Пет филмови од Македонија ќе бидат претставени во Кан

10.05.2018 00:47
Пет филмови од Македонија ќе бидат претставени во Кан

Со еден филм во официјалната компетитивна програма и со четири најнови остварувања што ќе бидат прикажани на филмскиот маркет, филмската уметност од Македонија ќе биде претставена на претстојното 71 издание на престижниот Кански филмски фестивал.

Во официјална фестивалска конкуренција ќе се прикаже филмот „Дивата круша“ во режија на Нури Билге Џејлан (копродукција меѓу Турција, Македонија, Франција, Германија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Шведска.

На филмскиот маркет ќе се прикажат два најнови филма, „Хепинес ефект“ во режија на Борјан Зафировски и „Дедо и внук“ во режија на Илија Пиперковски. Освен долгометражните, на маркетот за краткометражни филмови „Short film corner“ ќе учествуваат краткомeтражните филмови „Една“ во режија на Вук Митевски и „Готлиб“ во режија на Крсте Господиновски.

Македонија по деветти пат ќе учествува на филмскиот маркет во Кан со свој промотивен штанд во рамките на Павилјонот на земјите од Југоисточна Европа, заедно со уште седум земји од регионот.

„Филмот е најсилниот културен медиум и затоа сметаме дека неговата видливост на најзначајните филмски смотри во светот треба да биде максимално искористена за достојна презентација. Во изминатиов период активно работевме да подготвиме модерна и атрактивна промоција на македонскиот филм во Кан.

Селекцијата на филм со македонско малцинско учество во главната конкуренција, е голем успех, но и другите проекции на филмскиот маркет не се помалку значајни. Иднината на малите кинематографии е во копродукциските проекти, а меѓу силната конкуренција во светот можеме да парираме само со добро организирана промоција за која годинава особено се потрудивме и внесовме многу новини“, посочуваат од Агенцијата за филм на Македонија.

Од Агенцијата информираат и дека во дневните изданија на списанието „Холивуд репортер“ ќе ја рекламираат Македонија како дестинација за снимање филмови.