1016 hPa
57 %
24 °C
Скопје - Саб, 07.09.2024 21:59
„6 часа работа, 6 часа култура, 6 часа активизам, 6 часа одмор“ е застапувачкиот предзнак на шестото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО, во организација на Тиииит! Инк. кој годинава ќе се одржи од 3 до 6 мај.
Фестивалот во четврток на пладне ќе започне со дискусија за женската солидарност и социјалното претприемништво, а официјалното отворање на фестивалот е закажано за 3 мај (четврток) во 21 часот во Кино Фросина, со две изложби, од кои амбиенталната инсталација „Ćemo, ćemo… ja, ma kako ćemo?!“ на авторките Божена Кончиќ Бадурина и Дуга Мавринац кои го актуелизираат прашањето за неплатениот домашен труд.
Презентираната содржина произлегува од заедничкото етнографско истражување на работата на хрватските негувателки на стари и изнемоштени лица во Италија, и ја актуелизира и проблематизира невидливоста на работничките во домот во секојдневниот и јавниот говор, особено нивната незаштитеност во институционални рамки.
Изложбата Куварици на занаетчиското здружение „NEpraktične žeNE“ ги здружува женските, машките и останатите верзии на везени НОВИ КУВАРИЦИ. Кувариците на NPŽ се изложуваат како на жици за пружање алишта, на улични акции, селски панаѓури, така и во училишта и пензионерски домови, како на активистички собири и протести така и во светски галерии, музеи и саеми за дизајн.
Од 21:30 часот, пред платото на МКЦ неформалната група ЛезФем традиционално ја зазема сцената на ПРВО ПА ЖЕНСКО со веќе добро познатиот ЛезФем поетски слем. Пишувањето, споделувањето и славењето на женската поезија е нашиот чин на градење нови, слободни простори и реалности. Очекувајте едночасовен оган на подиумот предизвикан од моќни, гласни, љубовни, квир, борбени и провокативни стихови од женските гласови на градот.
„Унапредувањето на работничките права на жените, вреднувањето на неплатениот домашен труд на нашите сограѓанки, изнаоѓањето начини за свесно давање отпор на современите и некогашни облици на експлоатација и девалвирањето на трудот и достоинството, се прашања кои го оформуваат тематскиот фокус на овогодинешниот фестивал“, велат организаторите.
Четиридневната програма опфаќа повеќе дискусии, изложби, перформанси, поетски слем, театарска претстава, филмска проекција, концерти и диџеј сетови, работилница за деца, промоција на книга.
Целосната програма на фестивалот може да ја најдете на фејсбук настанот на Tiiiit! Inc.