зезнаа цензурата

26.04.2018 02:58
Како феминистките во Кина ја зезнаа цензурата

Пред повеќе од еден месец, околу Меѓународниот ден на жената, кинескиот еквивалент на Твитер, Сина Веибо (Sina Weibo) го исклучил профилот „Feminist Voices“ (女权之声), којшто е најзначаниот феминистички профил во Кина што објавува информации поврзани со женските права. Неколку часови подоцна била исклучена и неговата апликација за приватни пораки „WeChat“.

Официјалната причина за исклучувањето била многу воопштена: дека на профилот била објавена содржина која е спротивна на условите за користење. Но, подтекстот бил јасен: државниот апарат за цензура сака да ги замолчи женските гласови.

Ова не било првпат Веибо да го цензурира профилот „Феминистички гласови“. Минатата година, профилот бил суспендиран на еден месец заради објавување „непримерена содржина“ – што се чини дека било предупредување за феминистките. Овојпат ситуацијата е уште полоша зашто не се знае дали профилот воопшто ќе биде вратен онлајн.

Лета Хонг Финчер (Leta Hong Fincher), авторка на книгата „Betraying Big Brother: The Feminist Awakening in China“ (Да се измами Големиот брат: Феминистичкото будење во Кина), објаснува дека владата сака да го ослабне феминистичкото движење кое станува сè посилно, особено во урбаните краеви и на факултетите, најмногу благодарение на социјалните мрежи и организирањето по пат на интернет.

“Движењето има потенцијал да стане големо, што е една од причините заради кои оваа група млади жени владата ја смета за закана за комунистичката власт“, вели Финчер.

Но, заради својата големина, а неретко и снаодливоста, оваа млада заедница успева да биде чекор пред цензорите. Добар пример е движењето #MeToo, кое во Кина се појавило откако поранешната студентка по медицина Луо Ксикси на Weibo го споделила своето искуство на сексуално вознемирување од страна на нејзиниот професор.

Приказната се проширила, покренувајќи расправа за темата на сексуалното злоставување, а Weibo набрзо го блокирал хаштагот #MeToo (сепак, обвинетиот професор добил отказ). Но Кинезинките пронашле начин како да ја заобиколат цензурата: почнале да го користат хаштагот #RiceBunny заедно со емџои што прикажуваат чинија со ориз и зајак. Кога на глас ќе се изговорат зборовите „ориз и зајак“ звучат како „ми ту“, што цензорите не можеле да го детектираат.

Користењето емџои и слики за испраќање кодирани пораки не почнало со хаштагот #RiceBunny. Уште во 2009 година се појавило меме под името „Grass Mud Horse“.

Станува збор за фиктивно суштество што личи на алпака и кое станало своевидна маскота на отпорот против цензурата на владата. На мандарински јазик „Grass Mud Horse“(cào nǐ mā, 肏你妈) звучи слично како „еби си мајката“, а бидејќи Комунистичката партија често се нарекува мајката на народот, овој израз може да се протолкува како „заеби ја партијата“.

Покрај ова, во изминатите неколку години луѓето во Кина, на интернет го користат ликот на Вини Пу за да го критикуваат претседателот Си Џинпинг. Откако се појавиле мемиња што ја споредуваат фигурата на Џинпинг со Вини Пу, сите референци на цртаниот лик се избришани од социјалните мрежи и медиумите. Неодамна повторно се појавиле на Weibo и на WeChat, кога Џинпинг стана доживотен претседател, овојпат тие се во облик на гифови со слика на Вини Пу облечен во кралска одора, но и ова набрзо било цензурирано.

Кинеското онлајн движење #MeToo многу зависи од умешноста да се заобиколи цензурата, но и во офлајн светот е соочен со голем број предизвици. „Постојат многу препреки за да движењето се прошири во масовни размери како во Америка“, вели Мег Јинг Зенг, истражувачка која се занимава со дигитален активизам и контролата на информациите.

„Треба да го имаме предвид културниот контекст на Кина, бидејќи родовите односи се значително поинакви отколку на Запад, а регионалните разлики се огромни“. Затоа движењето засега е ограничено на урбаните подрачја и уште не дошло до жените во руралните средини или оние што работат во индустријата.

Сепак, се чини дека владата не може целосно да ја заузди силината што ја има движењето на факултетите. „Присутен е исклучително голем отпор кон феминистичкото движење“, објаснува Лета Хонг Финчер. „Ќе биде тешко движењето да се одржи активно, но феминистките се многу одлучни. Во ова време на глобална поврзаност, кинеската влада едноставно не може да го избрише женското движење.“

Извор: Wired

 

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото