Граѓаните сè уште не можат електронски да добијат 50 најчесто издавани документи

27.04.2018 01:06
Граѓаните сѐ уште не можат електронски да добијат 50 најчесто издавани документи

Сè уште се анализира кои 50 потврди и документи се најчесто барани од граѓаните.

ВЕТУВАЊЕ: Ќе обезбедиме целосно електронско издавање на 50 најчесто издавани потврди или документи. За секоја постапка поединечно јавно ќе се објават чекорите во постапка и кои службеници се задолжени за постапување.
[Извор: Изборна програма на СДСМ(2016) : „План за живот во Македонија“ (стр. 33) и (стр.211) од „Планот 180 – Итни реформски приоритети на новата влада во првите 6 месеци“]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето на СДСМ дадено во Изборната програма за предвремените парламентарни избори во 2016 година, „План за живот во Македонија“, дека во првите шест месеци од мандатот „целосно електронски ќе се издаваат 50 најчесто издавани потврди или документи“, досега (26.04.2018), не е исполнето. Ова ветување на социјадемократите се споменува на две места во „Планот за живот во Македонија: во поглавјето „ЕФИКАСЕН СЕРВИС ЗА ГРАЃАНИТЕ -ЕДИНСТВЕН ЕЛЕКТРОНСКИ СИСТЕМ“ (стр. 33) и на страница 211 од „ПЛАНОТ 180 ИТНИ РЕФОРМСКИ ПРИОРИТЕТИ НА НОВАТА ВЛАДА ВО ПРВИТЕ 6 МЕСЕЦИ“. Исто така, ова ветување е дел и од Програмата за работа на Владата за периодот 2017- 2020 година, „Поддршка на домашните претпријатија“ (стр.6).

Иако, ветувањето временски е планирано да се реализира за првите шест месеци по изборот на Владата, проверката на „Вистиномер“ покажа дека и по повеќе од 10 месеци од мандатот, граѓаните сè уште немаат можност целосно електронски да добијат 50 потврди или документи.

Тоа деновиве го потврди премиерот Зоран Заев во панел дискусијата на Дигиталниот самит одржан на 18 и 19 април (2018), каде што информира дека во моментот се рабти на унисоно дигитално поврзување на институциите и дека е формиран Национален совет (09.02.2018) кој работи на дигитално поврзување на сите министерства и јавни претпријатија.

Да дојдеме до 30 секојдневни потреби граѓаните да ги добијат директно на интернет. Сакаме имотниот лист да го вадиме на интернет, извод од матична книга на родени, на интернет да се видат сите слободни земјоделски парцели … За нас е важно да го намалиме времето на грѓаните во чекање да извадат некој документ“, рече Заев. (Јутјуб од 1.40. до 1.43 мин од видеото).

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, пак, пред еден месец – на 16 март (2018) на „Самит на малите земји- нови трендови во бизнисот“, изјави дека интензивно се работи на повеќе области за дигитализација на општеството.

Работиме на повеќе проекти од оваа област како што се: е-услуги за граѓаните, креирање на национален портал, портал за отворени податоци, отворање на технолошки парк, стратегија за широкопојасен интернет…“, рече Манчевски.

Од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) за „Вистиномер“ изјавија дека моментално се работи на финализирање на дизајнот на веб- порталот за е-услуги каде што на граѓаните треба да им бидат достапни 50 услуги.

На ова му претходеше тестирање на функционалноста. Избрани се 50 услуги, кои се приоритетни за граѓаните, а во моментов се работи на нивна бизнис анализа за да се реализираат, развијат или интегрираат. Администраторската алатка за порталот е готова, а рокот за целосно завршување на порталот е септември, велат од МИОА.

Од Министерството, појаснуваат дека се работи на нов портал кој треба значително да го зголеми бројот на услуги што државата ќе им ги нуди на граѓаните по електронски пат.

Да потсетиме и дека порталот http://www.uslugi.gov.mk/ кој функционира од 2005 година досега на граѓаните им нудеше само информации за документите односно формуларите кои можат да ги преземат електорнски, но немаше можност и електронски да се поднесат или да се добијат целосно електронски документи или потврди.

Од изложеното се потврдува дека и по 10 месеци од изборот на Владата сè уште се анализира кои 50 потврди и документи се најчесто барани од граѓаните и се работи на подготовка на интернет портал е-услуги.

Според тоа, ветувањето на СДСМ дека за период од шест месеци од изборот на Владата, целосно електронски ќе се издаваат 50 најчесто барани потврди и докумнети, досега (26.04.2018) не е остварено.

 

ИЗВОРИ:
Изборна програма на СДСМ за предвремени парламентарни избори во 2016. „План за живот во Македонија “ [Проверено: 26.04.2018]
Програма за работа на Владата за периодот 2017- 2020 година [Проверено: 26.04.2018]
Јутјуб 18.04.2015 г ( 1.40. до 1.43 мин): премиерска панел дискусија Дигитален самит, Скопје [Проверено: 26.04.2018]
МИОА – (9.02.2018 ): Формиран Национален совет за информатичка и компјутерска технологија кој ќе изготви и ќе ја имплементира Стратегијата за ИКТ [Проверено: 26.04.2018]
МИОА ( 16 март 2018 г) – Манчевски: Наша цел е доближување на услугите до граѓаните и целосна дигитализација на процесите и услугите [Проверено: 26.04.2018]
МИОА: „електронски услуги“ [Проверено: 26.04.2018]
Порталот „е – услуги “ [Проверено: 26.04.2018]

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер