Јулие Цезар или каменот паѓа одблизу

02.05.2018 01:36
Јулие Цезар или каменот паѓа одблизу

Режисерот, Златко Паковиќ кој важи за промотор на политички ангажиранот театар овој пат во театарска опсервација ја зема историската драма „Јулие Цезар“ од Шекспир која се занимава токму со темите на власта во нејзините различни форми и модели и се што оди со тоа. Со широк замав на својата режиска палка, Паковиќ во претставата интервенира и со извадоци од други текстови и автори, но главната интенција сепак останува трансмисијата на дејството во сегашноста и посебно со домашната ситуација во Битола, Македонија, но како што ќе се покаже и светските констелации воопшто.

Основното прашање е дали и што ќе надвладее, Републиканското уредување или тиранијата, автократијата, самоволието. Дејството, имено, започнува во оној момент кога на портите на Рим нема да чукне Ханибал, туку опасноста Цезар да биде прогласен за император и крунисан за крал. Оваа потенцијална опасност ги покренува првите меѓу еднаквите во Рим на акција, ковање на заговор и ликвидирање на оној што и се заканува на Републиката – Цезар.

Паковиќ во претставата инсталира пролог и епилог. Прологот се одвива пред железната заштитна театарска завеса. Тоа е и дијалогот помеѓу Цицерон, декан, да речеме на Правниот факултет, Јустинијан Први од Скопје и потенцијалниот император на Рим, великиот, умен, мудар и вешт Цезар. Распаравата е за тоа какво треба да биде уредувањето, републиканско или импереијално?! Дијалогот е вовед кој во комбинација со металната позадина, не ветува ништо добро. Металот зрачи студенило, звучи морбидно и навестува „...сал коб и зла!“

Кога ќе се крене завесата пред нас е хорот на протагонистите кој цело време ќе агира преку сонгови специјално настанати за оваа намена, а кои се особено важни за споменатата транзиција од историјата во сегашноста. Музиката на композиторот Оливер Јосифовски и сонговите во Брехтовски стил се водилка и излез од историчноста, а влез во она што овде и тука ги тангира гледачите. Тие звучат химнично, моќно и решително.

Сцената што се раскрилува пред нашите очи е разголена. Авторот на сценографијата, Филип Јовановски неа ја населува со киповите на римските сенатори и со живите актери. Просторот истовремено е и римскиот Сенат, плоштадот или дом на Цезар, Брут...Најфасцинатен е сепак разголениот театарски простор чија асоцијација е „разголеното христијанство“ што понатаму ќе се прикаже во многу експлицитна режиска слика. Во секој случај, сценографијата се доживува како една визуелна драматургија, како лик во претставата...

Костимографот, Благој Мицевски, чие искуство е многупати потврдено и неспорно, овде се поигрува нудејќи наизменично костими со апликации кои историски го лоцираат дејството, потоа, детали односно решенија кои се „истргнати“ од актуелниот миг, современи по сите основи. Но, посебно треба да се одбележи и во други прилики користениот детал на човечката кожа како универзален стил и модел на костимирање. Станува збор за разголувањето на актерите и актерките. Костимографијата на Мицевски е динамична категорија, таа подразбира и облекување, но и свлекување на протагонистите. Строго функционално и продуктивно за целината на театарскиот чин.

Во моментот кога заговорот ќе биде скован, а Цезар опколен од заговрниците во сопствениот дом и кога ќе се колеба дали да оди во Сенатот, а по сцената во која тој трипати ја отфрла круната која му ја нуди Марко Антоние, режисерот Паковиќ, посебно го нагласува мигот кога Цезар ќе го прими ударот од својот сакан Марко Брут и ќе ги изговори зборовите кои остануваат врежани во историјата на цивилизацијата, „Зарем и ти, сине Бруте?“ Имено, токму во иста насока е насловот на овој Осврт „Цезар или Каменот паѓа од близу!“ Станува збор за една реплика од „бомбите“ со кои започна уривањето на режимот во РМ.

Оттука, па натаму асоцијациите и алузиите на случувањата во Рим и она кај нас само се множат и се мултиплицираат, така што гледачите неизбежно се соочуваат со ехото на историјата кое татни и заглушува. Сегашноста е заробена од минатото. Во светот многу малку нешто се променило кога е во прашање власта и моќта, корупцијата и полтронството. Сите се китат со флоскулите на демократија, републиката и општото добро, додека резултатот, за жал, е никаков. Срамен и обесхрабрувачки. Вака излегува, дека, „...не сме доспеале никаде!“

Во овој хорор, жестокост, суровост, бруталност и вулгарност, кои се главни одлики на режискиот ракопис на Паковиќ, истиот најкусо би можеле да го сублимираме како субверзија и перверзија! Посебно обрнуваме внимание на „разголеното христијанство“ кога свештеникот ( во креација на Александар Стефановски) ги благословува фалусите на видните римјани кога ги испраќа во поход на нивните жени, потоа сцените на силување, бестијалноста во односите, пеењето на сонговите инспирирани од библиските теми, а во кои божјото Амин ќе биде заменето со римското Аве!

Со еден збор во прашање е комплексно и волуминозно сценско случување кое ги заробува или атакува на сите сетила. Рецепцијата на претставата оди преку очите, ушите, јазикот...На сцената се лее крв, се мавтаат ножеви и на крајот таа се полни со лешеви. Класично, шекспировски. Во Епилогот на претставата Духот на Цезар, режисерот ќе го трансформира во Божјиот син Исус, патријарх на лицемерното христијанство. Ова лицемерие и прилично сликовито прикажано во претставата.

Соња Михајлова во ролјата на Јулие Цезар се наметнува како одличен и успешен избор. И по став и по стас и по сценската појавност и актерската дикција. Во неа има се што му се припишува на Цезар: мудрост, воздржаност, искреност и љубов...И две други актерки толкуваат машки ликови. Елена Моше го толкува Артемидор, а Кристина Христова ликот на поетот Цина кој несреќно ќе загине заради истото име со заговорникот Цина...

Особено интересно е конципиран и изведен и ликот на Марко Брут, главниот од заговрниците со чие дело се менува историјата, а овде во толкување на Борче Ѓаковски. Ова е веројатно една од неговите најзначајни ролји во кариерата која тој не пропушта можност „да ја зграбчи“ и „да ја исцеди“ до крај! Брут е лик на позитивец, чесен и искрен. Тој нема задна намера. Атентатот го врши од убедување дека помага за општите работи, а не за лична корист, што се разбира не важи за неговите соработници.

Затоа и страдањето е пеколно. Тој не убива омразен туку сакан човек. Не убива од омраза туку од љубов, а најмногу за праведност! Инаку, во претставата има уште двајца атентатори, Менча Каринча и Мара Бунева. Паралелата меѓу нив е уште една алка на премостување на историјата и локализирање на дејството. По извршениот атентат, Касие (Никола Пројчевски) паѓа во криза и му замерува на Брут дека повеќе го сака Цезар отколку него. Сцената завршува со директен доказ на љубовта во сексуалниот акт помеѓу Брут и Касие. Петар Горко е сигурен и самољубив во ролјата на Цицерон. Типичен бирократ кој постојано се мотка или низ тремовите на Римскиот сенат или по ходниците на Македонското собрание.

Моќно и супериорно во улогата на праведниот Марко Антоние настапува Иван Јерчиќ, а посебно треба да се одбележи креацијата на Викторија Степановска Јанкуловска во ролјата на Порција, жената на Брут која на виделина ги вади обесправеноста на жената и нејзината улога во бракот. Таа е длабоко засегната од недовербата на сопствениот маж и не се мири со својата состојба на статист во бракот и животот.

Останува силно врежана сцената во која таа се самоповредува и потоа со игла самата ги шие нанесените рани што многу потсетува на перформансите на самоповредување на Марина Абрамовиќ! Но, во актерска смисла во оваа претстава речиси и да нема слаба карика. За вкупниот впечаток да ги наведеме и имињата на Мартин Мирчевски, Маја Андоновска Илијевски, Валентина Грамосли, Илина Чоревска и Сандра Грибовска.
Да завршиме со констатацијата дека
„Јулие Цезар“ е уште една амблемска претстава што го легитимира Битолскиот народен театар како еден од водечките во земјава.

Значи, преку претставата се емитира порката, дека злото треба да се сотре навреме уште додека е во настанување, затоа што после може да биде доцна. Дали сте за република или за мафија?! Ако останувате недопрени и не реагирате, значи, ако ви е добро, тогаш ништо!

Фотографии: Александар Буневски