Зошто толку нè фасцинираат изгубените книги?

01.05.2018 23:48
Зошто толку нè фасцинираат изгубените книги?

Во јуни 1940 година, кога нацистичките трупи стигнале во близина на Париз, бегалецот со германско-еврејско потекло Валтер Бенјамин се подготвувал да го напушти градот. Бенјамин, еден од водечките европски интелектуалци од 20 век, не бил во можност да ги набави неопходните документи за бегство преку пристаништето во Марсеј. Наместо тоа, им се придружил на останатите бегалци на мачниот пат преку планините до Шпанија, кон Лисабон, каде планирале да се засолнат. Движењето на Бенјамин го забавувал тешкиот црн куфер полн со ракописи. Во разговор со друг патник Бенјамин ја опишал содржината на куферот како повредна од сопствениот живот.

Во пограничниот град Портбоу, шпанските власти го известиле Бенјамин дека мора да се врати во Франција. Таа ноќ испил 31 таблета морфиум, кои ги зел со себе заради срцевите пречки. После неговото самоубиство се изгубила секаква трага од неговиот куфер. Ракописот никогаш не е пронајден.

Оваа и други приказни за исчезнати книги се наоѓаат во неодамна објавената публикација „Во потрага по изгубени книги“ на Џорџ ван Стрејтен. Меѓу изгубените се и книгите на Николај Гогољ (вториот и третиот дел од „Мртви души“, кои се запалени), Силвија Плат (романот наречен „Двојна експозиција“, исчезнат по нејзината смрт), Лорд Бајрон (неговите лични мемоари, кои ги запалило неговото семејство за да му го заштити угледот) и Ернест Хемингвеј (цел куфер со рани дела, украден од воз на железничката станица во Лион).

„За библиофилите како мене“, пишува Лорејн Бери од британски „Гардијан“, „самото сознание дека тие дела некогаш постоеле, а веќе ги нема, предизвикува еден вид болка.“ Ван Стрејтен пишува: „Ова е цитат на Пруст: За да се објави тој извор на тага, тоа чувство на непоправливост, тие страдања што го разгазуваат патот пред љубовта мора да има... ризик за невозможност'. Мислам дека страста за изгубената книга, често како и љубовта кон некоја личност, произлегува од недостапноста таа да биде прочитана.

Во својата книга Ван Стрејтен прави разлика помеѓу исчезнатите и засекогаш изгубени дела. Ако ракописот исчезнал, сепак постои надеж дека тој е затурен во некоја архива и чека да биде откриен. Но, со изгубените дела, како што е романот на Малколм Лори на кој работел девет години, па го проголтал пламен кога му изгорела колибата до темел, таква надеж веќе нема. А, повторно, Ван Стрејтен очигледно трага по изгубени книги, и покрај тоа што знае колку тоа е залудно. Таа потрага во него раѓа детско чувство на потфат, копнеж да се „биде јунак кој ќе може да ја разреши тајната“.

Валтер Бенјамин во националната библиотека, Париз, 1937

Исто така, изгубената книга е поинаква од онаа што никогаш не е напишана; делото кое постоело создава нешто што Ван Стрејтен го нарекува „празнина“ што ја исполнуваме со идеи за тоа што можела да биде таа книга. Дали со тоа е одговорено прашањето што не може да биде одговорено? Дали е достигнато совршенство?

„Слично со Ван Стрејтен и јас сум фасцинирана со тие книголики дупки во интелектуалното соѕвездие“, вели Лорејн Бери. „Додека студирав“, вели таа, „мојата најголема фантазија беше дека ќе пронајдам книга или ракопис кој дотогаш бил сметан за изгубен или дека ќе решам некоја историска мистерија. Идејата за потрагата будеше чувство какво што имав секое лето кога бев дете додека јас и мојот роднина истражувавме на плажа, трагајќи по гусарско богатство.“

Бенјамин би можел и да биде личноста која ќе ја објасни „автентичноста“ за која се верува дека ја имале автентичните дела. Во својот есеј „Уметничкото дело во периодот на неговата техничка репродуктивност“, тој ја поставил тезата дека сеприсутноста на печатените нешта од масовното производство влијаеле на тоа да го изгубиме чувството на воодушевуање кога држиме издание со мек повез во рацете. Дали книгата е помалку посебна ако сите можеме да имаме примерок? Тоа е она исто чувство на разочарување на кое посочија многу посетители на Лувр: откако видовте толку репродукции на Мона Лиза на Леонардо, тогаш зошто онаа мала слика е закачена на ѕидот од музејот?

Личноста која почувствувала возбуда во допир со единствени текстови е Кристофер де Хамел, чии „Средби со исклучителни ракописи“ претставуваат ризница на ракописи кои можел да ги проучува. Илустрациите од „Книгата од Келс“ или книгата на часовите од Жане од Наваре, меѓу другите, го одземаат здивот, а Де Хамел ги претставува и приказните зад ракописите, но и своите реакции на нив.

Зошто ракописите се повредни од објавените, завршени производи? „Зависи од тоа што сакате да доживеете“, вели Де Хамел. „Чосер се чита побрзо во модерните изданија, но личното возбудување при допир и листање на страниците од оригиналот не може да се спореди со што било. Сите ние сакаме да ја почувствуваме историјата“.

Дали „Книгата од Келс“ губи од привлечноста кога печатената верзија е достапна за набавка неколку метри понатаму, во продавницата за сувенири на Тринити колеџот во Даблин? Не, вели Де Хамел. „Постојат нешта кои ќе ги видите во оригиналниот ракопис кои дури ни микрофилм или дигитализиран сурогат не можат да ги пренесат – сјај од нанесување со сува игла, траги од бришење, дупчиња од шиење, премази, промени на пергаментот, суптилност на бојата, загуба на листови, патина од употреба – дури и мирис и звук кои можат да го пренесат знаењето и разбирањето на текстот од времето кога се создадени записите и кога ги виделе првите читатели“. Значи, кога жалиме за изгубените ракописи, не се работи само за исчезнувањето, туку остануваме и без увид во процесот на нивното создавање – прецртувањата на авторот, неговите грчевити додавања и исфрлања.

Книгата од Келс

Постојат многу книги за кои Де Хамел не губи надеж дека еден ден ќе ги види. „Книгата од Келс имала повеќе листови во 17 век отколку денес. Дали тие се некаде во нечија тетратка? Од Винчестерската библија од 12 век, можеби најголемото средновековно англиско уметничко дело, бројни минијатури се исечени, веројатно дури во 20 век, а верувам дека барем некои од нив сè уште постојат. Многу, многу сакам да пронајдам некоја од нив пред да умрам“.

Колку и да е болно размислувањето за тоа што се случило со нив, се затекнувам себеси како му се враќам на тврдењето на Ван Стрејтен дека изгубените книги се како изгубена љубов, пишува новинарката на „Гардијан“. Како што напиша Тенисон во „Ин мемориам“ („Подобро е да се сака, па да се изгуби отколку воопшто да не се сака“), сознанието дека тие книги некогаш постоеле некако е чудно утешно, дури иако никогаш не се пронајдени или вратени. Просторот за тоа знаење не е празен – тоа е празнина. „На крајот од патот “, пишува Ван Стрејтен, „сфатив дека изгубените книги имаат нешто што го немаат другите: на оние кои не ги прочитале им ветуваат можност да ги замислат, да зборуваат за нив, одново да ги измислат“.

Извор: https://www.theguardian.com

ОкоБоли главаВицФото