Репортери со граници

28.04.2018 00:46
Репортери со граници

После долги години упорно тонење на скалата на „Репортери без граници“ за квалитетот и состојбите со и во македонските медиуми, годинава е направен пресврт: се искачивме скромни две места на тој рејтинг. Подобрувањето на позицијата е безначајно, од 111-то на 109-то место. Но, промената на трендот – наместо надолу, нагоре – е она што е важно.

Годинава тој угорен тренд треба да се стабилизира и да се забрза, па идната година скокот да биде меѓу пет и десет места на меѓународното скалило за медиумските слободи и за медиумските состојби во светот. Друг резултат во иднина би можел да се интерпретира како неуспех.

Но, за таа задача, за разлика од многу мои колеги, не мислам дека Владата е онаа која е единствена, па дури ни пресудно надлежна. Всушност, ако власта и државата можат да бидат главниот фактор за влошување на состојбите со медиумите во која било земја, нивната улога за подобрување на медиумските состојби не е неважна, но е далеку поограничена. Изброени се формалните области во кои се очекува коректно функционирање на државата во медиумскиот систем.

Пред сè, тоа е сферата на регулативата и нејзиното доследно спроведување во медиумската реалност. После години преправки и доправки, нашите медиумски закони (вклучувајќи ги и оние од работните односи), горе-долу, се коректни и меѓународно „сертифицирани“. Нивното спроведување и контролата во тие области е она што треба да се подобрува.

Следната важна „државна“ занимација е функционирањето на јавните информативни и медиумски сервиси, пред сè, во нашиот случај, Македонската радио-телевизија. Со оглед на стотиците илјади критички редови напишани и изговорени на оваа тема, не чувствувам потреба за понатамошна елаборација. Нашите состојби во оваа област се рамни на национално предавство.

Потоа, државата е надлежна за воспоставување и спроведување на стандардите во медиумското образование, но и тука пазарот (и во образованието и оној на трудот) се поважни фактори од самата државна интервенција.

Регулацијата и надзорот на медиумскиот пазар, пак, се можеби најважните алатки што ѝ стојат на располагање на државата, иако и таму има поважни, комерцијални принципи и независни тела кои ги регулираат лиценците, стандардите, конкуренцијата и сл., чија работа би требало да биде „имуна“ од влијанието на државата. Откако, за почеток, државата ќе се откаже од арбитрарни, политички и финансиски интервенции – како што тоа го правеше претходната власт (и) со милиони евра од државниот Буџет – владата може да интервенира кај медиумите со специјални даночни олеснувања или финансиски субвенции. Но, за тоа не треба само политичка волја и административен капацитет, туку и реални извори и поширок консензус во медиумската индустрија, за да не дојде до поголема штета од корист од таквите интервенции.

Сепак, има едно „невидливо“, политичко мешање на власта кое тешко се квантификува и квалификува: од една страна, државните извори за информации мораат да бидат рамномерно достапни и транспарентни до сите заинтересирани медиуми, без разлика на нивната критичка содржина кон власта; и, од друга страна, ако државата, особено во своите функционерски „врвови“, реши со своето присуство да легитимира медиумски содржини на разни будалетинки кои, на пример, тврдат дека Земјата е рамна, тогаш медиумските кловнови и шундот ги носат во центарот на општествената сцена, правејќи ги нивните бесмислени ставови релевантни и влијателни, наместо да ги остави на медиумските маргини каде секогаш има доволно други гости и публика заинтересирани за забавни глупости и бизарности од секаков вид. Со ваквиот однос кон медиумите демократската јавност постепено се убива, наместо да се негува и развива.

Другото во медиумскиот систем е работа на успешната конкуренција на пазарот, на следењето на технолошките иновации, на синдикалните и професионалните здружувања, на желбата за постојано образование и обуки, на новинарската и медиумската саморегулација, на почитувањето на авторските права, на градењето на критичка и ангажирана јавност, на способноста да се привлечат странски инвестиции, на осудата на говорот на омраза, на воздржувањето од клевети и навреди, на негувањето на новинарската љубопитност… И на инсистирањето на професионален интегритет (и во новинарството и во медиумскиот бизнис!), дури кога околностите се неповолни за тоа.

Сакам да кажам, ако го преживеавме Груевски, Заев не би требало да ни е голем проблем. Има бројни работи што ние, во светот на нашите медиуми, треба да си ги расчистиме и завршиме, пред здружено да се занимаваме само со „дворот на власта“ и со озборување и малограѓанско изживување врз „некаков“ Роберт Поповски, на пример. Ако се разбираме што сакам да кажам.

Извор: Цивил медиа