Статуа на суфражетката Милисент Фосет свечено откриена пред Парламентот во Лондон

27.04.2018 23:50
Статуа на суфражетката Милисент Фосет свечено откриена пред Парламентот во Лондон

Џилијан Веринг, Статуата на првата жена суфражист Милисент Фосет на Парламент сквер во Лондон, 25 април 2018 година (фотографија: Ден Китвуд)

 

Статуата што го слави животот на Милисент Фосет (Millicent Fawcett, 1847-1929), водечката феминистка и инспиратор на женското движење за право на глас во раниот 20-ти век, беше откриена пред Парламентот во Лондон. Создадена од уметницата Џилијан Веринг, добитничка на Тарнеровата награда, ова е прва статуа на жена сместена на Парламент сквер, и прва статуа на плоштадот, создадена од жена.

Статуата на Веринг ја претставува 60-годишната Фосет (која започнала да води кампања за еднакво право на глас од нејзината 19-годишна возраст) како држи банер на кој пишува „храброста повикува на храброст насекаде“ (courage calls to courage everywhere). Зборовите се земени од говорот на Фосет по смртта на активистката Емили Дејвисон, прегазена од коњот на кралот на Епсомското Дерби во 1913 година. Веринг, исто така, вклучува и еден од брошевите на Фосет на статуата - го позајмила оригиналот од Fawcett Society и го скенирала.

„Сакав споменикот да биде колку што е можно повеќе инклузивен и да ги одразува многуте жени вклучени во унапредување на правата за еднаквост, од кои некои никогаш не биле јавно признати“, коментира Веринг. „Важно е да се сфати дека битката за еднаквост не беше лесна. Тоа беше долга, тешка, напорна борба.“

Статуата беше нарачана по кампањата предводена од писателката и активистка Керолајн Криадо Перез, која исто така беше успешна во повикот писателката Џејн Остин да биде претставена на банкнотата од 10 фунти. Нејзиното откривање е дел од чествувањето на стогодишнината од одбележувањето на Законот за застапеност на луѓето во Обединетото Кралство од 1918 година, кој на жените на возраст над 30 години им даде право на глас (жените добија изборна еднаквост со мажите дури во 1928 година, кога на сите жени над 21 година, без оглед на имотниот статус, им беше дозволено да гласаат).

Фосет се приклучува на 11-те машки статуи на плоштадот, меѓу кои се Нелсон Мандела, Абрахам Линколн, Махатма Ганди, поранешни британски премиери Сер Винстон Черчил, Дејвид Лојд Џорџ, Бенџамин Дизраели и Вилијам Гладстон. Криадо Перез изјави дека првпат го забележала отсуството на жени на Парламент сквер додека џогирала. „Кога стигнав до третиот маж, си помислив: Чекај малку, сигурно некој досега направил нешто во врска со ова, не ми се верува дека мажите тука ќе си останат сами.“


Извор: Frieze

Слични содржини

Активизам / Јавни простори / Свет / Теорија
Европа / Свет / Историја
Јавни простори / Свет / Уметност / Историја
Свет / Историја
Свет / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото