Волшебник

08.05.2018 00:54
Волшебник

Тагата и болката ги претвора во радост и уживање. Со своите ножици го сече светот. Сече и го отсекува она што е грдо и лажно.

Стариот сликар лежи во својата постела и размислува за смртта. Ноќ е и тој ги гледа сенките кои претрчуваат преку ѕидовите од собата. Не може да заспие. Бара студено место на перницата. Го боли телото од долго лежење. Топло е и тој тешко дише. Чувствува мачнина. Стомакот му е подуен како балон. Страда од гасови. Нозете и рацете му се потечени. Собата мириса на мочка. Некогаш сакаше да го промени светот. Сега има реума, го мачи киселина во желудникот и има несоница.

Тежок, со огромен стомак, лежи во тој кревет по цели денови. Ретко станува. Тешко му е сам да стои. Го туркаат наоколу во инвалидска количка. Одамна како е славен.

Одамна како ги помести границите на уметноста. Големите подвизи се сега зад него. Многумина поверуваа дека веќе нема што да се освојува. Ги доби сите признанија. Веќе не можеше да се сети на сите победи. Постигна сè што можеше да се постигне. Патуваше и виде се што вредеше да се види. Сега полека ослепува. Му остануваат само спомените, матни и речиси нестварни како телата на жените што некогаш ги сликаше и светот виден низ отворен прозорец.
Сега е сам во темнината. Од оваа соба нема веќе никогаш да излезе.

Лежи така стариот сликар во постелата и се сеќава на кутијата полна со боички. Подарок од неговата мајка. Кога како дете првпат ја отвори таа кутија – боите експлодираа како огномет и го обоија светот.

Оттогаш го бараше тој восхит. Го наоѓаше секаде и ги исполнуваше сликите со убавина. За да можат другите да ја видат така како што тој ја гледа. Сега е стар и уморен. Веќе не може да слика. Колку и да се обидува четкичката му испаѓа од рака. Затоа реши да ја замени со големи ножици. Ножиците барем не му испаѓаат од потечените прсти. Така, седејќи во темнината, мижејќи, стариот сликар го врти на сите страни обоениот лист хартија од кој ножицата ги ослободува непотребните делови. Во неговите раце одново се пресоздава светот. И се случува чудо.

Голи танчерки со расплетени долги коси го опкружуваат. Нивните убави тела се извиваат околу него понесени од звуците на пановата флејта. Во собата од ѕидовите избива зеленило. Од подот растат дрва. Тие ги шират разлистаните гранки. Расцутуваат виолетови и жолти пупки. Од цветовите се шири опоен мирис. Крескаат шарени папагали. Златни птици летаат над неговиот кревет. Очи на тигар блескаат подмолно во зеленилото. Потоа морето шумно влегува во собата. Од морето излегуваат капачки. Нивните тела се сини како водата. Уште еден бран и големото црвено сонце заоѓа. Звукот на фанфарите најавува промена. Настапуваат циркузантите. Акробати во светкави трикоа скокаат еден преку друг. Одачот по јаже под таванот ги раширил рацете.

Сенки на трапез се превртуваат во воздухот. Розово коњче јури во круг околу креветот. Девојчето што стои на неговиот грб има фустанче од сребро исковано од месечева светлина. Кловновите имаат смешни шапки, црвени носеви и лица бели како смрт. Музичарите од оркестарот дуваат во своите труби, тромбони и саксофони. Пука жица на контрабасот. Jazz. Нивните чела блескаат од пот. Црна танчерка го извива телото во ритамот на тапаните...

Така смртта за Анри Матис (Henri Matisse) стана голема прослава на животот. Лежејќи во својот кревет со ножици во рацете или поместувајќи со долг стап по ѕидовите од собата исечоци од обоена хартија, тој одново ќе ги помести границите на уметноста.

Наспроти ужасот на постоењето, наспроти свото тело, наспроти незапирливото време, наспроти неизбежната смрт. Тагата и болката ги претвора во радост и уживање. Со своите ножици го сече светот. Сече и го отсекува она што е грдо и лажно. Остануваат само убавината и вистината.

 Слики: Анри Матис

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото