Обид за љубомора

07.05.2018 00:17
Обид за љубомора

Марина Цветаева (1892 - 1941), една од најславните светски поетеси на 20. век, е позната не само по несекојдневниот структурно-поетски израз и мотивите поврзани со љубовта и осаменоста, туку и по бурниот политички и интимен живот, чија турбуленција, страст и пркос се одразуваат и во нејзината поезија.

„Обид за љубомора“, во форма на редица саркастични реторички прашања кои бликаат од љубовна болка и огорченост, е песна во која многумина се препознаваат. Сепак, зборот „обид“ во насловот на песната ги релативизира чувствата на субјектот и ја слика кревкоста кој се наѕира под нејзиниот навидум силен и одлучен глас.

Р.Б.

 

Обид за љубомора


Како живееш со другата –
полесно, нели? Само замав со весло!
– и како далечната линија на брегот,
наскоро сите сеќавања

на мене, остров што плута
(по небото – не по водата!) ќе ги снема.
Души, души! – треба да ти се сестри.
Љубовници за тебе нема!

Како живееш со обична
жена? Без своја главна божица?
Откако ме симна мене, владетелот
(напуштајќи си го престолот).

Како живееш? Се тревожиш ли?
Се ежиш? Како стануваш секое утро?
Со данокот на бесмртното секојдневие
како се справуваш, човече кутро?

„Од хистерични сцени, доста
ми е веќе! Се селам во друг стан.“
Како живееш сега со жена проста –
Ти, кој беше мојот избран?

По твој вкус ли е? Послатко ли
ти е јадењето? Ако ти се лоши, не плачи.
Како ти е да живееш со бледо огледало –
Ти, кој го изгази Синај, ти!

Како живееш со туѓинка,
тукашна? Од обично ребро направена?
Ја сакаш? Или можеби ти тежи срамот
ко Зевсови узди околу главата?

Како живееш – дали си мудар,
здрав ли си? – можеш да пееш? Како?
На бесмртната совест болката и знакот
како ги носиш, човеку кутар?

Како живееш со пазарна
стока? Да не е прескапо платена?
По овие мермери на Карара,
како живееш со гипсена

ронка? (Од карпи исклесан
беше Бог – и на парампарче скршен!)
Како живееш сега, со една од илјада –
Ти, кој со Лилит беше свршен!

Од новотиите пазарски
се засити ли? Кон волшебни доблести
студен, како живееш сега – ти, осуден
на земна жена, без шести

сетила?... Ајде, биди искрен.
Среќен си? Не? Се вртиш во круг?
Како живееш, мој љубен? Тешко,
ко што ми е мене со друг?

Препев: Магдалена Хорват

 

 

ОкоБоли главаВицФото