Младата вештерка Калиа денес, 2018

07.05.2018 10:32
Младата вештерка Калиа денес, 2018

 Калиа Димитрова предизвика внимание уште со првите песни објавени на порталот Окно, каде што сум уредник. Неколку илјади луѓе ги прочитаа нејзините три песни објавени во февруари 2017. Подоцна објавивме уште неколку; и тие беа проследени со истиот голем интерес, нетипичен кога станува збор за поезијата кај нас.

Од тогаш помина година и кусур. Во тој период настана книгава, седумдесетината песни овде застапени. Ми се чини дека постои значајна разлика меѓу поновите и „постарите“ песни на Калиа. Таа битно се промени, и како писателка, токму последнава година. И мило ми е што го сведочев и учествував во тоа менување. („На моменти ми личеше на посматрање на ветар. Можев да ја видам само по работите што ги помрднуваше.“) Не се сомневам дека и во годините пред нас живата жива, Калиа, ќе продолжи силовито да се разлева, токму според својата жизнена природа (таа не цупка туку јури, ко враже!) ‒ но особено ми е драго што овој момент од нејзиното писателско созревање го кадросавме во книга (трага од драга тага).

А таа (оваа) книга е жизнена, силовита, продорна, свежа, нежна, приемчива, заводлива, самосвесна и нималку климоглава ‒ баш како самата Калиа. Освен тоа, има јасна дикција, непосреден израз и неприкриен активистички (општествен) ангажман.

Во книгава го има ‒ и така белки мора да биде ‒ она што веројатно го има во авторката: и аздисаност и задишаност, и хмурност и хуморност, и смајаност и насмеаност (понекогаш таа, изминатава година, ми личеше, едновремено, и како најсмајана и како најнасмеана).


Дебитантскава книга има и слабости: баш и не изгледа, во моментов, дека книжевноста на Калиа ѝ е на прво место. Повеќето песни се неизбрусени, малку груби, понекогаш наивни и патетични. Синтаксата е релативно сиромашна, како и лексиката. Тук-таму, во налетот на емоции, се провлекуваат баналности и тривијалности.

Рилке вели дека стиховите се кондензирани искуства. Тоа се чувствува и во „Вештерките...“: целава збирка наликува на некаков психограм на растење и бележење; поетскиот говор е впечатлив и сликовит, а сликите често се во функција на некоја мисла, идеја, доживување... Песните се нагласено „социофилни“ бидејќи авторката нуди поглед на еманципирана и социјално освестена жена која се буни против неправдите, но притоа сопствените животни искуства не ги соопштува наметливо и не ги радикализира заклучоците.

Заправо, Калиа е повеќе сетилна отколку „ангажирана“ и „промислена“. И можеби е попрецизно ако нејзините песни, наместо „кондензирани искуства“, ги наречеме квалии (qualia) ‒ прераскажани телесни или перцептивни доживувања. Во филозофијата на умот, квалии се карактеристики на сетилното искуство: „она што го опишува доживувањето“ на некои ментални состојби како болка, уживање, или доживување на боја. Qualia се базира на непосредното сетилно доживување и спротивна им е на „пропозиционите ставови“ базирани на верувањето во искуство.

Можеби нејзините песни балансираат помеѓу „материјалниот“ и „духовниот“ свет или, поинаку кажано, помеѓу меланхоличното и екстатичното, како што вели Хофманстал во фамозните Писма на Лордот Чандос. На тој начин Калиа можеби ја следи тезата на чудесновишниот ониричар Роже Кајоа кој тврдеше дека постои континуитет помеѓу материјата и имагинацијата: „Супстанциите и сништата се служат со поинакви патишта, ама од ист вид. Во таа смисла, тврдам дека постои континуитет помеѓу материјата и имагинацијата. Се осмелувам да речам дека истото делување на нервите проникнува едно единствено поле и на своите оддалечени крајности ‒ толку различни што оставаат впечаток дека се спротиставени ‒ им наметнува постапки и норми, ако не идентични, а тогаш барем кохерентни, поклопувачки и хомогени.“

„Вештерките денес“ се поделени на три дела: млада, полна месечина и затемнување. Иако месечината е клучен симбол на збирката, има тука и многу сонце и растенија. Најприсутна тема, ми се чини, е љубовта, т.е. релациите. Полската поетеса Ева Зоненберг вели: „Ако каже што чувствува ќе ја избегне баналноста“. Калиа релативно отворено ја обработува својата клучна тема, сепак трудејќи се да биде деликатна во отвореноста. А тоа на повеќето песни им дава сериозност и длабочина. Би ги издвоил следниве „љубовни песни“: невидливи, време, сансеверија, соба во краков, соба во вилнус...

Љубовта, како откривање на светот и другоста, овде често е поврзана со патувањата, со градовите и континентите... Калиа неколку години живеела и студирала во САД, Литванија, Холандија и Полска и десетина песни во збиркава (синиот град, њујорк, во париз, кон полска, мојата соба...) на некој начин се занимаваат со темата на изместеноста, со преплетот на географските и временските зони.

Најважните теми во збиркава, градот и феминизмот, не се баш чести во македонската книжевност. Но, внесувајќи нови теми и погледи, па и нови семантички слоеви, авторката не ги заборава старите вредности; една песна, баш за Скопје (град во облаци), суптилно му е посветена на Блаже Конески, како наук дека благородната книжевност настанува токму токму на споевите меѓу различните генерациски и поетички интереси. Од „градските песни“ ги препорачувам: ноќна птица, орце николов во недела, април во Скопје...; меѓу „феминистичките“: мачки, девојко, сега кажувам, не ми кажувај да се смеам...

Лирскиот субјект во „Вештерките...“ е самосвесната (горда на својата женскост) млада девојка, бунтарка, сугестивна, духовита и шармантна - но идентификацијата на читателот сепак не оди толку мазно бидејќи авторката, склона кон провоцирање и „нарушување на јавниот ред и мир“, на својата почва поставила нагазни мини.

Важно е да се спомне и суптилниот хумор на Калиа, понекогаш бунтовнички, но најчесто нежен. Хуморот често е изразен и преку јазичните игри и досетки. Зад јазичните игри понекогаш се наѕира и поглед на дете (кој можеби има врска и со поп културата како важна лектира и извор на идеи и референци).

„Детскиот“ поглед ‒ кога ја нема патетичната кич функција на засладувач ‒ дава непосреден израз, зачудност, искосеност, свежина и можеби го отвора просторот кон митското време, блиско до поетското време („Јас сум своето сопствено скривалиште“, вели Алан Боске).

„Враќањето во детството“ како кон некаков архетипски простор-време е еден од интересните мотиви на збирката, но важно е да се нагласи дека овде не станува збор за сентиментално враќање кон „фактите на детството“ туку за ловење на бахтиновскиот хронотоп, моментот на кристализација (што е суштински поетска постапка). Тогаш можеби работите (песните) оживуваат како Голем (од кал, честици и зраци) и се будат митските слоеви кои не се ни минато ни сегашност туку нешто „поголемо од стварноста“ (Башлар). Во оваа смисла интригантни се песните восок, тие, мајка, крштевање, тенки долги прсти подложни на реума...

Стилот на Калиа е емотивно реалистичен, со нежни ретки преплетувања на фантастични слики и евокации. Нејзиниот јазик на моменти е колоквијален и „баналистички“, но зад често слаткастата површина се кријат бруталистички замки. Дражеста наеднаш станува вражесна. Структурата на нејзините песни е повеќе архитектонска отколку „органска“. Версификацијата е наивна, но функционална.

Во песните често отсуствува попрецизна звучна организација. Мелодиозноста е присутна но е далеку од секоја музичко-метричка механика. Акустичките ефекти најчесто се губат пред сликите, а оркестрацијата пред семантиката. Низ песните одѕвонува слична мелодиска и јазичка напнатост; синтаксата не е компликувана, но ритамот (освен кога го нема) е инкантациски, зашеметувачки, токму како што ѝ прилега на една елегантна современа млада вештица и феминистка која има што да соопшти.

точакот на бети / свети како диско топка / по долгите булевари. / уличните светла / згаснуваат / пред нејзиниот сјај. / таа не вози. лебди / пар сантими / над асфалтот / што се топи под неа. // бети има црна коса / црвени усни / боси стапала / и светкави канџи. жена вражесна / со жар за неволја. // кога ја видов бети / очите ми станаа / вжештени комети. / сè што сакав да знам / е како и јас / да станам вештерка. (вештерките денес)

Повеќето песни на Калиа најчесто се строго вертикални; најдобрите од нив, ми се чини, се речиси аскетски во обидот да бидат исчистени од украси, ѕвончиња, стакленца и светленца. Тогаш наликуваат на скастрени новогодишни елки или дури скелети, суви, зглобовити, речиси голи, без украсни тракатанци... А сепак се елегантни, цврсти и снажни, како некои скапоцени парченца накит. Како Калиа Димитрова во своето поетско-архитектонско градителство да следи една програмска изјава на Весна Парун: „Татко ми е Бегство, а мајка ми Невозможното“.

Моја омилена песна во збиркава? birdman.

питом и сам / си седи стуткан / во своето гнездо: / две шарени столици / дрвени креденци / и книги со платнени корици. // дење се шета со јато ластовици. // птица е / со чудно тело / наполнето со зборови. / толку се дуе, / со иглата за коса / можам да го дупнам / и препарирам за моите полици.


Фотографиите на Јелена Белиќ се од промоцијата на книгата одржана на 27.04.18. во МСУ во Скопје.

 

ОкоБоли главаВицФото