Бесмисленоста

02.09.2010 12:23
Стенли Кјубрик

Многу нешта во нашиот живот потекнуваат од застрашувачката свест за смртноста. Нашата способност, за разлика од животните, да го замислиме сопствениот крај, создава огромен психички притисок во нас; без разлика дали сакаме да го признаеме тоа или не, на секој човек нешто му се стега во градите од стравот кога ова конечно сознание почнува да го нагризува неговото его и чувство за смисла.

На некој начин сме среќни што нашето тело и задоволувањето на неговите потреби и функции имаат толкава заповедничка улога во нашите животи. Овој физички оклоп претставува тампон зона меѓу нас и сознанието кое го парализира умот, сознанието кое за само неколку десетици години од постоењето го дели нашето раѓање од смртта. Кога човек навистина би седнал и би почнал да размислува за своето скорешно исчезнување и својата застрашувачка безначајност и осаменост во космосот, тој сигурно би полудел или би потклекнал пред парализирачкото чувство на бесмисленост. Зошто воопшто, би можел да се запраша, би се занимавал со нешто во животот, би се стремел да заработи за истиот, па дури и да сака некого, кога нема ништо повеќе од една прашинка која се движи низ незамисливата непрегледност на космосот?

Но оние меѓу нас, кои сензибилитетот ги наведува да ги видат своите животи од ваква перспектива, кои признаваат дека не постои смисла која би можеле да ја сфатат и дека меѓу неброеното мноштво ѕвезди нивното постоење поминува незабележано – можат лесно да станат жртви на конечното растројство. Во тој случај може да се сфати поетот кога својот живот го опишува како „Чистинка на која се спушта мракот/каде неуките војски се судираат во ноќта/и каде не постои ни љубов ни надеж/ ни сигурност ни вера ни утеха од болката“. Дури и оние кои имаат среќа чувствителноста да им овозможува повеќе од обично замаглено сфаќање на сопствената минливост и тривијалност, свеста за конечноста ги одзема значењето и смислата; поради ова многумина од нас ги сметаат своите животи за бесмислени, како и својата смрт.

Религиите во светот, со сите свои ограничености, донесоа одредена утеха за оваа голема болка; но бидејќи сега се случува и некои свештеници да проповедаат смрт на Бога, моралот на верата опаѓа со долго и бавно завивање... И на човека не му преостанува ниедна патерица на која би се потпрел – и не постои некоја надеж, макар ирационална, која би дала смисла на неговото постоење. Претпоставувам, и тоа со причина, дека разорното признавање на сопствената смртност е причина за зголемениот број ментални заболувања за кои псхијатрите не се свесни.

А тогаш, доколку животот е така бесмислен, како е можно да се дојде до тоа дека сепак вреди да се живее. Единствено ако успееме да се соочиме со сопствената смртност. Целосната бесмисленост го принудува човека да создаде сопствена смисла. Децата го почнуваат животот со незатемнетото чувство за чудо, со способноста за целосна радост поради наједноставните нешта... меѓутоа, како што растат, сознанието за смртта и распаѓањето почнува да продира во нивната свест и суптилно да ја разјадува нивната животна радост, нивниот идеализам и нивната претстава за бесмртноста.

Како што расте детето, секаде околу себе гледа смрт и болка и почнува да ја губи вербата во суштинската добрина на човекот. Но ако тоа е умерено силно, и ако има среќа, детето може да излезе од тоа душевно дно со препороденото чувство на животен елан. Поради свеста за бесмисленоста на животот и наспроти неа, има можност да создаде ново чувство на смисла и афирмација. Можеби нема да биде во состојба повторно да постигне онолку чисто чувство за чудо со кое е родено, но ќе може да вообличи нешто многу потрајно и поцврсто.

Фактот кој најмногу исполнува со страв, кога станува збор за универзумот, е тоа што тој не е непријателски туку рамнодушен; но ако можеме да се помириме со таа рамнодушност и да ги прифатиме предизвиците во границите на смртта – без разлика на тоа колку човекот е во состојба да ги направи растегливи – нашето постоење како вид има вистинска смисла и исполнетост. Колку и да е огромна темнината, ние мораме да создадеме сопствено светло.

Извор. P.U.L.S.E.

Ух, каков текст! И тоа од

Ух, каков текст! И тоа од Кјубрик! Браво мајсторе! Кога го прочитав се почувствував како сум ги пикнал прстите во некој космички штекер од кој ме здрмала струјата на универзумот! Браво мајсторееееееееееееееееее!!!

на работ сум од нервно

на работ сум од нервно растројство :}

ОкоБоли главаВицФото