Велосипедскиот паркинг да стане задолжителен

26.04.2018 23:34
Велосипедскиот паркинг да стане задолжителен

Каде го чувате вашиот точак? На тераса? Во влезот од зградата? Во ходникот од домот? Во подрум? Ниедно од овие места не е наменето за чување точак.

Како го носите точакот до таму? Го носите во раце по скалите? Го качувате во тесниот лифт? Го носите низ тесната балконска врата? Знаете зошто сте приморани да го правите тоа? Затоа што моменталните закони и подзаконски акти не предвидуваат дека при изградба на било каков објект (дури и за станбен) треба да се обезбеди и паркинг за велосипеди. Ако со закон е задолжително да се обезбедат одреден број на паркинг места за автомобили, тогаш зошто да не важи истото и за велосипеди?

Тоа пред сè не е согласно потребите на луѓето кои домуваат или ги користат објектите. Луѓето имаат реална потреба од паркинг за своите велосипеди. Поради непостоењето на таа обврска, инвеститорите не се поттикнати да обезбедат ваков тип на паркинг, кој е еден од основите елементи на велосипедската инфраструктура во градот.

Според сите анкети кои ги има направено НаТочак во Македонија, но и според релевантни анкети и истражувања во други земји, недостатокот на безбеден и лесно достапен паркинг за велосипеди ги демотивира луѓето да го користат велосипедот како редовно транспортно средство.

Доколку се стремиме велосипедот да биде користен како секојдневно превозно средство, велосипедскиот паркинг, безбедното паркирање на кратко време на соодветни држачи и безбедното складирање на подолго време во соодветни простории е една од темите кои треба сериозно да се адресираат со соодветни правила за проектирање.

Со оглед дека велосипедот зафаќа многу помалку простор од автомобилот (на само едно паркинг место за автомобил може да се паркираат комотно во едно ниво 10-12 велосипеди, а во нивоа или со вертикално поставување на соодветни држачи и повеќе), финансиските трошоци на инвеститорите ќе бидат незначително зголемени.

Меѓутоа покрај индивидуалната придобивка кај корисниците на тие вело-паркинг места, јавните придобивки ќе бидат многу поголеми.

Со поголемата достапност на соодветен паркинг за велосипеди и поголемото користење на велосипедот, ќе се влијае кон намалување на употребата на индивидуалниот автомобил што позитивно ќе влијае на: намалување на метежот, зголемување на безбедноста, подобрување на здравствената состојба на граѓаните итн.

Подобри закони, за поубави градови!

Поддршка за промените!

Слични содржини

Општество / Активизам / Јавни простори
Општество / Активизам / Јавни простори
Општество / Активизам / Јавни простори / Свет
Активизам / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото