Проект „Македонија“

03.05.2018 01:57
Проект „Македонија“

Ќе ја согледаме ли конечно целата слика, на која секогаш ќе има детаљ и за Македонија, шарена, здружена, вклучена, почиста држава која ги почитува и својата традиција и европските вредности, и целиот миш-маш од нации, религии, идеологии, определби...?

Нечиста држава

(Проект 1: Зелени и европски вредности. Траење: Сè додека странците не нè заплакнат, да нè дезинфицираат, за да ни дозволат да им се приближиме... )

Секојдневно нè резилат дипломатски претставници, кои порачуваат дека државата ни, која оздола можеби е и убава, не се гледа, ваква затрупана во ѓубре и шут... Амбасадорите ни порачуваат дека се загубиле во прошетките низ „вечната ни, ем библиска Татковина“ - поради сметот, ни организираат акции за чистење на Кејот на Вардар во Скопје, на Стража, на Матка, на Водно, на Козјак..., пари ни даваат за проекти за заштита на животната средина, а сите нормални луѓе во државичево ни загадено, онака ептен еколошки, позеленуваат од мака. И се вцрвуваат од срам.

Екологија? Не вирее тоа во Македонија. Загадената...
Држава речиси без индустрија, ама со загадени реки и езера, со криминалци кои го жртвуваат и последниот ѝ квадратен метар зеленило
, со паланки кои влегуваат во сите листи на градови (оние вистинските, со централно греење на гас и со по стотици илјади урбанизирани жители) со највисоко аерозагадување во светот и со илјадници болни кои ги измачуваат алергии, астма, хронични белодробни опструкции..., со отруена почва за следните десетлетија и со тони натрупани хемикалии, ѓоа скриени со пласт земја среде престолнината, со...
Македонија со едно чудо маани... Ама, без надеж, барем засега, да ги прифати „зелените“ европски вредности...

Пораз на шампионите

(Проект 2: Демонтажа на националистичките наративи... Траење: Без можности за определување прецизен рок..)

„Шкендија“ е фудбалски шампион на Македонија! И тамам, човек да помисли дека се навестува времето кога и еден „албански“ клуб, сосема нормално, ќе биде првак (и, за жал, како и другите, „македонски“ клубови, барем краткотрајно ќе ја претставува Македонија во Европа, во квалификациите за играње со големите клубови), играчите на „Шкендија“ збеснале во соблекувалната. И, врескајќи од адреналинот и победничкиот занес, му порачувале на поразениот соперник – „Вардар“ дека го качиле / ќе го качат - на полниот орган!
Тажна ли е Македонија, за грев!

Држава во која и славјето е во стилот на сеирење оти цркнала на комшијата козата, откако го изела фрлениот отров преку тарабата... И да се само тоа - фудбалерите и навивачките групи, за кои само мртов - „поинаков“, е добар...

Едно чудо забегани содржавјани, од сите националности, ни се - за чиста држава! Во која сите ќе си бидат исти, едни демек, ист воздух ќе си дишат (загаден) сите роднини, од иста вера и крв, на иста (загадена) почва, затруена од отрови и со гнасотилаци покриена, ама нивна, демек, чиста, исплакната од оние „поинаквите“, различните, кои не требале ни да дојдат оттаму, од каде што дошле... И во која, така чиста, ќе си се мразат меѓусебно, од дното на душата, и ќе се колнат и пцујат на својот јазик... Во име на својот бог, својата крв, своите чисти и ексклузивни претци... Ќе ги трујат козите на првите комшии. И ќе се ситат. И победите, наместо гордо и достоинствено како вистински шампиони, ќе ги прославуваат како мали човечулиња, ситни души, лузери по дифолт...

Грда слика во напукнатата рамка

(Проект 3: Инклузивност... Траење: Сè додека не ја согледаме целата слика, на која сите сме толку мали и исклучени...)

Над 1.600 партиски правоверници, селектирани според „заслугите“, си биле на еднодецениски одмор, платени од државата, која, добро - под меѓународен притисок ама, и поради недоветност на едноумната политичка „елита“ (откако не сакаше сите навистина да бидеме еднакви, и со рамноправни шанси, низ натпревари во кои ќе победуваат најдобрите и наједуцираните да се докажуваме, дури и со кундаци спречуваше отворање на универзитет на албански јазик, за потоа, широкоградо да дозволи отворање на квазиуниверзитети, најпрвин на албански, ама потоа, и на македонски, во секоја поголема населба на релација село-паланка-гратче, во кои, дебелината на ковертот ја определува/ше брзината на стекнувањето на факултетската, магистерската или докторската диплома) напика од ракав извадени проценти, во демек - договорените рамки... Па, и во закон и Устав, без попис, за потоа, да не знае што да прави со последиците и да измислува и сектор за спроведување на утката, поради која никој сега и не смее да организира вистински попис... Сектор, во кој се тепаа за столче и за тоалет хартија...

Македонија, исклучена...

Македонското општество, за жал, нема „и“ од инклузивност. Го истоштуваат фобии. Треска го тресе... Вулгарниот грабеж што над една деценија се закануваше да ја дотолчи девастираната држава, го наследи недугавост на халуционеген его-трип... ОК, неспоредливи се криминалот и лудилото на претходната власт, со досегашната неспособност на новата.

Не се сите исти! Скраја да е. Ама..
Додека копја се кршат околу - во утнат тајминг и сосема непотребно, на мускули донесениот - закон за употреба на албанскиот јазик (како што би требало да се вика, без еуфемизми), јазикот на омраза станува повторно – службен јазик во мултикултурната, мултилингвална, мултинационална и мултиконфесионална Македонија...

‘Бати среќата! Нема шанси во догледно време, во антагонизираната и крајно исклучива Македонија, да дојдат на дневен ред за обид за нивно разбирање и вклучување, вистинските маргиналци во општеството...

Уште долго ќе си ги вадиме очите околу нациите и религиите... И за вината за исклученоста од светските текови, и за загаденоста, и за крпењето и доградувањето (наместо демонтажата или багер-варијантата за шовинистичките наративи) на разните заглупувачки, стиропорни дивоградби...

Додека не се свестиме и не прогледаме...

Слики: Небојша Гелевски