Сликарот кој не знаеше да слика

01.05.2018 00:15
Сликарот кој не знаеше да слика

Роден е во мало заспано гратче на југот од Франција. Во гратчето познато единствено по својата фонтана не се случува никогаш ништо. Единствени убави мигови кои ги помни се сончевите попладниња крај блиската река кога светлината трепери над водата. Тој е вонбрачно дете. Мајка: нежна, наклонета кон меланхолија. Татко: тиранин, студен и недостапен. Тој сака да биде сликар, но таткото не дозволува. Конечно успева да се запише во сликарско училиште кое го завршува со лоши оцени. Таткото од шапкар станува успешен банкар. Принуден е да запише правен факултет во родниот град.

Студиите не му одат. Таткото се срами од него. По многу расправии, конечно успева да измоли пари и оди во Париз да се запише на Академијата за убави уметности. Академијата го одбива. Неговите први слики се полни со насилство и стравотни глетки на убиства и смрт.

Го привлекува само смртта и сексот. Од жените се плаши. Измачуван од страст го черечи женското тело на своите платна. Париз. Градот на љубовта нема љубов за него. Осамен, талка по улиците. Единствено прибежиште му е музејот Лувр и Операта. Живее во своите сништа. Неговите слики служат за јавен потсмев. Понижување по понижување, конечно, со наведната глава се враќа дома. Посакува да го убие таткото. Принуден е да живее на негова сметка.

Продолжува да слика како луд. Сликањето го претвора во насилен чин на изживување врз сликата. Упорно праќа слики во париските галерии и салони. Секаде го одбиваат. Станува познат као чудак и насилник со лош вкус. Нема поддршка од никого. Одново се враќа во Париз. Изнајмува ателје и се обидува одново да изложува слики. Никој не го прима никаде. Сите сметаат дека е простак, лошо облечен провинцијалец и бездарен сликар. Станува предмет на исмевање на парискиот печат. Нема водено љубов со жена иако има триесет години.

Влегува во врска со својот модел. Наскоро таа раѓа дете. Не смее да му каже на таткото. Се жени. Ја остава жената да живее во неговото ателје, а тој се враќа дома. Почнува да слика надвор по полињата и во шумите. Себеси си задава невозможна задача: да ја смести целата природа во една слика. Сака да слика чесно. Никој не го разбира. Критиката крвнички го касапи. Озлогласен е во уметничките кругови. Идиот? Бунтовник? Се сомнева самиот во себе. Не знае дали е луд или е гение.

Изнајмува ателје во едно друго мало гратче на медитеранскиот брег. Се повлекува во себе. Нема трпение за ништо освен за сликање. Не ги сака другите луѓе. Не може да поднесе да го допираат. Му станува сеедно што другите мислат за него. Планината ја слика како гола жена, жената како планина или како јаболко. Открива дека сè е поврзно на овој свет. Сликата е свет за себе. Сака да ги открие нејзините тајни. Одново и одново слика една иста слика. Слика мачно. Да заврши некоја слика му требаат години.

Продавачот на слики Волар му организира прва самостојна изложба во Париз. Не доаѓа на отворањето. Успехот доаѓа предоцна. Веќе не му е грижа за ништо. Стар е и болен. Видот му слабее. Сака да биде сам. Ги мрази луѓето. Разговара со предметите, шумата и небото. Сака да умре сликајќи.

Сликајќи надвор еден ден додека бурата беснее паѓа и веќе не може да стане. Случајни минувачи го наоѓаат и го носат дома по силен дожд.

Умира како пропаднат сликар, вечен почетник, губитник и човекомразец, незадоволен и несреќен. На надгробната плоча ќе врежат: Пол Сезан (Paul Cézanne). Една година по смртта станува славен. Сè друго е историја на уметноста.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото