1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Во Музејот на современа уметност, синоќа (27 април) беше промовирана поетската книга „Вештерките денес“ од Калиа Димитрова. Со книгата истовремено стартува новата едиција „300 ветрила!“ на издавачката куќа „Темплум“. Едицијата му е посветена на Огнен Чемерски.
Никола Гелевски, уредник на „Темплум“ и „Окно“, истакна дека името на новата едиција, која ќе биде репрезентативна по својот квалитет, е инспирирано од книгата на Огнен Чемерски (1974-2017) со истоимен наслов. За авторката Калиа Димитрова Гелевски рече дека е свеж, нов глас во современата македонска поезија, која иако млада успева да ги соедини и активизмот, и феминизмот и грижата за градот.
„Вештерките денес е книга жизнена, силовита, продорна, свежа, нежна, приемчива, заводлива, самосвесна и нималку климоглава ‒ баш како самата Калиа. Освен тоа, книгата има јасна дикција, непосреден израз и неприкриен активистички (општествен) ангажман“, стои во воведот на книгата.
На промоцијата учествуваше и актерката Кристина Леловац, која читаше песни од стихозбирката.
Калиа Димитрова се заблагодари на сите што ѝ помогнале околу издавањето на книгата и рече дека откако пред повеќе од една и пол година се вратила во Скопје, интензивно работела на оваа збирка. За насловот на книгата рече дека произлегува од една од песните, во кои пишува за поинакви вештерки од 21-от век.
Премиерно беше прикажан и краткиот филм „Вештерките денес“, во режија на Борјан Стојков, изработен според пет песни од збирката на Калиа. Потоа многубројната публика уживаше во забавата со музичката селекција на Ивана Низамовска.
Пријатели на настанот се КОМА – дизајн студио, Музеј на современата уметност – Скопје, Министерство за култура, Винарија Тиквеш, Крин слаткарница, Бугати Бистро и Радио МОФ.
Фотографии: Небојша Гелевски