Проект за „Скопје 2014“ ќе ја претставува Македонија на Венециско биенале

01.05.2018 02:09
Проект за „Скопје 2014“ ќе ја претставува Македонија на Венециско биенале

Македонија со проектот „Ослободување на просторот“ (Freeingspace) ќе се претстави на 16. Меѓународно Венециско биенале за архитектура, кое ќе почне на 26 мај и ќе трае до крајот на ноември годинава.

Македонското претставување на Венециското биенале за архитектура е со поддршка на Министерството за култура, Музејот на современа уметност, Град Скопје и општина Центар.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски на прес-конференција рече дека годинава македонското претставување е уникатно од повеќе аспекти.

– За разлика од вообичаеното претставување на веќе изработени дела и проекти, ова претставување е посебен проект кој својата промоција ќе ја види токму на Венециското биенале на архитектура. Важно е што се работи и за проект кој вклучува многу наши, но и странски перспективни и наградувани автори, рече Алаѓозовски.

Министерот за култура изрази задоволство од тоа што авторите се согласиле за Венециското биенале да подготват проект кој, како што рече, ќе направи една архитектонска дисекција на таканаречениот проект „Скопје 2014“, која отвора можност за нови согледувања за начините со кои ќе можеме да се справиме со ова наследство кое де факто ќе остави белези на архитектурата на главниот град.

Автори на пректот се: Дејан Ивановски, Филип Јовановски, Благоја Бајковски, Марина Торнатора, Лучија Ла Џуса, Алесандро Де Лука, Владо Данаилов, Мила Димитровска, Гордан Витевски, Александра Шулевска, Слободан Велевски и Марија Мано Велевска.

Кураторите на годинашново македонско претставување во Венеција се Марија Мано Велевска и Слободан Велевски го претставија проектот и појдовната идеја - современо читање на градскиот простор, односно потенцирање на вредноста на јавниот споделен простор. Велевски рече дека проектот локациски се врзува за Скопје и се преиспитува наследството кое зад себе го остави проектот „Скопје 2014“.

– Содржината на проектот „Ослободување на просторот“ како куратори ја поставивме врз три клучни тези. Првата е „Скопје 2014“ не е архитектонски проект бидејќи во себе ја нема логиката која ја има архитектонската професија - да создава јасна просторна и програмска композиција. Втора теза е дека неговата единствена вредност е дека тој постои и како таков во просторна смисла физички влијае на контекстот на градот во моментот. Трето, ние сметаме дека современиот градски простор се темели пред сè на важноста на заедничкиот јавен простор во кој се споделува граѓанската различност или различните потреби на луѓето кои живеат заедно, рече Велевски.

Во проектот се избрани четири парадигматични простори кои, како што рече, се вткаени во архитектонската и колективна меморија на градот кои претпеа корените промени со „Скопје 2014“. Тоа се платото на МОБ и кејот на реката Вардар, објектот на Владата, Поштата со телекомуникацискиот центар и објектот на МЕПСО и стоковната куќа „НАМА“, која излегува на плошатдот „Македонија“, дело на архитектот Славко Брезоски.

„Само така, користејќи ја архитектурата како алатка која ја обликува „кореографијата на секојдневното живеење“ веруваме дека може да се поправат негативните ефекти од Ск2014, градот во материјална и симболичка смисла јасно да ги дефинира сопствените вредносни особини на современост, а идејата за исклучивост и просторна сегрегација на Ск2014, неговата претенциозност и несмасност да се де-тотализира“, велат кураторите.

Од МСУ најавија дека овој проект пред македонската публика ќе биде претставен на почетокот на следната година.

ОкоБоли главаВицФото