Повеќе од 2000 посетители на изложбата „Сè што ни е заедничко“ во МСУ

28.04.2018 04:22
Повеќе од 2000 посетители на изложбата „Сè што ни е заедничко“ во МСУ

Податокот дека само за една недела изложбата „Сè што ни е заедничко“ во Музејот на современа уметност ја виделе над 2000 посетители, не треба да изненадува или зачудува (иако е шокантен спореден со други уметнички настани), бидејќи по повеќе од десет години, конечно во Скопје имаме една меѓународна изложба од која нема да се засрамат и многу побогати или поразвиени музеи во светот. Особено ако се има предвид сеопштата девастираност на институциите од културата во изминатиот децениски период, во кој токму МСУ беше една од жртвите на политиките во културата затоа што не се вклопуваше во системот на вредности во кој врвен приоритет беше „Скопје 2014“, и кадешто освен постојаната поставка, можеше да се види сè освен современа уметност.

Еден музеј на современа уметност по дефиниција треба да биде провокативен за публиката и критичен кон воспоставените вредности, или како што вели Лора Рајковиќ, една од најзначајните политички уметнички работници: „Неутралноста е невозможна во музеите денес“. И изгледа дека кураторките на изложбата „Сè што ни е заедничко“, отворена на 18 април, Мира Гаќина и Јованка Попова се воделе токму од оваа теза, подготвувајќи изложба која се занимава со некои од најжешките прашања на актуелниот социо-економски и културен контекст не само во регионот, туку и пошироко од него. Имено, уметниците на оваа изложба ги преиспитуваат прашањата за неизвесноста, несигурноста во различни социјални, политички и културни опкружувања, поврзани со ранливоста и егзинстенцијалната непредвидливост.
„Изборот на делата нѐ позиционира по прашањата како ги разбираме актуелните состојби и ни дозволува да размислуваме како личната визија, одговорност и заложба може да е споделена во општеството“, пишуваат Гаќина и Попова.

И разноликоста на авторите не само што придонесува за богатството на аспекти, туку манифестира и прилично јасен став, почнувајќи од светски познатиот Анри Сала, за кој неофицијално се дознава дека повторно ќе гостува во Скопје по повод изложбата во која е изложено неговото видео “Долга тага“, дело сместено во зграда наречена „Langer Jammer" (долга тага или жалење) во Märkisches Viertel, дел од Берлин, во близина на местото каде беше Берлинскиот ѕид. Изградена помеѓу 1965 и 1974 година, нејзините архитектонски идеи промовирале поинаков стил на заеднички живот, вдахновувајќи ново чувство за заедница. Зградата почнала да се гради веднаш по изолацијата на западен Берлин, а бидејќи требало да се сместат многу луѓе во ограничен простор, западниот дел од градот презел мерки да одговори на кризата предизвикана од недостаток на куќи за живеење.

Максимата ,,урбано мноштво“ ги одразува амбициите на новата ера. До 1974, кога завршува развојот (изградени се околу 17.000 станови), настанот бил оценет како безначаен. Медиумите го нарекувале гето кaмуфлирано со напредни општествени и архитектонски идеи. Се верува дека многу од фотографиите што се појавиле во весниците биле монтирани.

Следуваат и препознаени авторски имиња од регионот како Шејла Камериќ од Босна и Херцеговинa со делото „Куќа од соништата“, Албан Муја со делото „ Фалицизмот на братството“, Ахмет Огут (Турција) со видео анимацијата „Обединети“, Мариа Пападимитриу со видео инсталацијата од делото ,,Зошто да гледаме во животните? АГРИМИКА“, со кое ја претстави Грција на 56-то Биенале во Венеција.

Рената Пољак од Хрватска со филмот ,,Партенца“, кој ја прикажува несигурноста во современото општество на глобално ниво , Флака Халити (Косово) со видео инсталацијата „Ми недостасуваш, ми недостасуваш, сè додека не престанеш да ми недостасуваш“, Ибро Хасановиќ (Босна и Херцеговина) со видеото „Белешка за мноштвотото“ кое се занимава со несигурната иднина на мигрантите, Иштван Ист Хузјан (Словенија) со „Отсјаи од земјата“, Билјана Ѓурѓевиќ од Србија со „Разиграно општество“, Ана Адамовиќ (Србија), со видео инсталацијата „Мојата земја е најубава од сите“ и Маја Бајевиќ (Босна и Херцеговина) со видеото ,,Уметност, занаети и факти“, како одговор на оцрнувањето на трудот од финансијализацијата на глобалната економија.

Македонската репрезентација пак, ја сочинуваат уметници со сериозно меѓународно искуство: Велимир Жерновски со „Отаде # злато“, дел од негов долгогодишен проект на кој работи веќе четири години, насловен „Отаде црното“. Проектот ја отсликува меланхоличната патека на човечката интеракција со природата.

Христина Иваноска со „Документот што недостасува: перформанс бр. 5 (Три акции)“, во видеото таа повторно изведува три историско-возможни акции кои можеби се случиле во 1903 година од страна на Роса Плавева, македонска револуционерка од почетокот на 20 век. Нејзиниот истражувачки интерес и уметничката практика се насочени кон прашањата на потиснување, контролирање и конструирање на колективната меморија во однос на стратегиите и политиката на отпор на жените.

Славица Јанешлиева со делото „Имигрант, емигрант или можеби јас“, со „слатката“ однадвор, но боцкава одвнатре вреќа за спиење прикажува метафора за судбината на мигрантите и емигрантите низ светот. Жанета Вангели се претставува со делото „Idea Innata“, Јане Чаловски со инсталацијата Воведен чин, од проектот „Недисциплинираност: конструкција на можен архив" oтпочнат во мај 2017 година, чија цел е реанимирање на дел од собраните, незаштитени и хемиски контаминирани печатени материјали на поранешниот Завод за урбанизам и архитектура Скопје (ЗУАС) опожарен во април 2017 година.

И Ѓорѓе Јовановиќ, кој на отворањето на изложбата во МСУ го изведе перформансот „Нема пари за кои нема да работам“, што е негово промислување на прекарните услови и околности во кои работат културните работници (видео од перформансот е изложено во музејот).

„Изборот на осумнаесет уметници нè запознава со дела што даваат увид во ситуации на различни несигурни и расцепкани историски контексти, посочувајќи на можноста да се инволвираат во сегашноста, барајќи од нас ангажирано да ги преиспитаме сопствените знаења, искуства и ставови. Проблемите на кои тие се осврнуваат се трагични, тие се состојби на политичка изманипулираност, на социјална потиштеност и исклученост, на културна потчинетост и зависност од низа одлучувачки фактори што сведочат за секојдневното неспокојство“, го појаснуваат изборот на авторите, Гаќина и Попова. И додаваат дека оваа изложба „ја поттикнува свеста за општата несигурност, но и мотивирана акција“

И навистина, можат ли да се пронајдат практики кои се за заедничко добро и заедничка политичка акција?

Оценките на стручната јавност за оваа поставка, веројатно допрва ќе следат, публиката покажува дека е заинтересирана за ваков вид уметнички проекти. А Гаќина и Попова иако презедоа сериозен ризик да реализираат ваква меѓународна изложба вклучувајќи автори со високи стадандарди во една институција која десет години систематски беше туркана на маргините, покажаа дека музејот, особено оној за современа уметност, треба да е отворен за да може да вклучува, да биде достапен, да започнува дијалог, да биде подготвен да промислува и дебатира.