Вештерките денес (пет песни)

26.04.2018 16:46
Вештерките денес

Во петок, 27.04.18, во 20 часот во МСУ промоција на дебитантска книга.

 

 Од првата стихозбирка на Калиа Димитрова, во издание на Темплум, пренесуваме пет песни. Првата книга на Калиа едновремено е и прва книга во новата едиција, Триста ветрила!, посветена на Огнен Чемерски (1974-2017). Подолу поместивме и фрагмент од поговорот кон книгата, од Никола Гелевски.

 


в о с о к


татко ми
повремено ми изгледаше подметнат
во станот преплавен со прслуци и гаќи.
нагалено ме викаше оток
‒ поставував многу прашања.
цел стан смрди на восок
‒ рече, лут, и продолжи да јаде.

баба ми, мајка ми и сестра ми
стиснати над едно огледалце
ги корнеа влакната над усните:
ауч!
ауч!
ауч!
мојот мозок во грч
левото око во ритмички тик
трепкаше со секој нов крик
наслушнат од кујната.

татко ми и јас
непоканети на бизарните забави
сепак не смисливме наши.
јас и понатаму се сепнував со секој звук,
а тој јадеше без да трепне.

а тие три
ќе дојдеа за миг со црвените надусни
и додека последните траги восок исчезнуваа
тие зборуваа зборуваа зборуваа.


 

м а ч к и


знам девојки
како тебе.

ти ќе останеш сама.

сите околу тебе
ќе живеат свој живот.
ќе имаат работа, имот и ред.

ти ќе останеш сама.

ти не знаеш да станеш
едно
со друг.
ти си остров.
ти си туѓ збор.
ти сакаш журка наместо живот.
ти си љубовта на мојот живот.

ти ќе останеш сама.

сите околу тебе ќе имаат
дом, тостер и деца.
ти ќе се лечиш од осаменост
лижејќи се.
ти си мачка.

ти ќе останеш сама
и ќе ти биде жал.

доволно ми е.
слободна си.
‒ кажа
пред да стане песна.


 

в и с т и н а т а   з а   с т р и и т е


да не се лажеме:
сирените никогаш потполно
не се претопија.
нивната метаморфоза
можеби завршила со двете нозе
но нивниот ум е подводен.

чекорат заносно но збунето
девојчиња-жени, лелеави фатаморгани
од усните тркалаат мазни бисери
фонтани од влажни мисли:
мажите се дават, децата сопнуваат.
мирисаат на сонце, сол и непребол.
спијат на грб, сонуваат бурно, тешко се будат.
гледаат долго без да трепнат
со стаклен поглед што влече
како бермудски триаголник.

погледнете ги!
по кожата имаат бели и розеви шари
бранови од други светови
бледи остатоци од крлушки долж бутовите.
низ градот пловат во групи
заведуваат и ловат
често без разговор.
штом те прегрнат
низ ушните школки ќе чуеш ехо
од некоја далечна вода.

 


с е г а   к а ж у в а м


никој од вас не знае
и не сака да знае
за илјадниците нијанси
на нејзините раскошни шари,
за формите на нејзините крилја,
за палавата брзина и трепет...
пеперугата не смее да биде допрена
од грабливците
кои по секоја цена
ја држат, стегаат, тегнат,
гмечат и прободуваат,
го крадат нејзиниот лет,
го лижат свилениот прашок
и ја гледаат како се витка
набрзо по кобниот допир.
вие не знаете
и не сакате да знаете
за теорија на хаос
метеорологија
елеганција
простор
слобода.
вие кои мислите
сѐ им припаѓа на вашите канџи,
зар вие ќе ја сопрете таа брзина,
зар вие ќе го спепелите
правот од нејзините крилја?
вие сите
за два-три зрака потемни од нејзе,
од погледите ви читам жед за гола смрт,
вие не знаете и не сакате да знаете:
земјата престанува да се врти
после еден неповикан допир.


 

м е с е ч а р к а


шумата е дом,
а јас гостинка.
ме прегрнува во својот мрак,
ме заспива,
будна сум кога спијам.

не им верувам на кваките,
становите се страшни во моите сништа.
затоа спијам високо, без страв,
во крошните сништата се заплеткуваат.

под отвореното небо е студено и чисто,
ноќницата ми се прелева во четири бои,
a мислите ми се бели.

беснеам во тишината,
белобледозелен мов сум,
разлетано глуварче
нектар
корен
ветар
прав
луднобудна
месечина.


Н и к о л а   Г е л е в с к и


М Л А Д А Т А   В Е Ш Т Е Р К А
К А Л И А   Д Е Н Е С,   2 0 1 8

Калиа Димитрова предизвика внимание уште со првите песни објавени на порталот Окно, каде што сум уредник. Неколку илјади луѓе ги прочитаа нејзините три песни објавени во февруари 2017. Подоцна објавивме уште неколку; и тие беа проследени со истиот голем интерес, нетипичен кога станува збор за поезијата кај нас.

Од тогаш помина година и кусур. Во тој период настана книгава, седумдесетината песни овде застапени. Ми се чини дека постои значајна разлика меѓу поновите и „постарите“ песни на Калиа. Таа битно се промени, и како писателка, токму последнава година. И мило ми е што го сведочев и учествував во тоа менување. („На моменти ми личеше на посматрање на ветар. Можев да ја видам само по работите што ги помрднуваше.“) Не се сомневам дека и во годините пред нас живата жива, Калиа, ќе продолжи силовито да се разлева, токму според својата жизнена природа (таа не цупка туку јури, ко враже!) ‒ но особено ми е драго што овој момент од нејзиното писателско созревање го кадросавме во книга (трага од драга тага).

А таа (оваа) книга е жизнена, силовита, продорна, свежа, нежна, приемчива, заводлива, самосвесна и нималку климоглава ‒ баш како самата Калиа. Освен тоа, има јасна дикција, непосреден израз и неприкриен активистички (општествен) ангажман. (...)

„Вештерките денес“ се поделени на три дела: млада, полна месечина и затемнување. Иако месечината е клучен симбол на збирката, има тука и многу сонце и растенија. (...)

ОкоБоли главаВицФото