Денот после среда

04.05.2018 00:29
Денот после среда

Традиционалната граѓанска деловност и одговорноста со која келнерот му приоѓа на наплатувањето на сметката се заснова на неговата 'истренирана', редуцирана перцепција на реалноста. Тој 'само ја работи својата работа' (познатата изјава на Лени Рифенштал дадена во документарниот филм за нејзините филмови снимени во нацистичка Германија, но и теза на која Хана Арент ја заснова својата теорија за 'баналноста на злото') и тоа однапред го исклучува од каква било потреба ексцесните случаи да ги гледа како исклучок и нарушување на неговите дневни задолженија. Меѓутоа, недостатокот на морална чувствителност, пословична 'плиткост' и баналноста на таквата плиткост, автоматската лимитираност на перцепцијата која се задржува единствено на граѓански 'исполираната' површина на нештата (Арент) спаѓаат во поширокиот контекст на 'дисоцијативна' малограѓанска, морална нечувствителност за ситуации кои бараат напуштање на секојдневната комфорна рутина.“

Цитираниот извадок потекнува од исклучително интересниот есеј на Никола Ѓоковиќ кој се занимава со романот Брат на Давид Албахари. Тој е добра илустрација на фактот дека Албахари е еден од современите писатели кои со своите нови книги и натаму ги привлекува инспиративните анализи на познавачите и посветените. Меѓутоа, индикативно е дека во некакво пошироко масмеидумско поле, Албахари денес е многу помалку видлив отколку, да речеме, во германското говорно подрачје.

Земун, Швајцарија

Пред три-четири недели, беше 15 март, се падна во четврток, денот после среда. Писателот чиј последен роман се вика Денес е среда тој четврток наполни седумдесет години. Колку што успеав да забележам, роденденот во татковината на писателот помина сосема незабележано.

Културите со интегритет обично јавно го одбележуваат роденденот на важниот писател. Сепак, иако во Србија изгледа никој јавно не го ни спомена седумдесеттиот роденден на Давид Албахари, во светот не беше така. Роденденот најубаво и најдостоинствено беше нотиран во еден од два-три најважни дневници во германското говорно подрачје: во познатиот НЗЗ, големо интервју со писателот кое го водеше Андреас Брајтенштајн. Самиот Брајтенштајн во текстот отворено кажува дека Шведската академија згрешила што Нобеловата награда не им ја дала ни на Данило Киш, ни на Александар Тишма и кога би можела, на некој начин, да ја исправи таа грешка ако Нобеловата награда му ја даде на Давид Албахари.

И, навистина, Киш, Тишма и Албахари споделуваат неколку заеднички особини; сите се писатели на српски јазик, со еврејско потекло, чии опсесивни теми извираат од искуства од Холокаустот. Најмладиот од тројцата, единствениот јужњак и Балканец (Тишма е роден во Хоргош, Киш во Суботица, а Албахари во Пеќ), Албахари сепак во матичната култура има перцепција слична на оние на Киш и Тишма. Иако, името го стекнал како раскажувач, со неколку исклучителни книги со приказни, во последните дваесетина години, Албахари главно пишува Романи. Уште со една од своите први романескни книги (Мамец) ја добил наградата на НИН, а речиси сите негови подоцнежни романи доаѓале до тесниот или најтесниот избор за истото признание. Сепак, за разлика од некои други писатели, не е (сè уште) меѓу повеќекратните добитници. Иако, веројатно е најзначајниот писател кој денес пишува на српски јазик, кај дел од јавноста постои сугестија дека Албахари, божем, не е сосема „наш“.

Тоа се виде онаа година кога во најтесниот избор на НИН за оваа награда останаа само Филип Давид, Ото Хорват и Давид Албахари, па „загрижените“ гласови од десницата се чудеа заради „незадоволувачкиот коефициент на српството“ на врвот од годишната романескна продукција.

Сепак, тешко е да се каже дали само оваа „вознемирувачка различност“ е причина за своевидното непочитување на Албахари од фокусот на (книжевната) јавност. Не треба ни да се занемари ни фактот дека после пропаста на Столбовите на културата кои долго беа убедливо водечки издавач кога станува збор за важните домашни современи писатели, Албахари, со Владимир Пиштало, остана единствениот надвор од империјата на издавачката куќа Лагуна. Не намалувајќи ја важноста на Волшебната книга на Албахари, која овој писател го третира со должна почит, објавувајќи му и комплет Избрани дела (а, меѓу другото, слично е и со Пиштало и издавачката куќа Агора), се чини дека Лагуна денес е единствената издавачка куќа со доволно развиена „логистика“ своите писатели да биде во можност да ги одржи видливи во јавниот простор. Најпосле, и самиот Албахари од лични причини, кои можат да се насетат и од неговите последни книги, како и ретките јавни настапи, во голема мера самиот се повлече од „книжевниот живот“.

Болеста како метафора

Иако е плоден уметник како и Вуди Ален, Филип Рот и Цезар Аира, односно иако објавува практично еден роман годишно, Давид Албахари ја има таа привилегија романите речиси по правило да му се преведуваат на странски јазици, па го има и луксузот на повеќекратна рецепција. И, иако состојбата на книжевната критика во масовните медиуми во Србија денес веројатно е полоша од кога било во поблиското минато, не е дека не се пишува за книгите на Албахари. Меѓутоа, се чини дека овдешните повидни критичари, кога станува збор за поновите книги на Албахари, се упаднати во маниризам, па не се во состојба ни да ја забележат различноста на романот Денес е среда во однос на неговите непосредни претходници.

За среќа Албахари има повнимателни читатели другде. И, иако преводот на романот Денес е среда сè уште не е објавен на германски јазик, читателите на НЗЗ имаа можност да го прочитаат одговорот на Албахари зошто тој роман, за разлика од неколку претходни, не е напишан во еден непрекинат бернхардовски пасус.

Писателот одговара вака: „Болеста каква што е Паркинсоновата не може да биде добро прикажана во монолошко-мономанијакална форма. Не сакав да напишам приказна која ќе делува како ламент над моето сопствено страдање. Затоа, во романот постојат и параграфи и дијалози. Сакав болеста да биде метафора на нештата што ги почувствував во својот живот или кои ги забележав во животите на другите. Секако, човек мора да се запраша зошто токму него го погаѓа болест. Но, тоа е прашање на кое нема одговор. Дури кога ќе се разболиш, ја сфаќаш длабочината на страдањето. Мора да најдеш начин да живееш со болеста, да ја разбереш како дел од тебе, не да се бориш против неа, туку да се помириш со неа. И не треба да се плашиш од слабеење на меморијата, зашто, најпосле, сите нè чека колосален заборав. Да се биде дементен, исто така значи да се биде слободен.“

Среќата во седумдесеттата

Во Библијата се вели дека Бог на човекот му наменил животен век од седумдесет години. И, иако во развиениот свет просечниот и очекуваниот животен век одамна ја „надмина“ таа бројка, седумдесеттиот роденден како таков задржал голема симболика. Тоа важи за секој човек, а особено за писателот. Воведното прашање за пригодното роденденско интервју беше дали седумдесеттиот роденден за писателот повеќе било симбол за збогатување или ограничување.

Албахари одговори вака: „Како што старееш како писател, неизбежно се соочуваш со искуството кое се заканува да ѝ наштети на убавината на твоето пишување. Имено, пишувањето е процес на откривање – на самиот себеси, другите луѓе, општеството и светот како целина. Како што опаѓа амбицијата за откривање, пишувањето исто така почнува да ја губи силата. Во минатото си трагал по повеќе страст и повеќе енергија и си ја следел вистината со поголем интензитет. Нема да речам дека сум среќен што имам седумдесет. Но, ќе речам дека и на таа авозраст можеш да бидеш подеднакво среќен како и на која било друга.“

А, кога соговорникот ќе му постави конкретно прашање, како староста се одразува на пишувањето, писателот одговара: „Книгите стануваат пократки, зашто ти е сè потешко да се занимаваш со вишок информации. И, секако, правиш помалку грешки отколку кога си млад. „Интересно е ова интервју да се чита и како некаков сукус за размислувањата на Албахари за староста на писателот.

Тој се занимаваше со тоа во колумните што ги пишуваше во последните години. На пример, вака: „Писателот е стар, толку е стар што веќе не се сеќава кога последен пат пишувал за тоа. Меѓутоа, судејќи според гласните воздишки на читателите и нивните нестрпливи одмавнувања, тоа било многу поодамна отколку што тој си замислува. Но, на писателот му е сеедно. Поточно кажано, не му е сеедно, туку го чуди како староста веќе речиси нема никаква тежина во комуникацијата, и зошто му е ускратена до неодамна вообичаената улога на оној кој, да речеме, претседава со разговорот врз основа на своите години и своето искуство. Не, сега тоа место му припаѓа на оној кој има најбрз и најверодостоен извор на информации: извор со толку голем капацитет што тоа го надминува најобемниот и најчитаниот ум на некоја стара личност. И уште нешто: тој извор на сопственикот му овозможува постојано да се вклучува во разговорот иако не знае ништо за темата на разговорот, иако не поседува знаење туку само збир информации“.

Привилегија е да се има можност да се читаат книгите (и текстовите) на Албахари во оригинал. А, ако седумдесеттиот роденден е можност за едно можно симболичко повлекување црта, би било добро посериозно да се проговори за опусот на Албахари. Пред неколку години, списанието Градац од Чачак објави специјален тематски број за Албахари. Имајќи предвид какви тематски броеви доби(ва)ле писателите, мислителите и уметниците, тоа беше најголем можен комплимент. Меѓутоа, не може ентузијазмот на Бранко Кукуќ баш секогаш да го прави она што би требало да го прават системот и институциите.

Албахари сосема случајно е роден во првиот квартал од годината. Значи, има речиси девет месеци во годината кога писателот го слави седумдесеттиот роденден да се организира некаков симпозиум, тркалезна маса или конференција каде неговите почитувачи од Србија, таканаречените региони и светот ќе дискутираат и разговараат за неговите книги. Тоа не би било само гест на почитување за големиот писател, туку и гест на (само)почитување на една култура и еден јазик.

Лошо е кога културата самата не е свесна за своите најголеми вредности, а уште полошо е кога таа свест не се појавува дури и откако другите светски култури ќе покажат дека ја ценат таа вредност. Во таа смисла, и овој текст е само симболичен обид, макар и малку задоцнет, и во Белград да се појави еден вид јавна честитка за седумдесеттиот роденден на Давид Албахари.

Извор: http://www.nedeljnik.rs

Слични содржини

Книжевност

ОкоБоли главаВицФото